Bogorodica.Rajcica.jpg

IV. БОГОРОДИЦА - ПОЧЕТОК НА НОВИОТ ЗАВЕТ

Личноста на Марија е исполнување на Стариот завет, во Неа Христос го започнува Новиот завет. Во Нејзиното тело, со вооплотувањето се остварува преминот од едниот Завет во другиот. Низ целиот Стар завет, сè до неговата крајна точка, во телото на Марија, садот на Бога, премудроста постпено го градеше својот дом.  Таа жена пророкувана, жена - идеал, подготвена и избрана да соработува во обновата на срцето и духот на човештвото, ни е претставена во ликот на Пресвета Дева Марија.
Во Новиот завет сосема малку се кажува за Марија, Мајката на Исуса Христа. Од четворицата евангелисти, само двајца, Матеј и Лука, раскажуваат за раѓањето на Исуса Христа во Витлеем, ја спомнуваат Неговата Мајка и ги опишуваат околностите. Марко воопшто не ја спомнува Марија. А во Јовановото Евангелие, таа се појавува само двапати: на почетокот, во расказот за свадбата во Кана Галилејска, каде што таа се заложува кај својот Син, за послужителите на гозбата кога им снемува вино (Јован 2, 1-11), и уште еднаш, на самиот крај од Евангелието, каде што ја гледаме како стои покрај Крстот на својот распнат Син. Во книгата Дела апостолски, чиј прв дел е посветен на животот на првата христијанска заедница во Ерусалим, Дева Марија се споменува само еднаш, во првата глава каде што е речено дека учениците биле заедно на молитва со некои жени и со Марија, Мајката на Исуса и со браќата Негови (Дела 1, 14). Во ниедна од останатите Новозаветно книги, во ниедно послание од св. апостол Павле, или на другите апостоли, не е кажано ништо за неа.

 
IV. 1. Радосната вест – почеток на Новиот Завет
Со архангелската благовест и со симнувањето на Светиот Дух на Пречиста Дева, започнува историјата на Новиот завет. Благовештението е почеток на нашето спасение и откривање на тајната, која е уште од пред вековите: Синот Божји, Син на Дева станува и Гавриил објавува блага и радосна вест (од тропарот на Благовештение). Божјата волја беше објавена од страна на архангелот. Но Девицата не молчеше. Таа одговори на Божјиот повик со скрушеност и вера. Еве ја слугинката Господова, нека Ми биде според зборовите Твои (Лука 1, 38). Божјата волја беше прифатена и доби одговор. А човечкиот одговор беше многу битен во тој момент.
А како Марија станала Мајка на Бога не треба да испитуваме. Свети Јован Златоуст вели: „Не оди понатаму и не барај повеќе од тоа што е кажано.“
Свети Јован Златоуст, Благовештението го нарекува „празника на Коренот“, во смисла на апсолутен почеток кој води во Новото време (Новиот завет). Стоиме пред непрониклива тајна на Оној, Кој раководи со времињата и настаните, пред најзачудувачкиот факт дека Оној, Кој нема почеток, почнува.
И навистина - има ли во овој свет, во севкупната неговата богата и сложена историја нешто поубаво и повозвишено од човечкиот лик на оваа девојка? И, ете, затоа – како што пее Црквата – на неа, на Пречистата и Благодатна ѝ се радува сета твар.
Овој свет е преполн со многубројни книги што зборуваат за борби и натпреварувања, книги во кои нивните авторите сакаат да ни кажат дека патот до среќата води преку омраза. И во сите тие безбројни книги никогаш и нигде не се појавува зборот „радост“ и дури луѓето не знаат што е тоа радост. А гледај, таа радост што Господовиот ангел ѝ ја објавил на Марија, продолжува повеќе од две илјади години да трепери во овој свет, да ги потресува и да ги разбранува човечките срца. Поминале толку векови, а ние и понатаму го слушаме тој поздрав на радоста и радоста во топли бранови одвнатре го облева нашето срце.
Свети Григориј Неокесариски, китејќи го кусо евангелското зборување со цвеќе на убаво беседништво, вели: „Бог го повика Гавриил, првиот меѓу ангелите, да ја објави големата тајна на воплотувањето на Својот Син и му рече: „Оди Архангеле и послужи на чудото. Поттикнат од Своето милосрдие, Јас ќе го побарам заскитаниот Адам. Гревот го огруби создадениот според Мојата слика, го расипа созданието на Моите раце, ја помрачи убавината што ја дадов, становите на рајот останаа празни, дрвото што дава живот се чува со пламено оружје, местото на сладост и блаженство е затворено, сакам да го помилувам страдалниот и да го врзам непријателот. Но Јас сакам да ја скријам оваат тајна од овие небесни сили и тебе единствено да ти ја доверам.“ „Оди во Назарет, малото галилејско гратче – додава Андреј Критски – оди во Назарет, во кој живее Дева, свршена со маж по име Јосиф, а името на Дева е Марија. Оди и објави ја оваа радост што некогаш ја изгуби Ева, но не ја растревожувај Нејзината душа, затоа што ова е благовест на радост, а не на жал, тоа е поздрав на веселба, а не на тагување.“
И кога влезе ангелот при Неа, рече: радувај се благодатна! Господ е со Тебе! Благословена си Ти меѓу жените! (Лука 1, 28)
И тогаш се исполни времето проречено од Даниил дека Бог ќе благоизволи да го исполни Своето ветување на прогонетиот Адам и пророците, како што велат некои свети отци, токму кога света Дева Марија го читала Светото писмо, поточно пророкот Исаија (Иса. 7, 14), каде што се вели: Ете девојка ќе зачне и ќе роди Син, во тој момент се јави архангел Гавриил во светлина, влеејќи ѝ: Радувај се Благодатна! Господ е со Тебе!  Со ова Радувај се Благодатна! – почна драмата на новото создавање, Новиот завет. Тоа е првиот почетен збор, со кој почнала да се подига завесата на големата тајна. Архангелот Гавриил ја нарекува Дева благодатна затоа што душата нејзина како храм била исполнета со животворни дарови на Светиот Дух, со небесни мириси и чистота. Радувај се благодатна, зашто си радост на небесните сили, украс на новото создание; радувај се, ти си почеток и корен на неискажливите добра; радувај се ти си врв и исполнување на сè што е свето.  Радувај се, орудие на мирот, со кое се подига осудата што го осуди светот и кое дава право на радување. Радувај се Ти, Која си благословена и препрославена, Која си го сосредоточила во своето лице целото богатство на благодатта, која си избрана од сите родови и племиња, света и со тело и со дух. Радувај се девствена земјо од Која се образува Новиот Адам, за спасение на стариот Адам. Радувај се благодатна, Господ е со Тебе! Оној што е најсвет по природа на чуден начин се воплотува и се зачнува во утробата на Дева, во исто време не престанува да биде она што бил, а станува она што не бил. Благословена си ти меѓу жените затоа што Бог те одбра да бидеш Негов стан и затоа што Ти во Себе Го сместуваш Оној, Кој е поголем од секое место; затоа што си го примила тоа богатство во кое се наоѓаат сите блага на премудроста. Ти си благословена што си посреќна од секоја мајка, бидејќи се удостои да бидеш Мајка на Својот Создател.  Архангелот ја нарекува благословена меѓу жените затоа што таа единствена ја исцели раната Евина, единствена ги избриша солзите на расплаканите, единствена ја поднесе цената за искупување на светот, единствена го доби за сокровиште најскапоцениот бисер. Ти единствена си, Која во утробата прими без страст, роди без болка и остана Дева.
Навистина, благословена е меѓу жените и пример за секоја жена; пример е за девиците, зашто е секогаш Дева; пример е и за мајките, зашто нејзината мајчинска љубов го надминува секој ум.
А таа штом го виде, се уплаши од зборовите негови и помисли каков е овој поздрав? (Лука 1, 29)
Дева Марија изреагирала и се збунила како дете; зашто, навистина, Таа и е дете. Господ рече: Ако не се повратите и не бидете како деца нема да влезете во царството небесно (Матеј 18, 3). Овој свет на страсти и пристраснисти брзо го старее човекот. Нашето детство е многу кратко, и во модерното време ќе биде сè пократко и пократко. Кој може да се поврати и да биде уште еднаш како дете? Марија била и останала целиот свој живот дете, по чедноста и наивноста, по стравот и послушноста кон Бога. Не отишла ли Таа во Царството на Својот Син уште пред Неговата проповед за Царството? Гледај, царството Божјо било внатре во неа! Како дете таа се уплашила од појавата на ангелот; како дете и помислила: каков е овој поздрав? Ништо извештачено, ниту извртено, ниту има нешто суетно кај неа, но сè било детски просто, чедно, јасно и наивно.
И ѝ рече ангелот: Не бој се Марија, зашто си нашла милост пред Бога (Лука 1, 30).
Великиот Гавриил, кој присуствувал на создавањето на човекот во почетокот на времето и кој има моќ да проѕре во душата човечка, ги гледал бурните помисли на Пречистата Дева појасно отколку што ние можеме да гледаме го гледаме телото. Тој ја виде, значи, вознемиреноста на нејзината душа и побрза да ја смири со умилни зборови: „Не бој се дете! Не бој се благодатна ќерко Божја! Не бој се, најблагословена од сите смртни, бидејќи благословот Божји ќе слезе преку Тебе на целиот човечки род!“ А, свети Андреј Критски продолжува: „Не бој се Марија! Ти си нашла благодат во Бога, благодат која не ја примила Сара, која не ја осетила Ревека, со која не се удостоила ни славната Ана. Бидејќи, иако тие постанале мајки, со раѓањето го изгубиле девството. А ти, станувајќи Мајка, го задржуваш и своето девство неповредено.“
И ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син и ќе Го наречеш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот, и ќе му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давида; и ќе царува над домот Јаковов и царството Негово нема да има крај (Лука 1, 31-33) .
Со нагласувањето на зборот во утробата, архангелот како да сака однапред да ни соопшти дека Христос се родил во вистинско тело, а не во привидно, како што тврделе некои еретици низ христијанската историја. Самото име Исус – по еврејски Јешуа, исто така, е значјно. Тоа означува Спасител, и така, всушност, преку Богородица доаѓа Спасителот на светот. Сè што понатаму соопштува Архангелот, е пресметано на тоа да ја увери Дева дека нејзиниот Син ќе биде очекуваниот Месија. Дека Он ќе биде Син на Севишниот и дека од Бога ќе го добие Давидовиот престол.
И секој ќе падне во крајна недоумица, откако ќе размисли за чудото: како Бог слегол од небесата и си приготвил живеалиште во мајчината утроба; како Божјата природа се облекла во човечко тело и не се гнасела да живее девет месеци во утробата; и како утробата, бидејќи тело, можела да издржи во себе оган, и како во слабата утроба живеел пламен, без да ја изгори?! Ново чудо извршил Бог во средината на земнородните; и Сам се раѓа од Жена, која не познала маж.
А Марија му рече на ангелот: „Како ќе биде тоа кога јас не знам за маж?“ (Лука 1, 34)
Марија добро го запрашала ангелот како е тоа можно? Нејзините прашални зборови не изразуваат неверување на кажаното од Архангелот, туку само нејзината детска невиност. Затоа што таа уште порано читала како е речено дека девојка ќе зачне, но никаде не прочитала како ќе се случи тоа. Таа била исполнета со благодат Божја и точно знаела дека ќе Го роди Благовестениот, но не знаела на кој начин тоа ќе се случи.
Ангелот ѝ одговори и рече: „Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји. Ете и Елисавета, твојата роднина, за која велат дека е неплодна, и таа зачна син во староста своја; нејзе ѝ е веќе шести; зашто нема да остане во Бога ниеден збор без сила“ (Лука 1, 35-37)
Пресвета Дева на поставеното прашање доби и соодветен одговор. „Ако Бог сака, ги победува законите на природата.“ Ангелот ѝ го кажува начинот на кој ќе зачне, дека тоа нема да биде природен човечки начин, туку на натприроден. „Од Него ќе зачнеш во утробата. Он ќе Го изврши во тебе тоа зачнување. Зашто низ тебе Господ ќе пројде како зрак и ќе те освети и просветли со Божествена слава и ти ќе постанеш вистинска Божја Мајка, раѓајќи Го совршениот Бог и совршен Човек и останувајќи при зачнувањето, за време и по бременоста девојка, каква што си била и пред породувањето. Тоа ќе го направи силата на Севишниот со доаѓањето на Светиот Дух. А сигурен доказ е тоа што твојата тетка Елисавета, како неротка во младост, а веќе стара, зачна син, зашто така сакаше Бог, Кој неможното го прави можно. И ете, твоето зачнување ќе биде еден, единствен случај во времето и единствен случај во вечноста.“
Марија, пак, рече: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!“ И ангелот си отиде од Неа.  (Лука 1, 38)
Се чини дека пред ваквата, неспоредливо голема вера на Пресвета Дева, дури и верата на самиот Авраам, таткото на верните, кој поверувал во прореченото раѓање на Исак од престарените и неплодни родители - изгледа како зрнце синапово наспроти верата на кедарот ливански – Богородица. Во деновите на создавањето на светот, кога Господ ги изговори Своите животворни и моќни зборови Нека биде, зборовите на Создателот го повикаа созданието во постоење. Но во оној ден, единствен во историјата на светот, кога Пресвета Марија го изговори своето скромно и послушно нека ми биде, тогаш зборот на созданието Го повика Создателот да слезе во светот. Нејзиното скрушено нека ми биде, беше неопходно за да се оствари Господовото моќно Нека биде. Каква таинствена моќ се крие во овие едноставни зборови!
И така, со дејство на Светиот Дух, без телесна, но со духовна наслада, се изврши зачнувањето во утробата на неискажлив начин. И ангелот си отиде од неа, восхитувајќи се и славејќи ја тајната на Божјото очовечување.
А кротката Марија, сега веќе Мајка, преисполнета со радост од зборовите на Aрхангелот, посака да ја сподели таа радост со некоја блиска личност. Поведена од Светиот Дух, Богродица поитала кај Елисавета за заемно да се радуваат и да си прераскажуваат за чудните и преубави Божји дела.
А Марија, како стана во тие дни, отиде набргу во ридскиот крај, во градот Јудин: па влезе во домот на Захарија и ја поздрави Елисавета (Лука 1, 39).
Пресвета Дева отиде кај Елисавта сама, затоа што сакаше да ја зачува тајната на Божјата работа за наше спасение. Пресвета Дева, доаѓајќи блиску, ја постигна својата намера и ја поздрави својата роднина Елисавета. Кога го слушна поздравот на Марија, заигра младенецот во утробата нејзина (Лука 1, 41), со почит ја отпоздрави и ја прими не само како роднина, која ја сака, туку и како благодатна Мајка Господова, што и прави милост со тоа што ѝ доаѓа во посета.
Елисавета се исполни со Дух Свети, па извика гласно и рече: Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утоба. И откаде со мене ова, при мене да дојде Мајката на Мојот Господ? (Лука 1, 41-43)
Кога Пресвета Богородица стигнала во домот на Елисавета и ѝ кажала неколку зборови, се исполни со благодат од Светиот Дух. Оваа благодат на Духот Господов ѝ ги даде на света Елисавета оние чудни зборови што ги изговори. И самиот Претеча Господов Јован, бивајќи уште во утробата на мајка си, иако не гледаше, сепак го почувствува присуството на Дева, која Го носи Господа, со тоа што заиграл во утробата, па на тој начин ја научил и мајка си кој доаѓа во посета. Елисавета ѝ вели благословена си ти меѓу жените. Благословена е бидејќи ги надмина сите, зашто преку неа ќе се јави во светот одамна ветениот Спасител.
И блажена е таа, која поверува, зашто ќе се исполни она, што ѝ рекол Господ (Лука 1,45).
Слушајќи ги Пресветата Дева од Елисавета овие зборови, што ги слушна претходно и од Архангелот, се убеди дека сето ова се случува според вдахновение од Светиот Дух. Сите пророштва кои беа искажани од разни лица сега ѝ станаа јасни, и со восхитување ги кажа следниве зборови: Мојата душа го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој, оти ја погледна смиреноста на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме ублажуваат сите родови; зашто Силниот ми направи големи дела, и свето е Неговото име; и милоста Негова е од колено на колено за оние, што се бојат од него. Он покажа сила со раката своја; ги распрсна оние, што се гордеат со мислите во срцата свои; гладните ги исполни со добра, а богатите ги отпушти празни; го прифати Израилот Својот слуга, сеќавајќи се на милоста како што им зборуваше на татковците наши, на Авраама и на семето негово до века (Лука 1, 46-55).
 (Продолжува)

Друго:

 

 

 

Diplomska.Josif.jpg

ДИПЛОМСКА РАБОТА

БОГОРОДИЦА - ПОЧЕТОК НА НОВИОТ ЗАВЕТ

Ментор:   Протоѓакон  Проф. д-р Ратомир Грозданоски

Diplomska.Josif.jpg

Кандидат:    Еромонах Јосиф Тодоровски

Diplomska.Josif.jpg

Скопје, 2011