Bogorodica.Rajcica.jpg

III. ПРАОБРАЗИ – СЛИКИ ЗА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА ВО СТАРИОТ ЗАВЕТ, КАКО ПРАСЛИКА НА НОВИОТ ЗАВЕТ

Православната црква наоѓа во старозаветните слики и такви што се однесуваат на секогаш дествената Мајка Господова. Воопшто, во целото Свето писмо внимателниот читател ќе види докази што се однесуваат на Пречистата Дева Марија. Свети апостол Павле многу јасно го одредува значењето на Стариот завет, неговите историски лица и обреди и вели дека сето тоа служи за претстава на она што ќе се случи во Новиот завет (Евр. 10, 1).  Иако во Библијата не е спомнато ништо за нејзиното раѓање, ниту за смртта на Дева Марија, ние знаеме дека Таа постоела, живеела, а тоа значи и дека Таа морала да се роди и да се упокои. И навистина, пред нас стои само една, единствена можност, само еден, единствен избор: пријдете, вкусете и сами одлучете за што се работи тука – дали за некаква митологија и измислица или пак, за вистина, живот, убавина - што самите ни се докажуваат со својата животворност, длабочина и неспоредливост.

Во некои книги  и кај некои автори, како Николај Велимировиќ (свети Николај Жички), сметаат дека името Марија значи горчлива солза, бидејќи со многугодишни горчливи солзи, праведните богоотци Јоаким и Ана Ја измолиле од Бога.

Затоа до ден денес во Православната црква, на вечерната богослужба во чест на рождеството на Богородица, се читаат паримии чија што содржина го има праобразот на Дева.

Господ, Кој живее на небото, сакајќи да се јави на земјата и да поживее со луѓето, претходно приготви престојувалиште на неа – Пречистата Своја Мајка. Зашто кај царевите има обичај да подготвуваат за себе палата за престој во градот во кој што имаат намера да отидат. И како што палатите на земните цареви ги градат најискусните мајстори, од скапоцени материјали, на најубаво место, поубаво и попространо од преостанатите човечки престојувалишта, така требало да се изгради и палатата на Царот небесен. И ете, Господ благоволи во почетокот на новозанетната благодат да се направи неракотворен храм – Пречиста, Преблагословена Дева Марија. А кој работник го создаде овој храм? Навистина, најмудриот, самата Премудрост Божја, како што вели Светото писмо: Премудроста си изгради дом (Изрек. 9, 1). 

Најголемата светиња на Израилот – Ковчегот на Заветот, што се чувал во светињата на светињите и кој што ја содржел во себе небесната маана, Ароновиот жезол и таблиците на Законот, по враќањето од вавилонското ропство, воопшто не е најден. Но Бог за Својот народ, Новиот Израил, подготвил нов, Жив Ковчег што во себе нема повеќе маана, но го има Самиот Бог, Логосот Кој стана Тело, Леб Небесен; ги нема повеќе законските таблици, но го има Самиот Законодавец – Христос нашиот Бог, роден од Дева.

Ноевиот кораб, кој што се спасил од општиот потоп е друга праслика на Дева. Ковчегот беше направен од дрво што не скапува; Пресвета Богородица остана Приснодева – секогаш Дева. Во ковчегот се спасија Ное и неговите деца од потопот; преку Марија се спасуваат од вечна пропаст оние што го слушаат гласот на Божјата благодат. Од Ное постана новиот свет, зачуван од потопот, кога излезе од ковчегот; од Христа, Кој се роди од Пресвета Дева, станаа децата на Новиот завет.

Светото писмо ни сведочи дека Мојсеј, пасејќи ги овците во пустината, дошол до планината Божја Хорив. И му се јавил ангел Господов во огнен пламен во капината. И видел тој, а тоа капината гори со оган, и не изгорува. И Мојсеј рече: ,Да појдам да го видам ова чудо, зашто капината не изгорува’ (2. Мој. 3, 2-3). И како што капината во огнот не изгоре, така и ти Дева роди, но остана Дева! 

Кога патријархот Јаков, патувајќи во Месопотамија, преноќил во Ветил, видел таинствена скала од земјата до небото (1. Мој. 28, 10-17) . Оваа скала ја претставува Пресвета Дева. Исто така, како што лествицата што ја виде Јаков, се допрела на земјата и дури до небото влегла, така и Пресвета Дева ја соединила земјата со небото и низ Неа Бог слезе на земјата како по скали.

Кога Гедеон, петтиот судија на израилскиот народ, ја слушна од ангелите волјата Божја да оди да ја избави татковината од власта на Мадиамјаните, посака да се увери дека навистина е таква Божјата наредба. И тој самиот го избра овој доказ за тоа: на руното послано на гумното, ноќта да падне многу роса и да го намокри руното, меѓутоа освен руното, целото гумно да биде суво. Потоа Гедеон втората ноќ посака руното да биде суво, а целата земја на гумното да биде намокрена со роса, и така се случи. И сите околности на оваа чудна случка имаат праслика на Пресвета Богородица. Гумното во таинствена смисла го претставува избраниот народ Божји, руното Ја претставува Богомајката.

Сите овие слики, претстави и упатства, им говореа на умот и на срцето на старозаветните деца, какво е величеството на Богомајката Приснодева. Нека ја признае својата ништожност од секаде позлатениот кивот и златната стомна во која е маната, и свеќникот, и трпезата и сè што имаше тогаш – нека ја види својата ништожност, кога ќе застане покрај Богомајката – живата Скинија! Зашто сето ова во Стариот завет имаше значење и важност само затоа што ја прасликуваше духовната скинија, како сенка на вистинското лице.

Друго:

 

 

Diplomska.Josif.jpg

ДИПЛОМСКА РАБОТА

БОГОРОДИЦА - ПОЧЕТОК НА НОВИОТ ЗАВЕТ

Ментор:   Протоѓакон  Проф. д-р Ратомир Грозданоски

Diplomska.Josif.jpg

Кандидат:    Еромонах Јосиф Тодоровски

Diplomska.Josif.jpg

Скопје, 2011