БОГОРОДИЦА - ПОЧЕТОК НА НОВИОТ ЗАВЕТ- Еромонах Јосиф Тодоровски

 


I. ВОВЕД
 
Човек, кога се обидува да пишува за Пресвета Богородица, тој мора или да ѝ пее, или да ѝ се моли, или пак, да богословствува. Ова го велам затоа што кој од нас ќе се дрзне да зборува за Пресветата, ако не му е дадено како дар од Бога.
 Воведот на оваа дипломска работа намерно започнува со зборот „човек“, зашто преку тоа треба да се алудира и да се покаже големината и значењето на Богородица за човечкиот род. Имено, таа е првата личност која се обожи по мерата Божја, мера што е безмерна, а гледано од наша перспектива ќе речеме по мерата Христова. Замислете колку многу време чекаше човечкиот род да се роди човек толку чист во својот живот, за да може да Го роди Бога во тело. Тоа се оствари во личноста на Пресвета Богородица, и затоа ѝ пееме и ја славиме како Поширока од небесата, бидејќи во Себе Го смести Несместливиот, Оној Кој ни небесата не можат да Го сместат. Таа ни е пример и застапништво, како што вели св. Симеон Нов Богослов, како и ние денес да Го зачнеме и да Го родиме Христа во нашиот живот. Затоа Пресвета Богородица има големо значење за спасението на луѓето, од самиот почеток, па до денешни дни.
 Улогата на Пресвета Богородица во Новиот завет значи едно големо АМИН на целиот човечки род, со коешто љубовно одговараме и смирено принесуваме жртва на Бога за Неговата љубов кон нас. Таа улога требаше да ја има Ева, но таа ја злоупотреби, односно, наместо да ја принесе на Бога, таа си ја принесе на самата себе.
 Во оваа дипломска работа, со наслов „Богородица – почеток на Новиот завет“ ќе бидат претставени неколку сегменти, и тоа: пророштвата за Пресвета Богородица, праобразите и сликите за Пресвета Богородица, Богородица во Новиот завет и Богородица во Светото предание.

 


II. ПРОШТВАТА ЗА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА ВО СТАРИОТ ЗАВЕТ, КАКО ПРАСЛИКА НА НОВИОТ ЗАВЕТ

Човекољубивиот Бог постепено го подготвувал човечкиот род за доаѓањето на Спасителот. Одлуката да го спаси паднатиот човек, Бог не ја спровел во дело веднаш по падот, ниту наскоро по падот, туку тогаш кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, Кој се роди од жена и се потчини на законот  (Гал. 4, 4). А, додека се исполни полнотата на времето, го подготвувал народот со помош на ветувања, месијански пророштва, праобрази, закони, а и преку целокупниот религиозен домострој.
Пророштва за Божјата Мајка, за првпат среќаваме веднаш по падот на нашите прародители Адам и Ева, кога е изречено Протоевнагелието, односно Првоевангелието, и тоа е во оние Божји зборови што ѝ ги кажа Бог на змијата, што ја прелажа Ева: И ставам непријателство меѓу тебе и жената и помеѓу родот твој и породот нејзин. Он ќе ти ја гази главата, а ти ќе го каснуваш по петата (1. Мој. 3, 15). А која е таа жена што го засладува, што го поправа Евиниот грев, објаснува св. Јован Дамаскин: „Ева стана првата престапничка и таа беше орудие да падне и прататкото и смртта да влезе во светот; но Марија беше покорна на волјата Божја, па Таа ја искуша лажливата змија и ја доведе во светот бесмртноста.“  Жената за која зборува Бог е Пречистата Дева Марија, Која што е благословена и фалена, преку Која што Синот Божји го прими човечкото со слегувањето на Светиот Дух и преку осенувањето со силата на Севишниот (Лука 1, 35). Колку ли многу треба да го празнуваме раѓањето Твое, Богородице, со кое целиот род човечки се исправи, со кое што жалоста на прамајката Ева се претвори во радост!? Зашто Ева ја слушна Божествената одлука: „Со мака ќе раѓаш деца“, а Богородица ги слушна зборовите: „Радувај се благодатна!“ Ева слушна: „Ќе му бидеш потчинета на мажот свој“, а на Дева Марија ѝ е речено: „Господ е со Тебе.“ (1. Мој. 3, 16; Лука 1, 28) – вели св. Јован Дамаскин во својата беседа за раѓањето на Пресветата.
Во 44 псалм, светиот псалмопевец многу живо ја слика славата на големиот цар и на царицата. Стиховите што го опишуваат царското величество, јасно појаснуваат дека тоа е царот на духовното царство, кое што е вечно, а тоа е Господ Исус Христос. А царица на тоа царство е Пресвета Дева Марија. Царицата стои покрај Тебе оддесно во облека украсена и со злато проткаена.Чуј, ќерко, види, приклони го увото свое и заборави го твојот народ и домот на таткото твој. Зашто царот ја посака твојата убавина... Сета слава на царската ќерка е внатре: нејзината облека е везена со злато; во везена облека ќе ја доведеат кај Царот; по неа водат при Тебе девици, нејзини другарки, и ги приведуваат кон тебе, ги доведуваат со веселба и радост, влегуваат во Царевиот двор (Псал. 44, 9 - 11, 13 - 15). Светата Црква ова пророштво ѝ го препишува на Богомајката.
Во книгата Песна над песните се претставуваат со високи и таинствени црти младоженецот и невестата. Овде се подразбира Господ Исус Христос како младоженец, а Неговата света Црква е невестата, но многу црти се однесуваат и на Пресвета Богородица. Која ли ќе е таа за која што говори писателот во шестата глава, десетиот стих: Која е таа што болска како зора, убава како месечина, светла како сонце, страшна како војска со знамиња? Тоа е Пресвета Богородица. Како што зората, отстранувајќи ја ноќната темнина, се јавува пред сонцето, добивајќи ја од него својата светлина, така и Пресвета Богородица се јавува преку Сонцето на правдата - Исус Христос и од Него ја добива Својата богомајчинска слава. Во таа слава, блескава како зора, убава како месечина, светла како сонце и страшна како војска со знамиња, во видение ја видел и св. Серафим Саровски. Таа била блескава со таква светлина што не можела да се види со очи; имала необична убавина, била опкружена со свети девственички, како војска со знамиња.
Во книгата на пророкот Исаија, за Богородица го наоѓаме ова пророштво: Ете, Девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе Му го датдат името Емануил (Иса. 7, 14). Значи, кога ангелот ѝ благовести на Пресвета Дева дека од Неа ќе се роди Господ Исус Христос, очигледно зборува со зборовите на ова пророштво:  И, ете, Ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе Го наречеш со името Исус (Лука 1. 31). Марија своеволно се покорила на Божјата волја кога ѝ се јавил архангелот Гавриил и ѝ ја открил тајната за раѓањето на Спасителот. Со радост и смирение ја примила веста. Не сакала да биде втората Ева и да се противи на волјата Божја. Плашејќи се од укор, со стравопочит ги изговара зборовите: Еве ја слугинката Господова! (Лука 1, 38). Името Марија значи „сакана од Бога.“  Навистина, Таа верувала дека Неа ја штити Божјата љубов, зашто храбро одела напред кон остварување на она што се барало од Неа, а било застрашувачко.
Така, од еден до друг завет, од Ное до Авраама, од Мојсеја до Давида, од Соломона до светите праведни богоотци Јоаким и Ана, за Пречистата Богородица се изречени бројни старозаветни прооштва, во кои се возвеличуваат: Нејзиното Давидово потекло, Нејзините морални доблести, Нејзината прослава и Нејзината улога во домостројот на спасението на човечкиот род.

 

 

Diplomska.Josif.jpg

 

ДИПЛОМСКА РАБОТА

 

БОГОРОДИЦА - ПОЧЕТОК НА НОВИОТ ЗАВЕТ

 


Ментор:   Протоѓакон  Проф. д-р Ратомир Грозданоски

Diplomska.Josif.jpg

Кандидат:    Еромонах Јосиф Тодоровски

Diplomska.Josif.jpg

Скопје, 2011