Вистинската молитва кон Бога Вистинскиот  претставува  општење со Духот Божји, кој што се моли во нас. Тој нам ни дава спознание за Бога. Тој го воздига нашиот Дух до состојба во која  што се посматра вечноста.
 Бидејќи благодатта  која што нè посетува е Одoзгора, молитвениот чин ја надминува нашата земна природа, заради што ова наше минливо тело се спротивставува, ,неспособно за возлет во сферата на духот, интелектот се спротивставува, зашто не е во состојба да ја опфати бесконечноста, бидејќи го протресуваат сомнежи и бидејќи  го отфрлува сè она што ја надминува моќта на разбирањето.

На молитвата ѝ се спротивставува и општествената средина во која што живееме, која што има други цели - дијаметрално спротивни на молитвата .

Молитвата не ја поднесуваат злобните духови.  Но само таа - молитвата - може да го извлече вештествениот  свет  од неговиот пад,  надвладувајќи ја неговата инерција  и мртвилото, големото напрегање на нашиот дух за следење на заветите Христови.

Тежок е патот на молитвата.
 Се менуваат состојбите на нашиот дух; понекогаш молитвата во нас тече како моќна река, понекогаш пак, срцето сосема  е суво. Но,  секое опаѓање  на молитвената сила нека трае што е возможно  пократко!

 Молитвата често значи соопштување на  Бога за нашата тешка состојба: немоќ, паѓање на духот, сомнежи, стравови, потиштеност, очајување - со еден збор, сè што е врзано со условите на нашето постоење...  Да се соопштува не барајќи богати изрази, па дури ниту логични доследности...,  често овој начин на обраќање кон Бога  постанува почеток на молитвата - на разговорот.

Понекогаш ке бидеме заплискани   со бранови на Божјата љубов, која што во својата наивност ја сфаќаме како наша љубов спрема Него.

Така се случуваше и со мене: не се ни осудував да мислам дека  бесконечниот голем  Свет Творец   може да го обрати своето внимание кон мене, ништожниот и гнасен.
Говорев:  „О, кога би било возможно и Ти да ме љубиш, како што јас те сакам Тебе...Забележуваш ли како моето срце деноноќно копнее за Тебе?
Погледни кон мене; покажи ми го своето Лице; направи да бидам таков, како што само Ти сакаш да го видиш своето создание; онаков каков што Ти , Сесвети можеш да прифатиш и љубиш...“ 
„Јас навистина не знаев што зборував (Лк.9,33); не можев ниту да помислам дека Тој сам се моли во мене.“

Посматрањето на  светоста и смирението на Самиот Бог ја восхитува душата и таа со голем стравопочит  му се поклонува со љубов. Таквата молитва понекогаш преоѓа во гледање на нетварната Светлина.

За да ги препознаеме даровите кои што доаѓаат од Бога, Тој  нас, после посетата  , привремено нè напушта.
 Чудно е чувството на Богооставеност .
Во младоста, јас бев сликар (се плашам дека сликарот во мене не умре до ден денес).
Тој природен дар  пребиваше во мене. Можев да се исцрпувам,  да немам сила за работа, да немам инспирација, но знаев дека дарот е  дел од мојата природа.

 Меѓутоа, кога Бог нè напушта нас, се чувствува некоја бездна во самото битие, а душата не знае  ќе сака ли Саканиот било кога да се врати.

 Тој по својата природа е нешто сосема друго. Тој се сокри, а јас останав празен , а таа празнина тешко ја преживувам, како смрт. Со Неговото доаѓање запознав нешто преубаво, мило на срцето, нешто што ги надминува и моите најсмели фантазии.

 И еве ме повторно во онаа состојба која што порано ми изгледаше за нормална, задоволувачка, а сега ме ужаснува; ми изгледа премногу животинско - добиточно... Бев воведен во дворецот на Великиот  Цар; знаев дека сум му роднина, а  ете повторно не сум ништо повеќе од  обичен бездомник, скитник.

Низ оваа промена на ставовите ние ги запознаваме разликите  на природните дарови и оние што доаѓаат како благослов Одозгора. Низ покајничка молитва бев удостоен на првата посета; пак преку молитвата, овој пат уште поогнена, се надевам дека ќе се вратам.
И навистина: Тој доаѓа!
Често вообичаено, дури, Тој го менува начинот на своето доаѓање.
Така станувам сè побогат за сознанијата во планот на Духот:  било во страдања, било во радости  - јас растам. Се зголемува мојата способност да пребивам во порано непознатата сфера, сè подолго и подолго.
(Продолжува)
Преведе М. Даниловска - Мина