МОЛИТВАТА СО ИСУСОВОТО  ИМЕ Е ПРИМЕНЛИВА ВО СИТЕ ОКОЛНОСТИ   (4)
(Архимандрит Софроније)

Луѓето врз кои што се настрвиле смртоносните болести, живеат со голема напрегнатост; со таков или со уште поголем ужас луѓето во себе го доживуваат присуството на гревовните страсти кои што ги одвојуваат од Господа. Таквите се вистински свесни  „дека се полоши од сите“, искрено се гледаат себе си во крајната темница!
 Тогаш во нив се собира најголемата покајна молитва. Таа може да достигне таков степен, што умот застанува, не можејќи да пронајде зборови, освен:

„Исусе, спаси ме грешниот“!

Спасоносно е за нас доколку во нас расне одвратноста спрема гревот која што доаѓа до омраза кон себе си.  Поинаку, во опасност сме да се соживееме со гревот, кој што е толку многустран и истенчен што обично и не го забележуваме неговото присуство во сè што правиме, дури и во она што ни изгледа добро.

Тежок е, но и прекрасен подвигот да  го нурнеме својот висок ум во невидливиот центар на сопствената личност, призивајќи го Името на Исуса Христа.

Без вера во Него, никој не е во состојба да го види смртоносниот отров на гревот кој што делува во нас. Низ таквата борба против злото кое што живее во нас, ни се откриваат длабочините не само на нашето сопствено битие, туку и таинствените провалии на космичкиот живот. Во тој процес, нашиот дух се одалечува од безначајните и површни појави од секојдневието и од „ужасот“,  од самиот себе ја запознава светата сила на другата молитва, на другиот план, извикувајќи:

„Господе, Исусе, Спасе мој, помилуј ме грешниот“!


За молитвата со Името на Исус Христос може да се говори со изразите користени во Писмото и делата на светите отци. На пример:  Таа е пламен кој ги гори страстите (Јев,12,29); таа е светлина која го просветлува нашиот ум; која го прави бистар и далековиден; способен да види сè што се случува во нас. За неа достојно  може да се говори во зборовите на посланието до Евреите...Таа е делотворна, поостра од секој двосечен меч, продира сè до раздвојувањето на душата и духот на зглобовите и сржта и ги суди намерите и помислите на срцето. И нема твар сокриена пред неа, туку сè е разголено и ОТКРИЕНО при нејзината светлина.

Творењето на оваа молитва го доведува човекот до средба со многу сили скриени во „Вселената“;  тие космички сили или подобро речено: „господарите на темнината на овој свет, духовите на злобата во поднебесието“ ( Еф.6,12), предизвикува на голема борба против молитвеникот.
Сепак, победата не изостанува при покајување „ до омраза кон себе си “ (Лк.14, 26).  Начинот на оваа борба е опишан во Откровението на Свети Јован:
 „Тие го победија со крвта на Агнецот и со Словото на своето сведоштво и не се грижеа за животот свој дури до самата смрт“ (Отк.12.11).

„За време на огнено покајување, оваа молитва го вознесува духот човеков во сферите кои се над дофатливите граници „на мудроста на мудрите на овој век“ (1Кор.19 - 20).

Страшно е за неа да се зборува:  Водејќи не најнапред низ бездните на најцрната темница скриена во нас, таа потоа го соединува нашиот дух со Духот Божји и веќе тука ни дава да ја живееме Светата вечност. Во сите времиња отците се восхитувале на големината на овој дар на паднатиот свет:

„Господи Исусе Христе, Единствен Свет, Единствен вистинит
Спасителу на сите, помилуј  нè нас и твојот свет“.

Убавината на создадениот свет нè восхитува, но во исто време, и со уште поголема сила нашиот дух копнее за неминливата убавина  на Беспочетното Божествено Битие.  Со восхитувачка јаснотија Господ Исус ни ја открил надсветската Светлина на Небеското Царство. Согледувањето на оваа убавина не ослободува од последиците на падот и благодатта на Светиот Дух  го обновува во нас Првосоздадениот Образ и Подобие Божјо кое што Христос ни го покажал во нашето тело; од тогаш призивањето на Неговото Име постанува наша непрестајна молитва:

„ Господи, Исусе Христе, Спасе наш, помилуј не нас и Твојот свет“.

Оваа молитва во својот краен дофат, сосема нè соединува со Христос. Човечката ипостас во таа прилика не се уништува, туку се раствора во Божественото битие, како капка вода во океан. Личноста на човекот е  неразрушлива во вечноста.
„Јас сум... Сум... Вистина и Живот. Светлина Сум на светот“  (Јн.8,58;14,6;9,5).
Битието, Вистината, Светлината - не се апстрактни поими со безлична суштина - тие не се „ШТО“ туку „КОЈ“.

Таму каде што нема личен облик на постоење, го нема ниту оној кој живее, како што нема ниту добро ниту зло; ниту Светлина ниту темнина. Тука воопшто не може ништо да има: „ без Него ништо не стана што стана. Во Него имаше Живот“ (Јн.1,4).

„ Господи Исусе Христе, Сине на Живиот Бог помилуј не нас и Твојот свет“.

Кога со призивањето на Исусовото Име се соединува доаѓањето на Нетварната Светлина, тогаш особено јасно ни се открива значењето на ова Име; тогаш е можно искуството  на Царството Божјо, кое „дошло во сила“ (Мк.8,1), и духот на молитвеникот го слуша гласот на Отецот:
 „ Ова е Мојот возљубе Син, Него, слушајте Го“ (Мк.9,7).  И ние се молиме:
„ Господи, Исусе Христе, Единороден Син на Отецот, помилуј нè и спаси“.


Христос во Себе ни Го покажал Отецот: „ Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот“ (Јн.14,9).

Сега го знаеме Отецот во онаа мера во која сме го запознале Синот: „Јас и Отецот, едно сме“ (Јн. 10, 30). Спред тоа:  Синот Го пројавува Отецот, а Отецот сведочи за Синот; и ние се молиме:

„ Сине Божји, Единороден, помилуј и спаси нè нас и Твојот свет“.

„Сè ми е предадено од Мојот Отец и никој не Го познава Синот , освен Отецот; ниту Отецот Го познава некој освен Синот и Кому што сака Синот да Го открие.“ (Мт.11,27).  Синот, меѓутоа, ние го знаеме онолку колку што престојуваме во Духот на Неговите заповеди. Без Него немоќни сме да се достигнеме до висината која што ни е заповедана, бидејќи во заповедите се разоткрива животот на Самиот Бог. Оттука, нашиот крик кон Него:

„Господи, Исусе Христе Себеспочетен, Син на Отецот помилуј ме; дојди и всели се во мене со Отецот и Духот Свет, како што си ветил (Јн14,23)...Господи Исусе, помилуј ме грешниот“.

starec.Sofronij.freska.jpg
Во Стариот Завет Името на Отецот било познато, но, Самиот Отец Го гледале во мракот на недофатливоста. Христос, меѓутоа, ни Го пројави Отецот во себе крајно конкретно; Он Го разоткри вистинскиот облик на сè што  е дадено пред Него, преку Мојсеј и пророците .
 „Јас Сум во Отецот и Отецот е во Мене“ (Јн.14,11). „ Јас  и Отецот ,едно сме“ (Јн.10,30).  „И  им го објавив Името Твое и ќе ги известувам, та љубовта, со која Ме возљуби Ти, да биде во нив, и Јас во нив“. (Јн.17,26).

Знаењето на Името на Отецот е знаење Негово, Татковската љубов спрема нас. Призивајќи го Исусовото Име, ние стапуваме во областа на Божествениот Живот: Отецот,  и Синот и Духот Свет ни се дадени во Името на Исус:

„Господи, Исусе Христе, Сине Божји, помилуј нè нас и Твојот свет“.

Да се призива Името Исусово со колку е возможно повеќе свесност за тоа - што тоа Име носи во себе си - значи веќе реално да се биде во Единство со Бога  со Светата Троица, Овој Бог нам ни се откри во Неговиот нов однос спрема човекот:
Не повеќе само како Творец, туку како Спасител на светот: како Светлина на Вистината и вистинска вечност:

„Господи, Исусе Христе, Сине на Предвечниот Отец, помилуј нè“.


Богословието на Името и богословието на иконата имаат заеднички црти. Гледајќи ја иконата Христова, ние со духот доаѓаме во личен контакт со Него. Ние го исповедуваме Неговото јавување во Тело:  Тој е и Бог и човек; потполно човек и совршено подобие Божјо.
Ние одиме понатаму од боите и линиите, во умниот, духовниот свет, Така и за време на призивањето на Името, не се запираме на звуците, туку, ја доживуваме смислата. Звуците можат да семенуваат во зависност од различните јазици, но содржината  - значењато кои се сдржани во Името, остануваат непроменети:

„Господи Исусе Христе, спаси не“.

 

( продолжижува)
Преведе Мина Даниловска

 Друго:

ЗА МОЛИТВАТА - Архимандрит Софрониј(извадок)

ЗА МОЛИТВАТА - Архимандрит Софрониј

Молитва со Исусовото име е применлива во сите околности - Архимандрит Софрониј

Молитва со Исусовото име е применлива во сите околности (3) - Архимандрит Софрониј