Evpraksija2011.Veligden6.jpg

Според светиот Кипријан Картагински, да се биде Христијанин значи да ѝ се припаѓа на видливата Црква и да се потчинува на од Бога поставената во неа иерархија. Црквата е остварување на Христовата љубов и секое одделување од Црквата е всушност нарушување на љубовта. Против љубовта грешат подеднако и еретиците и расколниците. Тоа е и основната мисла на Кипријановиот трактат „За единството на Црквата“, и таа мисла постојано се повторува во писмата на овој Свет Отец. „Христос ни дарувал мир; Он ни заповедал да бидеме согласни и еднодушни; ни заповедал ненарушливо и цврсто да го чуваме сојузот на приврзаноста и љубовта. Нема да му припаѓа на Христа оној којшто со вероломно несогласие ја нарушил љубовта Христова: оној којшто нема љубов, го нема ниту Бога. Не можат да пребиваат со Бога оние коишто не сакаат да бидат еднодушни во Црквата Божја.“

Еретиците и расколниците немаат љубов, ја немаат таа основна христијанска добродетел, и затоа тие се христијани само според името. „Еретикот и расколникот не го чуваат ниту единството на Црквата, ниту братската љубов“ и „дејствуваат против љубовта Христова“. „Маркијан, којшто се соедини со Новатијан, се стори противник на милосрдието и љубовта“. „За еретиците е познато дека тие отстапиле од љубовта и единството на соборната Црква“. „Какво единство запазува, каква љубов чува или за каква љубов помислува оној којшто се предал на поривот на раздорот и ја расекува Црквата, ја руши верата, го возмутува светот, ја искоренува љубовта и го осквернува Таинството?“

Светиот Кипријан дури искажува и ваква мисла: надвор од Црквата не може да има христијанско учење, а камоли христијански живот. Само во Црквата е чистата вера. Црквата Кипријан ја нарекува вистина. Единството на верата не може да биде одделено од единството на Црквата. Вистината е една, како што и Црквата е една. Оној којшто не се придржува до единството на Црквата не може да мисли дека ја чува верата. Секое одделување од Црквата неизбежно е поврзано со извртување на верата. „Непријателот ги измислил ересите и расколите за да ја сруши верата, да ја изопачи вистината, да го растргне единството. Неговите служители го објавуваат вероломството под плаштот на верата, антихристот под името на Христа, и ја прикриваат лагата со наличје на правда, за со истенчено лукавство да ја унижат вистината“. „Како што ѓаволот не е Христос, макар и да измамува со Неговото име, така не може да се смета за Христијанин оној којшто не пребива во вистината на Неговото Евангелие и вера“. „Еретикот ја расекува Црквата, тој се вооружува против Црквата, предавник е во однос на верата, во однос на благочестивоста е крадец на светињата, непокорен слуга, безаконен син, лажен брат“. „Ако се проучи верата на оние коишто веруваат вон Црквата, ќе се покаже дека секој еретик има сосем различна вера; но, точно е да се каже дека имаат заеднички фанатизам, богохулство и борбеност, непријателство против светоста и вистината“. Да се биде надвор од Црквата, а да се остане Христијанин, според светитот Кипријан , е невозможно. Надвор од Црквата — надвор од живеалиштето Христово. Оние коишто отстапиле од Црквата и дејствуваат против Црквата се антихристи и незнабожци. Еве, на пример, што му пишува свети Кипријан на Антоанин за Новатијан: „Ти сакаш, возљубен брате, да ти напишам во врска со Новатијан, каква ерес тој водел. Знај, пред сè, дека не треба да бидеме љубопитни што тој учи, кога тој учи вон Црквата. Кој и каков и да е тој, тој не е Христијанин, штом не е во Христовата Црква“. „Како може да биде со Христа оној којшто не пребива со Невестата Христова, кој не се наоѓа во Неговата Црква“. На крајот во трактатот „За единството на Црквата“ ги читаме познатите зборови: „Не може да го има Бога за Отец оној којшто ја нема Црквата за мајка“. Свети Кипријан сосема одбива сите коишто се вон Црквата да ги нарече „христијани“, повторувајќи го решителниот восклик на својот учител Тертулијан: „Еретиците не можат да бидат христијани“.

Оттука, разбирливо е барањето на светиот Кипријан при примањето во Црквата повторно да бидат крстени дури и новатијанците, иако тие биле само расколници. За Кипријан крштението на расколниците при приемот во Црквата не било повторно, туку прво крштевање. „Ние сметаме — му пишува светиот Кипријан на Квинт — дека оние коишто од таму ги примаме не ги крштеваме повторно, туку првпат, затоа што ништо не добиле онаму каде што ништо нема.“ Крштението надвор од Црквата е „залудно и нечисто погрузување.“ „Таму не се измиваат луѓето, туку уште повеќе се осквернуваат, не се очистуваат гревовите, туку се умножуваат. Таквото раѓање не дава Божји чеда, туку на ѓаволот“.

Мислата на Кипријан за недејствителноста на секое крштение надвор од Црквата и за неопходноста одново да се крстат сите коишто се обраќаат во Црквата била потврдена во 256 год. на поместниот собор на картагинската Црква на којшто претседавал самиот Кипријан. Во своето завршно слово, искажувајќи го црковното расудување, свети Кипријан вели: „Еретиците треба да се крстат со единственото крштевање во Црквата, за да можат тие од противници да станат пријатели, и од антихристи — христијани“.

Изложувањето на гледиштето на свети Кипријан коешто очигледно го делел и целиот Картагински Собор, јасно и сосем точно сведочи дека во третиот век не допуштале дури ни да се мисли дека е можно некакво Христијанство без Црквата. Тогаш јасно учеле и точно говореле дека оној којшто отстапил од Црквата веќе не е Христијанин и е лишен од благодатта на Светиот Дух, со што е лишен и од надежта за спасение.

Свети Василиј говори дека оние коишто преку раскол отстапиле од Црквата не ја имаат на себе благодатта на Светиот Дух.

Таа мисла јасно ја изразил и светиот Василиј Велики во своето послание кон Епископот Амфилохиј. Свети Василиј говори дека оние коишто преку раскол отстапиле од Црквата не ја имаат на себе благодатта на Светиот Дух. Надвор од Црквата нема свештенство и не може да биде предадена благодатта на Светиот Дух. Тие мисли на светиот Василиј Христовата Црква ги утврдила како неизменлива вистина на Шестиот вселенски собор (правило 2) и на Седмиот (правило 1). Посланието на светиот Василиј до Амфилохиј било признаено како канонско, па затоа до ден денес се наоѓа во Книгата на правилата.

Блажениот Августин признава дека христијанското учење, разбрано теоретски, може да биде зачувано и вон Црквата. Вистината останува вистина, без разлика кој ја кажува. И демоните го исповедаа Христа исто како и апостолот Петар. Златото останува злато и во рацете на разбојниците и им служи за нивните мрачни цели. Христос еднаш им рекол на учениците: „Кој не е против вас, тој е со Вас“ (Лк. 9, 49-50) Од тоа може да се види дека оние коишто се надвор од Црквата во некои работи имаат нешто од црковнот богатство. Атињаните го почитувале непознатиот Бог, а апостолот Јаков сведочи дека и демоните веруваат, а тие, секако, се вон Црквата. Во своите дела против донатистите блажениот Августин подробно докажува и објаснува која е дејствителноста на расколничкото кршение.

Но, ако и надвор од Црквата може да се зачува вистинското учење, ако дури и Таинствата совршени во одделеност од Црквата се дејствителни, тогаш нужна ли е воопшто Црквата? Возможно ли е спасението и надвор од Црквата? Не го одделува ли блажениот Августин Христијанството од Црквата? Не допушта ли тој можност за „христијанство без Црква“? На тие прашања блажениот Августин дава одречен одговор. Христијанскиот живот којшто води во спасение блажениот Августин ѝ го припишува само на Црквата, а надвор од Црквата таков живот не може да има.

Уште и светиот Игнатиј Богоносец им пишувал на филаделфијците: „Оној кој го следи тој што воведува раскол, нема да го наследи Царството Божјо“

И така, што најдовме кај претставниците на црковната мисла од III до V век? Го најдовме истото тоа што го заклучивме и порано, разгледувајќи го новозаветното учење за Црквата и фактите за првата историја на Христијанството. Христијанството и Црквата не се совпаѓаат единствено доколку под Христијанство подразбираме збир од некакви теоретски учење, коишто никого на ништо не обврзуваат. Но, таквото сфаќање на Христијанството може да се нарече само демонско. Тогаш за Христијани треба да се признаат и демоните коишто исто така веруваат, а од тоа само треперат. Да се знае системот на христијанската догматика и да се биде согласен со догмите, тоа сè уште не значи да се биде вистински Христијанин. Слугата којшто ја знае волјата на својот господар и не ја исполнува, ќе биде многу биен, заклучуваме — со право. „Христијанството не е во молчаливото убедение, туку во величието на делата“, како што вели светиот Игнатиј Богоносец. Надежта за спасение ја губи не само оној којшто ги извртува основните вистини на Христијанството, туку од таа надеж е лишен воопшто секој којшто се одделува од Црквата, од заедничкиот живот на едниот цел организам на телото Христово. Отпаднал ли човек од Црквата, или е одлачен од неа — тој погинува, умира за Бога и за вечноста. Уште и светиот Игнатиј Богоносец им пишувал на филаделфијците: „Оној кој го следи тој што воведува раскол, нема да го наследи Царството Божјо“.

Да се биде Христијанин значи да се припаѓа во Црквата, затоа што Христијанството е единствено во Црквата, а вон Црквата христијански живот нема и не може да има.

Не, Христос не е само еден голем учител; Тој е Спасителот на светот, Којшто го обновува човештвото и му дава нови сили. Од нашиот Спасител Христос немаме само учење, туку живот. Ако го разбираме Христијанството како нов живот, не според стихиите на светот, на кого му се познати единствено принципите на егоизмот и себељубието, туку според Христа, со Неговото учење и образецот на самоодрекувањето и љубовта, тогаш Христијанството совршено се поклопува со Црквата. Да се биде Христијанин значи да се припаѓа во Црквата, затоа што Христијанството е единствено во Црквата, а вон Црквата христијански живот нема и не може да има.

 

Извор:  http://www.mpceanz.org.au/sveshtenomachenik-ilarion-troicki-ne-postoi-hristijanstvo-von-crkvata/