sv_vladika_nikolaj.jpg

Св. Николај Велимировиќ:

ШТО Е ВИСТИНА?(старото Пилатово прашање)

❈✤❈

Пилат Го запрашал Исус: Што е вистина?Исус премолчил и не одговорил.Зошто Исус не одговорил на Пилатовото прашање?Затоа што прашањето било неправилно поставено.Во што е грешката кај Пилатовото прашање?Во тоа што тој запрашал: Што е вистина, наместо Кој е вистина.Да Го прашаше Пилат Исуса: Кој е Вистината, сигурно ќе добиеше одговор, исто онака како што доби одговор на прашањето: Дали Си Ти цар?Вистината е Кој, а не Што.Вистината е Личност, а не нешто.Бог е вистина. Како апсолутна и суперлативна Личност, Бог е Вистина.Оттука, како што е неправилно прашањето: Што е вистина, исто така погрешно е да се праша: што е Бог? И тоа во иста мера како и да се праша: кој е камен, кој е вода, кој е воздух, кој е земја, кој е оган? Бидејќи само за Личноста се вели Кој, а за нештата Што.Но, Пилат, како Римјанин и незнабожец не умеел правилно да го постави прашањето. Ниту неговиот цар Тибериј, ни сиот римски Сенат, не би можеле да го постават ова прашање поинаку. Бидејќи целата Империја се основала на материјалното, на множеството нешта, на големината на земјата и богатствата и просторот, а не на личностите, и единствено низ земното царство, каде предметите ја потиснувале личноста, и каде Што царуваше над Кој.Но, зарем само Пилат ќе го осудуваме за погрешно поставеното прашање? Гледај, тоа премногу важно прашање не умеат правилно да го постават ни многуте неопагански европски мислители: пантеистите, материјалистите, епикурејците, окултистите и стоиците. Сите тие пилатски размислуваат, затоа и пилатски се прашуваат не Кој е вистина, туку Што е вистина.Тие ги мешаат фактите со вистината.А зар, фактите не се вистина?Не. Фактите, нештата и односите меѓу нештата, се само символи на вистината, сликовито испишани во хиероглифите на природата. Тие претставуваат слова, печати, знаци, навестувања, мимика на вистината, но не самата вистина. Вистината и фактите се во ист однос, како пишаното и писателот. Преку шарената вселена, на луѓето им се објавува, како во загатка, величествената Личност на Писателот, Која е и сушта и суштествена.  Фактите се променливи и минливи, вистината е секогаш иста. Колку е прекрасен овој збор: вистина. Сиот видлив свет е минлив, во согласност со учењето на религијата и на науката. Како, значи, би можело да биде вистина, она што е минливо?Само Бог е неминлив. Според тоа, само Бог е Вистина. А Бог е Личност. Освен Бог, личности се и ангелите и луѓето. И тие, како личности, се предодредени за неминливост, како синови на Бога Вистинскиот. Исус не сакаше да одговори на ова погрешно поставеното прашање на Пилат, но на друго место, и пред други рече: Јас Сум Вистина. Со оваа објава, направен е пресврт во историјата на човештвото, пресврт пресуден за сфаќањето на Бога, човекот и природата. Бог е Личност, а не предмет. И човекот е личност, а не предмет. Оттука и за човекот не прилега прашањето Што, туку Кој? Вечниот Сејач рекол: Јас Сум Вистина, и тогаш во светот започнала борбата помеѓу Што и Кој? Таа започна пред 20 века, но во нашиве дни доби на интензитет и го опфати целиот свет.  Сите Православни христијани низ светот, должни се да го знаат ова.

 

Извор: Бигорски манастир