Епископ Иларион Алфеев


Разбирање на духовноста, христијанството, културата


devojka.sveka.jpgПред да зборувам за духовниот живот, би сакал да го појаснам поимот „духовност“. Денес многу се слуша за духовноста. За неа зборуваат луѓе од најразлични професии и светогледи, со различно животно искуство, внесувајќи во тој поим најразлични содржини. Во православно, христијанско поимање, духовноста пред сè е поврзана со поимањето на Светиот Дух. Духовноста е способност да се живее на таков начин што сиот живот би бил пронижан со присуството на Светиот Дух, за Светиот Дух да дејствува во човекот. Соодветно на тоа, духовноста е религиозен поим. Надвор од религијата, овој термин е лишен од секоја смисла.

Оние постарите добро паметат како во времето на комунизмот во училиштата нè учеа дека човекот е мајмун кој достигнал одреден степен на интелектуален развој, дека човекот, пред сè, е материјално битие коешто живее во материјален свет. Сè што при еден таков пристап било внесувано во поимот духовност, било лишено од религиозната суштина. Под духовност се подразбирала интелектуална дејност, вклученост на човекот во културата  и ништо повеќе.

Требе да се објасни, исто така, и поимот култура. Зборот „култура“ произлегол од латинскиот „култ“  „богослужење“. Според своите корени, сета човекова култура има религиозно происходство. Во древниот свет немало друга култура освен онаа којашто била непосредно поврзана со религијата. Од што произлегла музиката? Од богослужното пеење, од желбата на луѓето да го воспеваат Бога. Од што започнала ликовната уметност? Од обидите на луѓето да го изобразат своето религиозно искуство преку линии и бои. Таквата поврзаност може да се направи за секој вид уметност, зашто сите уметности имаат корени во религиозното верување, во религиозниот култ.

Од моментот кога уметноста се издвоила од религијата, таа стекнала самостојно постоење. Тоа се случило не толку одамна  на Запад во епохата на Ренесансата, во Русија нешто подоцна  и резултат на тоа е создавањето на светската култура. Сета светска култура, според мене, во извесна мера или себеси се става наспроти нешто бжествено и религиозно, или со себе заменува нешто божествено и религиозно, или постепено, измачувачки, ги бара корените од кои некогаш се откорнала. Со други зборови, културата не може да биде неутрална во однос на религијата. Таа може да биде религиозна, при што ја имам предвид не само чистата религиозна култура, туку и светската култура којашто се обидува да го пронајде својот пат кон Бога. Таа може да биде и антирелигиозна, во смисла што воинствено се поставува наспроти религијата, каков што беше случајот со советската култура. Но културата може да биде антирелигиозна и во онаа смисла во која префиксот „анти“ се употребува во грчкиот јазк  „наместо“. Тогаш таквата култура, или, поточно, антикултура, претставува обид со неа да се замени религиозната содржина на животот.   

И уште една забелешка  за смислата на поимот „христијанство“. Некој ќе помисли дека тука нема што да се размислува, дека сите ние знаеме што е христијанство. Но, ако некој нè праша во што е суштината на христијанството, по што тоа се разликува од другите религии, зашто е потребно христијанството, мислам дека секој нема да може да одговори правилно. А причината е во тоа што и во поимот „христијанство“ се внесуваат крајно различни содржини. 

Христијанството е една од светските религии, но со тоа ниту оддалеку не се исцрпува неговата суштина. Ако погледнеме на одделни компоненти на христијанството, ќе забележиме дека повеќето од нив ги има и во другите религии. На пример, верата во еден Бог е присутна и кај христијаните, и кај јудеите, и кај муслиманите  претставниците на монотеистичките религии. Христијанскиот морал исто така не претставува нешто уникално: во многу нешта тој е близок на јудејскиот, старозаветен морал; има многу заеднички нешта и со муслиманското морално учење. На нивото на аскетската и молитвена практика, христијанството исто така има многу заеднички нешта со другите религии. Погледнете се како се моли христијанинот во храмот и муслиманот во џамијата. Тие изговараат сични зборови во молитвата, користат слични гестови. Со еден збор, ниту на едн од наброените нивоа нема да најдеме кардинални разлики меѓу христијанството и другите религии.

Уникалноста на христијанството се состои од тоа што таа е религија на Воплотениот Бог  Бог кој станал човек. Имено, живата Личност на Христос стои во центарот на христијанската религија. Подвлекувам: не моралното учење на Христос, не едни или други аспекти на духовниот живот, на молитвената или аскетската практика, туку живата личност на Христос е центар и суштина на христијанството. Сиот живот на Црквата, сиот сдуховен живот на христијанинот, сето она што ние го нарекуваме духовност во христијанското поимање  сето тоа е ориентирано на Христос и е условено со стремежот кон личен однос со Него.

Уникалноста на христијанството е и во тоа што несовладливото растојание, коешто постои меѓу Бог и човекот и коешто човек не може да го совлада со сопствени сили, веќе е совладано од Самиот Бог  Бог Кој станал Човек, односно еден од нас, за да можеме да дознаеме за Него, да Го засакаме, да поверуваме во Него, за да може да нè искупи од гревот и од злото, од смртат и од адот. Како што велеле отците на Црвата, Бог Кој останал едносуштен со Отецот по Божеството, станал едносуштен на нас по човештвото. Останувајќи целосно Бог, не губејќи ништо од Своите Божествени својства, Тој станал Човек, примајќи ја доброволно човековата природа. Тој останал она што бил, и го примил во Себе она што не бил. Како резултат на тоа, човековата природа толку тесно и нераскинливо се слеала во лицето на Христос со Божеството, што секое пројавување на таа човечка природа било пронижано со Божественото писуство. Со други зборови, во лицето на Христос ние среќаваме Човек во Кој севкупното Негово човечко пројавување нераскинливо е поврзано со Божеството: Бог присуствува во сето она што го прави, го мисли и го зборува Христос-Човекот.

За христијаните Христос е жив идеал, оној пример којшто во сè треба да го подражаваме. Не случајно во Православната Црква ги почитуваат светиите. Нив не ги почитуваат затоа што се некакви особени суштества, создадени од друга материја. И тие се луѓе како ние и вие. Но, тоа се луѓе што отишле многу подалеку од нас на патот на уподобувањето на Христос. Тие го стекнале Бога внатре во себе, толку природно и нераскинливо се соединиле и се слеале со Него, што Бог се Чувствува Себеси во секој од светиите како во сопствениот дом, и светиите стануваат еден вид инструменти во Неговите раце, затоа што Бог преку нив дејствува врз другите луѓе.

Секој оној којшто станува христијанин, стапнува на патот кој води кон Христос. И секој човек има свој пат. Секој човек оди кон целта по својата страна. И колку поблиску е човекот до Христос, толку со поголема полнота го восприема Бога и толку повеќе е способен да го внесе Бога во себе. А примајќи го Бога внатре во себе, тој може да го пренесува знаењето за Бога и искуството од присуството Божјо на другите луѓе. 

Подготви: д- р Драган Михајловиќ