vozdvizenie.jpg

ЗА ТАЈНАТА НА СВЕТАТА ПРИЧЕСТ

„Ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе“ (Јован 6, 53).

Светата Причест (Евхаристија) е тајна во која на православниот верник во вид на леб и вино му се доделува Телото и Крвта на Исуса Христа, за простување на гревовите и за живот вечен, при што истовремено реално и бескрвно се предочува крсната жртва на Спасителот.
Оваа Света Тајна е востановена од самиот наш Господ Исус Христос, Кој не само што зборуваше за неа, туку и самиот ја изврши пред своето распнување: откако јадеше со своите апостоли го зеде лебот и молејќи се на Отецот Небесен го благослови и, прекршувајќи го, рече: "Земете, јадете; ова е Моето тело." Потоа ја зеде чашата со вино,. и откако заблагодари им ја даде велејќи: "Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролева за мнозина, за простување на гревовите" (Мат. 26,26-28; Марко 14,22-24), "правете го ова за Мој спомен" (Лука 22,19-20).
Ете како Спасителот заповеда, оние што сакаат да имаат живот вечен, да го јадат Неговото Тело и да ја пијат Неговата Крв во вид на леб и вино, леб и вино осветени преку Светата служба на Отецот, преку молитви и величанија (Мат. 26,26-30; Марко 14,22-26).
А моќта на извршување на ова чудо над чудата: лебот и виното да бидат претворени во Тело и Крв Господови за христијаните да ги јадат и пијат -име дадена единствено на Неговите апостоли, епископи и свештеници, хиротонисани со избор и со полагање на свештени раце (Тит 1,3-9).
Христијаните - колку и да се добри пред Бога и колку чуда да направиле - не можат да ја вршат тајната на кршење на лебот, туку само епископите и свештениците. Ова е јасно и гласно докажано во Светото Писмо на Стариот и Новиот завет. Така во Стариот Закон Бог го одреди за свештеник Арон и децата на децата негови од род во род, до времето кога требаше да дојде Месијата Хрнстос, и оние што се осмелија да служат, а не беа од племето на свештеникот Арон, беа ужасно казнувани (4. Мој. 3, 10; 16, 1-50; 1. Цар. 13, 1-14; 2. Кор. 26, 6-18; 1. Кор. 10,1-12; Јуда 1,11; Јак. 4, 5; Рим. 15, 4). Во Новиот завет Господ Исус Христос, откако го промени свештенството и Стариот Закон (Евр. 7, 12), востанови ново свештенство со власт, како и Он Самиот, да ги врши Светињите и да ги простува гревовите на оние што ќе се покајат (Јован 20, 21-23; Откр. 1, 6; 5,10; 2. Кор. 5,18-20; 1. Кор. 4, 1; Псал. 131,9-16).
Така оваа чудесна храна - Телото и Крвта Господови - не се наоѓа никаде на друго место, туку само кај христијанските православни свештеници. Кој сака да се спаси оди во Домот Господов, и му се дава - дури и на оние што немаат пари, зашто нема потреба од плаќање (Иса. 60, 1-13; Малах. 1, 11; Откр. 21, 6; Рим. 4, 14-16).
Свети апостол Павле вели: "Чашата на благословот, која ја благословуваме, не е ли општување со крвта Христова? (Да!) Лебот што го кршиме не е ли општување со телото Христово? (Да!)" (1. Кор. 10, 16) Значи не е привид; кој ја нема оваа вера - во заблуда е и нема спасение (Рим. 14, 23). За оваа евхаристиска крв ни се вели: "Крвта на Исуса Христа, Неговиот Син, не исчистува од секаков Грев" (1. Јов. 1,7).
Телото и Крвта Господови можат да се јадат и почесто, особено кога ги избегнуваме гревовите и кога имаме неосквернет живот и спознание на умот чисто и неосудено, додека Крштението не може повеќе да се повторува, како што е напишано (Ефес. 4, 5). Да се причестуваме со Телото и Крвта Господови е токму заповед Божја - сите од деца до најстари - да се причестиме најмалку еднаш годишно. Ова ни се покажува со праобразот на Пасхалното јагне од Стариот завет (2. Мој. 12, 1-28; 4. Мој. 9, 1-14). Но светите апостоли - ни се изложува - ги причестуваа христијаните секоја недела, зашто оние што веруваа во Исуса, беа постојани во науката апостолска и секој ден беа сите во црквата. Затоа апостолите го прекршуваа лебот по домовите и земаа заедно храна со радост и во чистота на срцето (Дела 2, 42-46; 20, 7-11).
Подоцна станало обичај во црквата христијаните да се причестуваат (најмалку - заб. на превед.) четири пати годишно, во четирите пости. Секако, поединци од побожните се причестувале и повеќе пати, како што и денес има многу што се причестуваат почесто во текот на годината, и уште подобро, само да имаат достојна подготовка, бидејќи секогаш кога го јадеме и пиеме Телото и Крвта Господови - ја објавуваме смртта Негова, додека не дојде втор пат (1. Кор. 11, 26).
Оваа Света Тајна свештениците ја даваат на новокрстениот токму на Крштението, откако бил намачкан со Светото миро или со печатот на Светиот Дух. Така му ја дава до седумгодишна возраст, со тоа што почнувајќи од оваа возраст треба да се исповеда на свештеникот духовник, (да ги исповеда своите гревови) (1. Јов. 1, 9), дали е достоен за Телото и Крвта Господови. За оние кои сакаат да се причестат, а се возрасни, свети апостол Павле препорачува секој да се испита себеси, а дури потоа - по исповедта и благословот (разрешувањето) од духовникот - да се причестат со Телото и Крвта Господови. Зашто кој недостоен јаде и пие од Телото и Крвта Господови, судот свој ќе го јаде и пие, непочитувајќи го Телото и Крвта Господови (1. Кор. 11, 27-29; Евр. 6, 4-6).
Иноверниот: Лебот и виното од "Господовата Вечера" се природен леб и природно вино. Тие само ги претставуваат и симболизираат Телото и Крвта Господови, а вистински не се. Така било дури и на Тајната Вечера, што се гледа во тогашните зборови на Спасителот: "Вистина ви велам: Јас нема да пијам повеќе од лозовиот плод се до оној ден, кога ќе пијам нов во царството Божјо" (Марко 14, 25; Мат. 26, 29). Значи, станува збор за лозов плод, што значи дека виното останало природно вино и не се претворило во Крв. Оттука произлегува дека тоа само ја симболизира, а не е Крвта Господова.
Свештеникот: Спомнатите зборови (Марко 14, 25; Мат. 26, 29) ги изрече Спасителот во врска со првата чаша, што навистина содржела природно вино. Но, Светата Причест беше востановена од Спасителот Исус Христос по вечерата, при втората чаша, затоа што тогаш Спасителот рече: "Оваа чаша е Новиот завет со Мојата крв... (Лука 22, 20). Значи, она што е нецелосно кај Марко, се дополнува и се разјаснува кај Лука. Матеј зборува само за една чаша, и тоа за евхаристиската (причесната). Но кај Лука забележуваме дека станува збор за две чаши и дека Светата Причест е востановена при втората чаша. Така, зборовите што се однесуваат на првата чаша не се во врска со Светата Причест, како што е случајот и со наводот од Марко (14, 25).
Иноверниот: Причеста или Вечерата Господова е обична комеморативна вечера, чест или гозба или другарски ручек на кој се конзумираат лебот и виното во спомен на Тајната Вечера, на страдањата и смртта на Господа. Така одредил Господ, велејќи им на своите апостоли: "Правете го ова за Мој спомен" (Лука 22,19; 1. Кор. 11, 24-25).
А свети апостол Павле, вели: "Кога ќе го јадете овој леб и кога ќе ја пиете оваа чаша, вие ќе ја објавувате смртта на Господа, додека Он не дојде" (1. Кор. 11, 26). Целта е, значи, продлабочување на христијанската вера и побожност со симбол кој претставува, а не е вистинско јадење на Телото и Крвта на Спасителот, ниту постојано повторување на голготската жртва.
Свештеникот: Господовата вечера не е само обична комеморација на смртта Господова - како на вас што ви се чини - зашто лебот и виното од оваа Света вечера не беа само симболи на Телото и Крвта Господови, туку вистинско Тело и Крв Негова. Спасителот не научи на оваа вистина, зашто Он не рекол: "Земете, јадете, ова е симбол на Моето тело". Не! Туку рекол: "Ова е Моето тело...и ова е Мојата крв" (Мат. 26, 26-28; Лука 22, 19-20). Значи, како што евхаристиските леб и вино не се само некакви симболи, туку вистинското Тело и Крв на Спасителот, исто така и "Господовата Вечера" - како што ја нарекувате вие иноверните - не е само обична пријателска вечера, каде што се јаде леб и се пие вино, туку оваа вечера на Спасителот има карактер на Тајна, поради тоа што преку неа се разделува дарот на Светиот Дух, кој ги простува гревовите и осветува, и истовремено има карактер на жртва, бидејќи ги исполнува сите услови на оваа жртва: Телото и Крвта Господови, што се крши и пролева за нас за простување на гревовите; значи и својство на искупителна жртва. Овие карактеристики, бидејќи за нас се од најголемо значење, не треба да бидат пренебрегнати или сметани само за обични симболи.
Иноверниот: Евхаристијата не може да биде бескрвна жртва на Спасителот, зашто Спасителот се принесе себеси на жртва еден единствен пат на Голгота и таа не може повеќе никогаш да се повтори (Евр. 9, 28; 10,14). Меѓутоа, кога Евхаристијата би била жртва, тоа би значело дека се повторува толку пати колку што се врши Светата Причест, што би било во спротивност со Светото Писмо.
Свештеникот: Навистина, Христос се жртвуваше еден единствен пат и Неговата жртва повеќе не се повторува, бидејќи ако се повтори би значело дека го немала саканиот ефект и дека би била како старозаветната жртва. Но, бидејќи таа го имаше тој ефект, секое нејзино повторување е бесмислено. До овде сме целосно согласни со вас.
Но од овде уште произлегува дека Светата Евхаристија не може да биде единствена жртва на Господа од Голгота, принесена на бескрвен начин. Таа ја повторува жртвата од Голгота, ја нуди, ја актуелизира и ја вообичајува, правејќи нејзините плодови секогаш да бидат присутни и живи во нашите тела и души, до Второто доаѓање Господово. Евхаристиската жртва ја повторува Голготската жртва која тогаш беше крвна, а сега е бескрвна. Самиот Спасител не поттикнува жртвата на Неговото Тело и Крв - а во исто време и нејзиното принесување - да не престане до Неговото крајно доаѓање (Лука 22, 19; 1. Кор 11, 25-26). Од една страна се вели дека Неговата жртва се принесува само еднаш, а од друга - дека таа жртва ќе треба да ја принесуваме до Второто доаѓање.
Иноверниот: Свештениците се грешни и неморални луѓе, значи, невозможно е некој грешен свештеник да може да изврши вакво незамисливо големо чудо: да го претвори лебот и виното во Тело и Крв Господови.
Свештеникот: Свештениците, навистина, можат да бидат грешни и неморални, бидејќи и тие се луѓе, но сепак не се сите така грешни како што се обвинети. Но треба да се знае следнава работа: не се свештениците тие што го претвораат лебот и виното во Тело и Крв Христови, туку Светиот Дух.
Свештениците само Му се молат на Бога да го испрати Светиот Дух да ги претвори овие Свети Дарови во Тело и Крв на Спасителот. Колку и да се грешни, свештениците со хиротонијата имаат посебен дар на Светиот Дух за вршење на службата и Светињите. Тој дар го немаат ниту ангелите од небото, и никој од луѓето, освен свештениците. Ете зашто им е можно ова надумно и надискажливо чудо. Но вие, како што не можете да ги разберете од Светото Писмо ниту другите тајни, така и силата на оваа Света Тајна ја толкувате неправилно, на погибел на душите на многумина.

 

 (Продолжува)

 Прот. Владимир Амфитеатров- КУСИ ПОУКИ ЗА ОНИЕ КОИ СЕ ПРИЧЕСТУВААТ

Извор: Ѓаконија, Скопје 2002

Главен и одговорен уредник:

Митрополит Брегалнички г. Агатангел

 vozdvizenie.jpg

 Архимандрит Кипријан (Керн)- Причестување на свештенослужителите (1)