vozdvizenie.jpg

Од нашиот Создател сме створени за вечен живот, со Словото Божјо сме повикани и со свето Крштение сме обновени. И Христос, Синот Божји затоа дошол во светот, за да не’ повика за вечен живот и да не’ приближи кон Него - и само Тој ни е потребен за таа цел.

Да добиеш вечен живот - тоа треба да биде првата твоја грижа и стремеж. Ако го немаш Него, дури и целиот свет да го поседуваш, ништо немаш. Секој грев и пристрасност кон суетата на светот те оддалечува од Него. Пази се од нив, за да не се лишиш од вечниот живот. Ако полагаш напори да го пазиш привремениот живот, иако неизбежно ќе го оставиш, и правиш се’ за да не се лишиш од него - неспоредливо повеќе треба да го бараш вечниот живот и целиот напор да го вложуваш за да не се лишиш од него. Се’ што е привремено е ништожно во споредба со вечното. Барај го само вечниот живот како твое единствено вистинско добро и со целата своја делотворност избегнувај го сето она што ја затвора вратата кон него. Бог е човекољубив и сака да се спасиш. Тоа да биде и твоја желба и така неспорно ќе се спасиш. Сакај и барај така како што гладниот бара храна, а жедниот - питие, и ќе го добиеш тоа што сакаш.

Не подражавај ги оние христијани кои во овој свет сакаат да се збогатуваат, да стекнат чест и да се прослават. Тие заборавиле дека Синот Божји пострадал и умрел за нив и преку Своето страдање и смртта ја отворил вратата кон вечниот живот и за тоа ги призвал. Јасно е дека тие го сакаат и бараат само тоа што го гледаат, а кон она што не го гледаат, кон него не се стремат.

Тие секој ден, слично на Адам во рајот, посегнуваат кон забранетиот плод и ја предвкусуваат својата беда, а со своето срце отстапуваат од Бога. Личат на Израилците, кои излегувајќи од Египет, пак ги обрнале своите срца кон поробителите и така Го разгневиле Бога.

На истиот начин и христијаните, кои при св Крштение се избавени од ѓаволските лукавства, како Израилците од игото на фараонот, и се призвани кон вечни блага, често ги отклонуваат своите срца и се приврзуваат кон светското и видливото, го оставаат вечното и го бараат привременото. Не подражавај ги таквите христијани, туку кон вечното благо со вера и срце се стреми. Христијанската имотност и наследство, чест и слава, богатство и скапоценост не се од овој свет, туку во идниот век. Во небесното живеалиште се приготвени сите блага од Небесниот Отец. Нив барај ги со целиот свој стремеж, а од светските работи користи се со внимание и страв Божји, да не би со прекумереност да Го разгневиш Господ твојот Бог.

Апостолот рекол: "Бидејќи ништо не сме донеле на светов, јасно е дека не можеме и ништо да однесеме. Но кога имаме храна и облекло, со тоа да бидеме задоволни.“ (1 Тим. 6:7-8).

Подготви:

Аргита Атева