gakon.Goran.A.jpg
 

“ Во Него имаше Живот и Животот им беше светлина на луѓето. И Светлината во темнина свети и мракот не ја опфати…постоеше вистинска светлина Која го осветлува секој човек, што доаќа во светов”
/Јн. 1, 4-9/ 
Христос со Своето Воскресение како темел на нашата вера, надеж и љубов ја прослави човечката природа, во Него ја возобнови падната од грев природа на човекот, преку која вкуси с# освен гревот. Преображението пак, ја покажа Божествената слава на Христос како Единороден Син на Бог Отец, славата на Неговата Божествена природа, која беше посведочена од светите апостоли /Јн. 1,14; 2Петр.1,17-18/, а потврдена од Бог Отец. Кажувањето на свети Максим Исповедник, дека Бог сака да му го даде на човекот по благодат сето она што го има Он по природа, зборува за љубовта која ја има Светотроичниот Бог кон човекот и светот, љубов која постојано ја излева преку благодатта на Светиот Дух во Црквата, правејќи од нас учесници во самиот Негов живот  преку Богочовекот Христос. Следењето на Крстот Христов преку покајнието и очистувањето на срцето од гревот од нас прави учесници во страдањата Негови, во Неговата Смрт, но и во Неговото Воскресение, вечниот живот, а стекнувањето на мирот и радоста во Светиот Дух, благодатта Божја чини од нас да се трудиме сето ова да го достигнеме со обожувањето,  за да бидеме учесници во Неговата слава, постанувајќи синови Божји по благодат, во очекување да  ја видиме Светлината незалезна во Царството Божјо.
Облекувањето во оружјето на светлината, започнува со светото Крштение, со раѓањето од вода и дух,  кога секоја душа оживува и со чистота се возвеличува светлејќи со Троичното единство на таинствен начин (антифон на 4 глас на Воскресната утрена), примајќи го посиновението во Христа Богочовекот запечатено со благодатта на Светиот Дух го добиваме залогот за вечниот живот во Царството Божјо, но со тоа започнува и патот на нашето уподобување во Христа, стекнувањето на подобието Божјо односно нашето искачување кон гората Тавор за да ја видиме Светлината на славата Божја во Неговото Царство како смисла и цел на нашиот христијанскиот подвиг во светот. Усвојувањето на покајнието е почетокот на тој пат, кој иако е исполнет со искушенија, страдања и трпение, сепак тоа е одењето во ден, во светлина како што вели Нашиот Спасител. Покајнието е потврда на светлата облека, а таа Светлина треба да ја зачуваме преку исполнувањето на заповедите Христови, да пазиме се што ни заповедал преку постојаното повикување Господи Исусе Христе, помилуј ме мене грешниот, за со Неговото име да ја обновуваме непрестајно во нас благодатта на Светиот Дух и светлината на Светотроичниот Бог примена со крштевањето, која го чисти срцето од гревот и го просветлува со плодовите на Духот /Гал.5,18-24/, кои водат кон обожувањето, кон преобразувањето во Христа преку Кого може да се биде учесник и сведок во гледањето на светлината на Славата Божја, која го опфаќа сиот свет и го преобразува човекот.
Овој подвиг на искачување кон Таворската гора, за да се види Светлината на славата Божја уште овде и сега преку практикувањето на умносрдечната молитва не е само личен подвиг кој како таков низ Преданието на Црквата го зачувале за сите и за с# светите исихасти до денес и меѓу нас, туку тој подвиг на овие свети отци е и соборно дело на целата Црква  Божја, сиот личен подвиг според дарот и благодатта Божја и според благословот и послушанието кон духовниот отец вклучен е во литургискиот живот на Црквата, бидејќи како што вели о. Александар Шмеман, од Светата Педесетница па наваму, постојано Црквата радосно ги повторува зборовите на светиот апостол Петар, “добро ни е да бидеме овде” /Мт. 17,1-9/. Вие сте светлината на светот, вели Нашиот Господ, но само ако ги принесуваме плодовите на покајанието, а примајќи го Телото и Крвта на Богочовекот Христос на секоја Света Литургија кои не очистуваат од гревот, воскликнуваме дека ја видовме вистинската светлина која треба да ја посведочиме на светот со нашиот живот, со исполнувањето на својот повик за единство со Бог во Неговото Царство како смисла и цел на нашето постоење. Зборовите, Господи добро ни е да бидеме овде, по мерата од нашето покајание нека станат и наши зборови за да ја видиме и посведочиме светлината на Преображението со која постојано се преобразува нашиот живот, а преку нашиот живот и светот.