Ме привлекуваше животот за кој што зборуваше и каков што живееше Старецот, па се обидов да му се приближам. Меѓутоа, по секое откривање се уверував колку сум далеку од него. Моите потиснати болни искуства на неправда што ги имав доживеано, повремено негативно влијае на мене, така што поради нив станував невнимателен. Мислев дека ги надминав, но во мене остана некакво скриено злопаметење - однадвор сосем невидливо, а со самото тоа и опасно. Личеше на оправдано жалење, горчина, нестрпливост, што поради достоинството, остануваше во тишина. Отечката поука: Љуби го грешникот, а мрази го неговиот грев, незабележливо ја превртував во себе, а мојата одвратност кон туѓиот грев се закануваше да се пренесе и на човекот. Старецот ми укажа на опасноста, а лекот што ми го даде, беше, како и обично, во облик на поучни и длабокоумни сказанија:

Сочувство со човекот на кој злобниот му сторил неправда

„Ако еден ден”, го почна тој своето раскажување, „мирно одиш по својот пат и видиш дека и твојот брат оди во мир, но во моментот гледаш како некој лош човек изненадно, со нож во раката, скока од заседа и му се заканува на твојот брат, го удира, го влече за коса, му задава рани и го фрла на земја, и кога го гледаш тоа ќе се разгневиш ли на брат ти, или ќе се сожалиш на него?”
- Секако дека ќе се сожалам на него и дека ќе му помогнам колку што можам.
„Секој човек”, продолжи Старецот, „кој напаѓа на тебе, кој ти нанесува штета, кој те оговара, кој на кој било начин ти нанесува неправда, е твој брат кој паднал во рацете на злонамрениот ѓавол. Што треба да правиш кога ќе сфатиш дека брат ти ти прави неправда? Треба многу да се сожалиш на него, да сочувствуваш со неговата мака и усрдно и во молк да се помолиш на Бога да те зацврсти тебе во тој тежок момент на искушение, и да го помилува твојот брат кој станал жртва на грабливиот ѓавол – Бог ќе ти помогне и тебе и на твојот брат. Ако не постапиш така, ако напротив се разгневиш на својот брат спротивставувајќи се на неговиот напад со свој противнапад, тогаш ѓаволот, кој е на вратот на твојот брат, скока и на твојот грб, па со двајцата се поигрува.”


Поправање, а не осуда на злото

„Нашата цел не е во тоа да го осудуваме злото, туку да го поправаме. Преку осудување човекот може да пропадне, преку разбирање и помош ќе се спаси. Грешникот треба да го гледаме со љубов и почитување во неговата слобода. Кога некој од нашето семејство турне вазна од масата и таа се скрши, обично се лутиме. Ако во тој кризен момент, со некакво движење на душевно возвишување, покажеме разбирање и ја оправдаме штетата, ќе и помогнеме и својата душа и на душата на својот брат. Во тоа е содржан целиот наш духовен живот: духовно воздигнување во моменти на искушенија и патење, од гневот на егоизмот до разбирањето на љубовта.”


Лошите помисли се многу опасни

Според зборовите на Старецот, ова воздигнување, започнува од делувањето во длабочината на душата. Еднаш кога ме преплавија горчливи помисли за некои луѓе кои неправедно ме осудуваа, Старецот заѕвони на ѕвоното на опасноста од мојот, како што рече, „агресивен” став. Реков дека не реков ништо ниту направив нешто против оние кои ги осудував, туку дека само негативно размислував, без гласно да зборувам и да се доближувам до некој. Тогаш Старецот ми откри уште една тајна на духовната борба и рече: „Ниту поради некакви неправедни обвинувања против себе немој да се гневиш, дури ни во себе. Тоа е лошо. Злото почнува со зли помисли. Кога си огорчен и кога се гневиш, дури и само со помислите, ја расипуваш духовната атмосфера. Му пречиш на Светиот Дух да дејствува, а му овозможуваш на ѓаволот да го зголеми злото. Секогаш моли се да љубиш и да простуваш, бркајќи го од себе секое.”


Простувајте им на луѓето

Простувањето на луѓето кои ни нанесле штета, Старецот го сметаше за основа на духовниот подвиг. Често ги повторуваше зборовите од молитвата: „...Простено да им биде прво на оние што ме ожалостиле.” Во исповедта посебно значење му придаваше на тој духовен грев, секогаш не потсетуваше дека го памтиме злото што некој ни го направил и дека му враќаме со зло, или горчина, или непријателство. Сакаше нашите души да бидат трпеливи и незлопамтиви, полни со спремност за простување и полни со љубов.


Не барај другите да те сакаат

Во некоја друга прилика, кога бев ожалостен зашто не наидов на одговор на љубовта од некои луѓе, Старецот ми рече: „Денес луѓето бараат другите да ги сакаат; поради тоа и доживуваат неуспех. Правилно е да не се осврнуваш на тоа дали тебе те сакаат, туку дали ти го сакаш Христа и луѓето. Само така душата се исполнува”.


Сакај ги сите луѓе

Љубовта на Старецот немаше граници – беше бесконечна. Се простираше на сите Божји деца, на сите луѓе, на пријателите и на непријателите. Ми велеше: „Венецот на нашата љубов кон пријателите во себе има страни тела (сметка, возвраќање, суета, сентиментална слабост, страсно сочувство); додека венецот на нашата љубов кон непријателите е чист”. Уште ми велеше: „Нашата љубов во Христа треба секаде да стигне, дури и до хипикот во Матали. Имав голема желба да одам таму не за да им проповедам или да ги осудувам, туку заедно со нив да живеам без грев и да ја пуштам љубовта Христова, која сè преобразува, да зборува самата од себе. Ги видов хипиците и се сожалив на нив. Беа како овци без пастир”.
Кога беа во прашање моите социјално - општествени односи, обично ме советуваше: „Својот христијански подвиг не треба да го вршиш со проповеди и осуди, туку со вистинска мистична љубов. Кога осудуваме, другите враќаат на тоа. Кога ги љубиме, мислиме дека им принесуваме на другите, а всушност си принесуваме прво себе. Љубовта бара жртви. Со смирение жртвуваме нешто свое, што, всушност е Божјо”.


Човечка љубов остварена преку божествен Ерос

Старецот сметаше дека љубовта кон Христа претставува неопходна претпоставка за љубовта кон луѓето. Љубовта кон Христа е љубов на целото наше битие, остварена „со цело срце, и душа, и сила и мисла”; таа е бесконечна и вечна, како и Самиот љубен Христос; тоа е љубов што се издига до божестевниот Ерос.

Христов Ерос

Душата што е заљубена во Христа секогаш е радосна и среќна, па што и да и се случи, какви било напори и жртви да ја чини нејзиниот божествен Ерос. Колку повеќе се труди и се жртвува поради својот љубен Христа, толку е посреќна. Душата се заљубува во Христа кога ќе ги запознае и ќе ги применува Неговите заповеди. Кога душата ќе се заљуби во Христа, ги љуби и луѓето – не може да ги мрази. Во душата што е заљубена во Христа ѓаволот не може да влезе. Во душата којашто целата е обземена со Христа, не може да влезе и да се всели ѓаволот, па колку и да прави напори, зашто во неа нема празно место за него. На тој начин можеме да живееме вистински христијански живот.


Соединет со сите екстремитети кон Црквата

„Зарем никогаш не си читал дека кога страда еден дел од телото, заедно со него страдаат сите делови, а кога е прославен еден дел, заедно со него се радуваат сите делови? Зарем не го сфати следното: ако останеш одвоен христијанин, ако длабоко во себе не почувствуваш дека си еден екстремитет, со непрестајна врска на љубовта животно соединет со останатите екстремитети на мистичното Тело Христово, односно Неговата Црква, нема да бидеш вистински христијанин?”


МОЛИТВА

Средството со кое Старецот доживуваше божествен Ерос и човечка љубов во Христа, како жив екстремитет на Телото Христово, односно Неговата Црква, беше молитвата – волна, непрестајна, усрдна, умносрдечна Исусова молитва. Зборовите: „Господе Исусе Христе, помилуј ме”, беа рајско цвеќе што на усните на Старецот цветаше зима и лето, дење и ноќе. Неговата молитва, како дишењето, продолжуваше и кога беше буден и кога спиеше, како во библиските зборови: „Јас спијам, а срцето мое е будно” (Пес. над пес. 5, 2).


 
Од книгата Старец Порфириј- подвижник на љубовта, прозорлив чудотворец проозрлив чудотворец

Подготви: Жаклина Стојановска