katakomba.jpg


ОПРЕДЕЛУВАЊЕ НА ПРАВОСЛАВНАТА ДУХОВНОСТ


Прво треба да бидат дефинирани сфаќањата “православие” и “духовност”. Очигледно е дека не можеме да говориме за “православна духовност” без да знаеме што точно означуваат овие два збора. Така, всушност, постапувале и светите отци на Црквата. Во својата чудесна книга Изворот на знаењето и поконкретно во првиот дел, насловен Философски глави, св. Јован Дамаскин ги анализира сфаќањата: суштина, природа, ипостас, лице и други. Сите овие зборови можат да се искористат на различен начин, во различен контекст, и затоа тој го објаснува нивното значење.
Определувањето “православна” (орљодоџој) доаѓа од именката “православие” (орљодоџиа) и ја покажува разликата помеѓу Православната Црква и секоја друга христијанска заедница. Зборот “православие” го изразува вистинското знаење за Бога и творбата. Тоа е определувањето кое го дава св. Анастасиј Синајски: “Православието е правилен поглед за Бога и творбата, вистинско сфаќање за се, учење за она што постои такво какво што е”1.
Сфаќањето /поимот/ “православие” (орљодоџиа) ги содржи зборовите: “право” (орљх - вистинско, правилно) и “слава” (доџа). “Доџа” (докса), од една страна, означува “верување”, “вера”, “учење”, а од друга - “прослава” или “славословие”. Овие две значења се многу блиски. Вистинското учење за Бога во себе го содржи вистинското прославување на Бога; затоа што, ако Бог е апстрактен, тогаш молитвата кон таков “Бог” исто така, ќе биде апстрактна; ако Бог е личносен, тогаш молитвата исто така, се здобива со личносен карактер. Бог ја открил вистинската вера, вистинското учење. Затоа велиме дека учењето за Бога и се што се однесува на човечкото спасение, се Божјо откровение, а не човечки откритија.
Бог ги открил овие вистини на луѓето, кои биле подготвени да го примат. Јуда го опишува овој момент многу добро, велејќи: “да се борите за вистинската вера, која им е дадена на светиите еднаш засекогаш” (Јуда 3). Во овој цитат, како и во многу други поврзани со него, јасно се гледа дека Бог се открива Себе на светите, т.е. на оние кои го достигнале рамништето на духовен раст, на кое се во состојба да го примат ова откровение. Светите апостоли прво биле излекувани, а потоа го примиле откровението. И тие го пренеле на своите духовни чеда не едноставно поучувајќи (дидаскалика), но најмногу тајнодејствувајќи (мустхриака) преку нивното духовно раѓање. За да биде сочувана оваа вера, светите отци го форумилирале нејзиното определување и догмите. Ние ги примаме овие догми и определувања на верата; со други зборови ја примаме верата на откровението и живееме во Црквата, за да можеме да се излекуваме. Затоа што верата, од една страна, е откровение за оние кои се очистени и излекувани, а од друга - правилен пат по кој можеме да дојдеме до исцеление.
Именката “духовност” (пнеуматикотхта) доаѓа од придавката “духовен” (пнеуматикој). Во оваа смисла духовноста е состојба на духовен човек. Духовниот човек има определено однесување и определен начин на мислење; се раководи од мотиви, непознати за недуховните луѓе.
Духовноста на Православната црква не е еден апстрактен религиозен живот, ниту е плод на психичките сили на човекот. Таа не е апстрактен религиозен живот, затоа што Црквата е Тело Христово, а не едноставно религија, која теориски верува во некаков Бог. Заради нас второто лице на Света Троица, Логосот Божји, ја прими човечката природа, ја соедини во Својата Ипостас со божествената природа и стана Глава на Црквата. Затоа Црквата е Тело на Богочовекот Христос. Освен тоа, духовноста не е едно од пројавувањата на енергиите на душата, какви што се разумот, сетилата, гневот и друго. Тоа треба да се нагласи, затоа што денес, за жал, многумина ја прилепуваат етикетата “духовен” на луѓе кои ги развиле своите интелектуални способности: научници, артисти, уметници, поети и други. Слична интерпретација не може да биде приемчива за Православната црква. Се разбира, немаме ништо против научниците, поетите и другите, но не можеме да ги наречеме духовни луѓе во строго православна смисла на зборот.
Во учењето на светиот апостол Павле духовниот човек е разграничен од душевниот. Духовен е човекот кој ја има енергијата на Светиот Дух во себе, додека душевен човек е оној човек кој има тело и душа, но не го стекнал Светиот Дух, Кој е живот на душата. “Душевниот човек не го прима она, што е од Божјиот Дух: за него тоа е безумство; и не може да го разбере, оти треба духовно да се испита. Духовниот, пак, човек испитува се, а него никој не го испитува” (1Кор. 2, 14-15).
Во истото послание апостол Павле прави разлика помеѓу духовниот и плотскиот човек. Плотски човек е оној кој нема Свет Дух во своето срце, но ги поседува другите психосоматски функции на човечкото битие. Ете зошто е очигледно дека терминот “плотски” не се однесува едноставно на телото, а на душевниот човек, кој е туѓ на Пресветиот Дух и кој во своите дејства се идентификува единствено со својата т.н. биолошка ипостас. “Јас, браќа, не можев да ви зборувам како на духовни, туку како на телесни, како на младенци во Христа. Со млеко ве напоив, а не со јадење, оти уште не можевте да го примите, а и сега уште не можете, бидејќи уште сте телесни. И навистина, штом помеѓу вас има завист, кавга и неслога, не сте ли телесни и не живеете ли како обични луѓе?” (1Кор. 3, 1-3).
Ако цитираниот дел го обединиме со други, кои се однесуваат на христијанското восиновување по благодат, ќе се увериме дека според апостол Павле духовен е оној човек кој станал син Божји по благодат. “И така, браќа, ние не сме му должни на телото, та да живееме по телото; бидејќи, ако живеете по телото, ќе умрете; но, ако преку Духот ги умртвувате работите на телото, ќе бидете живи. Сите оние, што се управуваат по Духот Божји, се синови Божји; оти вие не примивте дух на ропство, за да бидете во страв, туку Го примивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: Ава, Оче! Самиот Дух му сведочи на нашиот дух, дека ние сме чеда Божји” (Рим. 8, 12-16).
Од овие зборови следува дека духовен е оној човек кој сведочи за Светиот Дух во своето срце и со сигурност чувствува дека е пребивалиште на Троичниот Бог. На овој начин јасно разбира дека е син Божји по благодат и во срцето си вели “Ава, Оче!”. Според сведоштвото на Отците, овој срдечен повик, всушност, е срдечно-умна (кардиакх-ноера) молитва.
Кога се запира на прашањето што означува човек да стане храм на Пресветиот Дух, свети Василиј Велики боговдаховено поучува, дека таков е човекот кој не се тревожи од искушенијата и од секојдневните грижи, а Го следи Бога и заедничари со Него. Ова поконкретно означува дека духовен е оној човек кој во себе го има Светиот Дух и е утврден во постојаното сеќавање на Бога2.
Според свети Григориј Палама како што човекот даруван со разум е нарекуван разумен, така и човекот збогатен со Светиот Дух, е нарекуван духовен. Последниот, според свети Григориј, е “нов човек”, воспоставен од благодатта на Светиот Дух.
Истото мислење го споделуваат и други свети отци. На пример, свети Симеон Нов Богослов вели дека човек кој е благоразумен, воздржан, смирен, и кој се моли и претстои пред Бога “во Духот оди”. Тој е духовен човек пар еџелланце.
Според свети Симеон Нов Богослов, кога во даден човек умната и интелектуалната страна од душата не се “облечени” во образот на Христа, човекот е плотски, затоа што не поседува чувство за духовната слава. Овој плотски човек е како слепец, кој не може да ја види сончевата светлина. Така плотскиот човек едновремено е и слеп и безживотен. Напротив, духовниот човек кој учествува во енергиите на Светиот Дух, е жив во Бога3.
Како што нагласивме пред тоа, заедничарењето во Пресветиот Дух го прави плотскиот човек духовен, затоа, според православното учење, духовниот човек е свет пар еџцелланце. Поточно речено, светител е оној кој на многуобразни начини учествува во несоздадената Божја благодат, во обожувачката Божја благодат и енергија.
Светителите се носители и изразувачи на православната духовност. Тие живеат во Бога и Го следат неотстапно. Затоа велиме дека православната духовност не е апстрактна, а е воплотена во лицата на светителите. Според тоа, светителите не се едноставно добри, високо наравствени луѓе, во стрикната смисла на овој збор или едноставно такви, кои се добри по карактер, а луѓе во кои дејствува Светиот Дух. Располагаме со доволно докази за постоењето на светителите. Би сакал да споменам два од нив: Првиот е нивното православно учење. Светителите го примиле и го примаат Божјото откровение; тие го живеат и го изразуваат. Светителите се непогрешлив критериум на вселенските собори. Вториот доказ се нивните свети мошти. Постоењето на моштите сведочи дека Божјата благодат, преку умот, го преобразува телото, а последното исто така, учествува во енергиите на Пресветиот Дух.
Основното назначение на Црквата е да го води човекот кон обожување, кон заедничарење и единство со Бога. Во оваа смисла, ние можеме со сигурност да кажеме дека делото на Црквата е “да создава мошти”.
И така, православната духовност е опит од животот во Христа, атмосфера на новиот човек, роден од Божјата благодат. Тука не станува збор за апстрактна емоционална и психолошка состојба, а за единство на човекот со Бога.
Во овие рамки ние можеме да определиме некои карактеристики на православната духовност. На прво место таа е христоцентрична - Христос стана единственото лекарство за луѓето, поради ипостасното соединување на божествената и човечката природа во Неговото Лице. На второ место, таа е троичноцентрична, бидејќи Христос засекогаш е соединет со Отецот и Светиот Дух. Сите тајни се извршуваат во името на Троичниот Бог. Како глава на Црквата, Христос не може да биде мислен надвор од неа. Затоа православната духовност е црквеноцентрична, бидејќи во Црквата ние можеме да влеземе во општење со Христа. На крајот, како што понатаму ќе објасниме, православната духовност е светотаинствена и подвижничка.

Подготви: А.И.

Друго:

 ikona.gulab.jpgАРХИМАНДРИТ ЈЕРОТЕЈ ВЛАХОС- ПРАВОСЛАВНА ДУХОВНОСТ

 

 

 katakomba.jpgАрхим. Јеротеј С. Влахос- ОПРЕДЕЛУВАЊЕ НА ПРАВОСЛАВНАТА ДУХОВНОСТ (1)

Svetlina.lit.jpg


 

 

Monah.dacha.jpgАрхим. Јеротеј С. Влахос - ЦЕНТАРОТ НА ПРАВОСЛАВНАТА ДУХОВНОСТ (3)

 

Посети: {moshits}