monah.pole.jpg


ГОСПОДОВАТА  МОЛИТВА
 
     Предговор

 Поимите на Евангелското слово се преку Светиот Дух формулирани и затоа имаат дијахронична вредност и вечна перспектива.
 Секое учење, парабола, расказ, опишување, секој збор што се содржи во Евангелието Христово има најголема длабочина и значење. Не се исцрпуваат само во едно површно толкување што нашите сиромашни духовни мерила можат да го сфатат.
 Тоа важи и за Богопредадената молитва, нашето познато “Оче наш”, којашто Самиот Господ и ја предаде на Својата Црква како пример на молитва за сите нас.
 Нашите Свети Отци го живееле Евангелието Христово. Ги пазеле Неговите свети заповеди. Нивниот живот, нивните зборови станале проекција на Евангелието и нивното во Духот Божји искуство го збогатува светото Предание на Црквата. Ја објавуваат големата длабочина на спасителните зборови на Христа Владиката и докажуваат дека Неговите заповеди “не се тешки”, туку можат да ги применуваат Христијаните од секоја епоха, укорувајќи ги така нашето маловерие, негрижа и мрзливост.
 Имајќи ги старите и новите Свети Отци како толкувачи на Господовата Молитва ја испитуваме и допираме нејзината длабочина вознесувајќи ја кон Господа.
 Го молиме Христа Спасителот да ни ја дава и нам, современите Христијани, Својата благодат, та нашиот во Христа живот да се темели на молитвата - како заедница со живиот Бог. Но и обратно нашата молитва да биде израз на живото присуство Божјо во нашиот живот и да извира од него. Со други зборови, молитва да биде самиот наш живот кој, пак, ќе ги вдлабочува и вдахнува зборовите што Му ги упатуваме на Светиот Бог.

    ГОСПОДОВАТА  МОЛИТВА

 Нашата света Православна вера не е една од идеологиите или философиите или од религиите на овој свет. Бог на Православните не е Богот на философите, т.е. една идеја или некое возвишено безлично начело или некоја религиозна вредност во која се воздигнуваме почнувајќи од подолните вредности.
 Ние Православните веруваме во Личниот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух. Тој Троичен Бог ни се открива Себеси преку Втората Личност, Господ наш Исус Христос. Исус Христос се воплотува, го проповеда Евангелието, чудотвори, се распнува, воскреснува од мртвите, се вознесува на небесата и Го испраќа Утешителот, за да нé соедини со Бога Отецот и да го воспостави нарушениот однос со Него. Да нé донесе во лична средба, општење и соединување со Бога.
 Бидејќи Бог е личен, ние не можеме да Го спознаеме надвор од љубовниот однос со Него што го негува молитвата. Ако Бог беше идеја, тогаш ќе можевме да Го спознаеме со логички докази. Моли се и љуби Го Бога за да Го спознаеш, можеме да му кажеме на некој што Го бара Бога.
 Преку молитвата непристапниот Бог станува за нас пристапен. Непознатиот Бог станува познат. Туѓиот Бог ни станува свој и пријател.
 Тој пат ни го покажа Богочовекот нашиот Господ. Нé научи уште дека треба да се молиме со смирение, незлопамтивост, трпение. Ни остави и образец, пример за молитва, познатата на сите христијани “Господова молитва”, “Оче наш”.
 Вредноста на оваа молитва е човечки непроценлива:
 Прво, затоа што е од Бога предадена.
 Второ, затоа што со неа се молеа и се осветија Пресветата Богородица, светите Апостоли, светите Маченици, преподобните Отци, благочестивите христијани од сите векови.
 Трето, затоа што го резимира целото Евангелие и сите догмати на нашата вера.
 Според св. Максим: “Оваа молитва содржи прозба за сé она што Логосот Божји го предизвика со Своето снисходење при воплотувањето, и нé учи да копнееме по оние блага коишто само Бог Отецот преку природното посредништво на Синот вистински ги разделува со Светиот Дух. Тие дарови се седум: Теологија, посинување преку благодатта, источесност со ангелите, учество во вечниот живот, воспоставување на природата, разрешување на законот на гревот, и отфрлање на тиранијата на лукавиот кој завладеа над нас со измама”.
 Таа е пар еџелланце молитва на Црквата. На Богослуженијата во деноноќието се произнесува 16 пати, а на Великата Четириесетница 22 пати. А на некој начин е и резиме на Божествената Литургија.
 Затоа сметав за полезно во вечерашнава моја беседа да ве повикам да се вдлабочиме и насладиме во нејзината Божествена и спасителна смисла, имајќи ги за раководители нашите свети Отци, та да се молиме со неа со повеќе љубов и знаење.
 Оче.

 Господовата молитва почнува со овој призив. Господ нé учи да Го нарекуваме Бога Отец.
 Отец, затоа што е наш Создател. Он е дарител на битието, на животот. Отец, затоа што за нас христијаните Он е дарител и на добробитието, на посинувањето кое ни го подари преку Исуса Христа. Во периодот пред Христа, поради нашето отпаѓање од нашиот Небесен Отец, бевме не само разделени од Него, туку и непријатели. По природа Синот на Бога Отецот со Неговото вочовечување и со Неговата крсна смрт нé помири со Бога Отецот и нé направи Негови деца по благодат. Благодатта на посинувањето ја примивме со светото Крштение. Така станавме и браќа на Христа Кој е првороден меѓу многуте браќа.
 Значи Отец е, затоа што ни го дава животот; и не само животот, туку во Христа Неговиот живот. Повикувајќи Го пресветиот Бог и сесилниот Создател на сé “Отец”, ние го исповедаме сето она што Он го направи за нас Неговите недостојни деца, а особено преку нашиот Господ Исус Христос во Светиот Дух. Така призивот “Оче” нé возведува во троичноста на Бога.
 Св. Максим Исповедник пишува: “Долично Господ учи веднаш да почнат (тие кои се молат) од Теологијата; исто така ги воведува битијата, Он Кој по суштината е причина за битијата. Зашто зборовите од молитвата содржат објавување на Отецот и на името на Отецот, и на царството на Отецот, за да научиме уште од почетокот да ја почитуваме и да í се поклонуваме на Троица во Единица. Бидејќи име на Бога и Отецот, со суштествена ипостас, е Единородниот Син. А царство на Бога и Отецот, со суштествена ипостас, е Светиот Дух”.
 Неговата бескрајна љубов и човекољубие ни дозволува и поттикнува да Го именуваме наш Отец. Се замајува умот на побожниот човек.
 “Кој ќе ми даде крилја гулабови според псалмот, пишува св. Григориј Ниски, за да можам да се издигнам над сé сетилно и променливо, до Непроменливиот и со непроменлива состојба на душата да Го молам прво со мојата волја, а потоа да Го призивам со многу синовски призив и да кажам: Оче. Каква душа треба да има тој што така ќе Му зборува на Бога? Колкава слобода? Каква совест?”
 Голем и непроценлив е дарот. Колку пати посакаме можеме да Му се обратиме на Бога и да Го наречеме наш Отец. И уште, кога христијанинот ќе се удостои и осетно ја прими благодатта на Светиот Дух, тогаш и го чувствува срдечно татковството на Бога и своето сопствено синовство. Чувствува синовска и нежна љубов кон Бога Отецот. Се чувствува како син кој Го љуби Отецот што него го љуби и се грижи за него.
 Самиот Свет Дух вика во нашето срце ава Оче, т.е. Тате, Тате, создавајќи ја таа нежна љубов кон Бога. “Дека сте синови, Бог Го испрати Духот на Својот Син во нашите срца, Кој вика: ава Оче”.
 Според образот на Небесниот Отец можеме и ние луѓето да стануваме вистински татковци, духовни или телесни. Св. Григориј Палама учи дека не Го именуваме Бога Отец по аналогија на луѓето татковци, туку луѓето татковци ги именуваме по образот на Бога Отецот, од Кого, според великиот Павле, секое татковство на земјата се именува”. Ако земните татковци ја одразуваат благодатта и благословот на Небесниот Отец, тогаш се и вистински татковци. Без таа благодат не се вистински и автентични татковци и не можат да им принесат нешто суштинско на своите деца. Кога луѓето се оддалечуваат од Небесниот Отец, не можат да станат вистински и правилни татковци.
 Колку луѓе страдаат денес затоа што не познаваат еден вистински и нежен татко? Еден инославен христијанин, кој прејде во Православието, рече дека станал православен затоа што само во Православието нашол духовен татко, дар што се загубил во западното христијанство. Се сеќавам на романскиот писател Виргил Георгиу кој, како што наведува самиот, во лицето на сиромашниот но свет свештеник, негов отец, го видел лицето на Бога. Тоа видение не го оставило никогаш да се оддалечи од Бога за време на неговиот многубрануван живот.
 Призивајќи Го Бога Отец, ја признаваме Неговата промисла за нас. Не сме сираци. Не се наоѓаме во животот затоа што така сака некоја среќа или слепа судбина. Ние сме созданија на Неговата љубов и постојано се наоѓаме под Неговото татковско следење и грижа. Дури и зад страдањата и искушенијата во животот се наоѓа Неговата љубов која нé воспитува и исцелува.
 На татковската љубов Божја не потсетува св. Козма Етолски: “А прво сме должни да Го љубиме нашиот Бог, бидејќи ни подари толкава голема земја , пространа, овде привремено да живееме; толку илјадници и милијарди тревки, растенија, извори, реки, бунари, море, риби, воздух, ден, ноќ, оган, небо, ѕвезди, сонце, месечина. Сето тоа за кого го направи? За нас. Со што нé задолжи? Со ништо. Сé е дар. Нé направи луѓе, а не животни, нé направи благочестиви и православни христијани, а не нечестиви и еретици. И кога грешиме илјада пати во еден час, Он е милостив како татко и не нé умртвува ставајќи нé во пеколот, туку го чека нашето покајание со Неговите отворени прегратки; да се покаеме, да престанеме со злото, да се исповедаме, да се исправиме, да нé прегрне, да нé целива, да нé стави во Рајот да се радуваме постојано. И сега, Еден таков најсладок Бог и таков Господар и Владика не треба и ние да Го возљубиме и, ако е потребно, да ја пролееме и нашата крв илјада пати за Неговата љубов, како што и Он ја пролеа за нашата љубов?”
 Значи, чувство на сигурност што ја изгонува секоја несигурност, извира од со вера призивањето на Бога како наш Отец.
 Голема е  честа да Го нарекуваме Бога наш Отец, но и голема е одговорноста што произлегува за нас кои треба да живееме живот достоен на нашиот Небесен Отец. Да се сетиме на зборовите од нашиот Господ: “Бидете милостиви, како што е милостив и вашиот Отец” (Лука 6, 36). “Бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец Небесен” (Мат. 5, 48).
 Во врска со тоа св. Никодим Агиорит пишува: “Затоа Господ ни порачува со каков вид молитва да се молиме кон нашиот Отец по благодат, за да се запазиме постојано под благодатта на посиновувањето до крајот; значи, за да бидеме деца Божји не само според повторното раѓање и крштението, туку и според трудот и делувањето. Бидејќи оној што не врши духовни дела достојни за преродувањето одозгора, туку врши дела сатански, таквиот не е достоен да Го нарече Бога Отец, туку Ѓаволот, според зборовите на нашиот Господ: “Вашиот татко е ѓаволот, и вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко”(Јован 8, 44), т.е. вие според злобата сте родени од вашиот татко ѓаволот, и злите желби на вашиот татко сакате да ги вршите. Ни заповеда, пак, да Го нарекуваме наш Отец, од една страна за да не информира дека навистина сме се родиле како деца Божји со повторното раѓање на Светото Крштение, а од друга страна дека треба да ги пазиме и ознаките, т.е. добродетелите на нашиот Отец”.


 Извадок од најновата книга на Премин доо:

АРХИМАНДРИТ ГЕОРГИЈ КАПСАНИС ,ИГУМЕН НА МАНАСТИРОТ “ПРЕПОДОБЕН ГРИГОРИЈ” - СВЕТА ГОРА

КРСТОТ ХРИСТОВ И НЕГОВОТО ЗНАЧЕЊЕ ВО НАШИОТ ЖИВОТ & ГОСПОДОВАТА МОЛИТВА

Скопје, 2008

Посети: {moshits}