АКО БОГ Е ЉУБОВ, ТОГАШ СИТЕ РЕЛИГИИ НЕ СЕ ИСТИ!  ѓакон Андреј Кураев

Go to fullsize image

ОСНОВНИ РАЗЛИКИ ПОМЕЃУ ХРИСТИЈАНСТВОТО И ЊУ ЕЈЏ

1. Христијаните исповедаат дека постои Еден Бог - духовно, нематеријално, бестелесно, свесно, разумно и волно Битие - кое според Својата волја го создаде целиот свет, како оној свет кој што луѓето го гледаат така и невидливиот. Според тоа, „безгрешноста суштински никому не му припаѓа, освен на Отецот, Синот и Светиот Дух, и светоста во секоја материја е случајно својство, а се што е случајно може и да се прекини" (Ориген, За началата, 1. 5. 5.). Затоа животот на светот се одржува со Бога Кој не е од светот, а доброто во човекот - со надчовечка, божествена благодат.
Окултната теософија тврди дека светот и Апсолутот се единствени и дека Бог не постои надвор од светот. „Што се однесува до Бога, не можеме да го набљудуваме како вечен, бесконечен или самобитен. За Него нема место во присуство на материјата чии неодречни својства и квалитети ни се потполно познати; со други зборови, ние веруваме само во материјата, во Материјата како видлива природа и Материјата во нејзината прикриеност како во невидливиот, секадеприсутен Протеј" (писмо од Е. Рерих од 12. 9. 1934). „Ниту нашата философија, ниту ние самите не веруваме во Бога, а најмалку во оној кој треба да се нарече со одредено име. Ние го порекнуваме Бога како философи и како будисти" (Писма до Махатма, 57).

2. Христијаните исповедаат дека Бог е Личност, уште повеќе, дека Бог е - триипостасно единство на Личноста на Отецот, Синот и Светиот Дух.
Агни Јогата тврди дека Апсолутот не поседува ни личност, ни волја: „Махатма порекнува и зборува против богохулните човечки претстави за Бога како Личност. Махатма го порекнува Бог од црковното учење" (писмо од Е. Рерих од 8. 9. 34 и 12. 9. 34). „Би ги избегнувала црковните изрази кога се има предвид Големиот Принцип. Поимите на волја и завет се поврзани со личноста и затоа не се во согласност со поимот Сеопфатното Начело" (писмо на Елена Рерих од 25. 1. 38.).

3. Христијаните исповедаат дека човекот создаден според волјата на Бог - Личност и самиот е Личност, и дека личносното битие на човекот не е некој недостаток кој треба де се надмине, туку напротив.
Агни Јога тврди дека „личноста е почеток на ограничувањето", дека самиот човек не е ништо друго туку „комплекс на споеви" (писмо од Е. Рерих од 7. 12. 35), доаѓајќи до заклучок дека човекот, кој стапил на патот кон „самоусовршување", на крајот мора да ја поништи својата личност, растворајќи ја во безличниот „космичкиот електрицитет".

4. Христијанството исповеда дека религијата е врска на човекот со Бога - Творецот и дека насочувањето на религиските чувства кон кој било друг објект е паганизам. Христијаните се убедени дека не може да се очекува исцелување на душата и дар на вечен живот од нешто што не е Бог - од космосот, од неговата „стихија" „енергии".
Во системот на Агни Јогата „Духовноста" се разбира како врска со „космосот" и „космичките хиерархии".

5. Христијанството исповеда дека светот не е Бог и затоа злото кое дејствува во светот не е дејствување Божјо. Христијаните исповедаат дека Бог е - светлина, и во Него нема никаква темнина (1. Јован. 1, 5).
Агни Јогата учи дека светското зло е присутно во тој Апсолут кој е неодвоив од светот. Окултистите го изнесуваат тврдењето за вкоренетоста на злото во Бог „Возвишената источничка мисла одамна го разрешила проблемот на постоењето на злото. Единственото божествено Начело или Апсолутот кој го опфаќа потенцијалот на се што постои, па според тоа и на сите спротивности, носи во себе и вечен процес на откривање или усовршување. Еволуцијата создава релативност на сите поими" (писмо од Е. Рерих од 27.11. 37).

6. Христијанството исповеда дека Бог, бидејќи не е ограничен со законите на светот кој Тој го создал, може творечки да го обнови човечкиот живот - ако човекот го сака тоа обновување. Бог може да ги прости гревовите и да ја изолира човечката душа од дејствувањето на последиците на гревот.
Теософите тврдат дека никој не може да му помогне на човекот во покајничкото обновување на неговиот живот, дека последиците од минатите постапки, наречени „дејствување на кармата", се неотстранливи. „Дојде часот да се каже дека најголем Бог е - Богот на непроменливиот закон, Бог на праведната награда, но не на своеволноста и милосрдието" (писмо од Е. Рерих од 28. 5. 37) „Никој, дури ни Највозвишениот Дух, не може да да ги прости направените гревови, зашто тоа би противречело на законот на Кармата" (писмо од Е. Рерих од 9. 7. 35).

7. Христијанството исповеда дека човекот, бидејќи е личност, не мора да се сведе на постоечката состојба на својот внатрешен свет и дека може да го промени. Стремежот на човекот кон таквата промена се нарекува покајание - „преумување".
„Живата етика" покајанието го смета за невозможно, непотребно, па дури и штетно. „Црквата го дискредитирала големиот поим на Божествената праведност" (писмо од Е. Рерих од 12. 9. 34).

8. Христијаните исповедаат дека човечките постапки, бидејќи се слободни, не се предодредени од минатите состојби на неговата душа или свет.
Окултистите тврдат дека човекот нема таква слобода. „Во суштина говорејќи, не иостои ништо освен кармата. Целото Битие е непрекинат синџир на причини и последици" (писмо од Е. Рерих од 17.10.35). Законот на кармата може да се нарече „слеп поради неговата непроменливост, непоколебливост, кога делува космички нужно. Законот на кармата станува логичен во постапките на човек со разбуден ум" (писмо од Е. Рерих од 12.1. 36).

9. Христијаните тврдат дека човекот не може да добие вечен живот исклучиво според своите заслуги, напори и дела. Спасението е Божји дар кој ни е даден со Воплотувањето, Страдањето и Воскресението Христово. Човекот значи го прима тој дар, отворајќи го во верата своето срце за дејствување на Светиот Дух, кое претежно му се предава преку Светите Тајни на Црквата. Според тоа, свесниот живот на христијанинот започнува токму со прифаќањето на Христовата жртва.

Според учењето на Агни Јогата, „никој не може да го спаси другиот" (писмо од Е. Рерих од 7. 5. 39). Христијанството за Елена Рерих е секташко гледиште според кое човечкиот род бил спасен од ѓаволските измами само благодарение на појавувањето Христово" (писмо од Е. Рерих од 3. 2. 39). Наметнувањето на сфаќањето дека Христовата крстна смрт го спасила човекот од првородниот грев за неа претставува нешто страшно и богохулно" (писмо од Е. Рерих од 31.12. 35).

10. Христијаните исповедаат дека Исус од Назарет е вистински Месија, Христос, Кого Го претскажале пророците од Стариот Завет: „Ние, христијаните, веруваме дека Исус дошол, во согласност со пророчките списи... Токму Тој е Христос Кого Го навестија пророците" (Ориген, Против Целс, 3,1 и 3, 4).

Агни Јогата тврди дека „Христос не бил Месијата ветен во Писмото" (писмо од Е. Рерих од 30. 6. 34).

11. Христијаните исповедаат дека Христос е - Единосуштен Син Божји, Логос за кого зборува прологот во Јовановото Евангелие: Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога и Бог беше Словото (Јован 1, 1).
Теософите верата во Христос како во Бог ја нарекуваат слепа и бесплодна (Е. П. Блаватска, Писма, М., 1995, стр. 225).


12. Христијаните исповедаат дека Христос не не спасил со Своето „учење", туку со тоа што во Него реално е извршено соединување и измирување на човечката природа со Божествената. Ограничувањето на Спасителовото служење само на проповед го лишува христијанството од неговата наЈважна содржина и од неговата најголема радост - Пасхата (Воскресението).
„Живата етика" тврди дека, ако Христос и може да се нарече „Спасител", тогаш тоа е само заради тоа што Тој луѓето ги спасил од незнаење, „опоменувајќи ги" на етичките закони. За Е. Рерих, Голготата е само илустрација на заповедите, но не и самиот чин на спасението. „Да не пострадаше, Неговото учење ќе беше заборавено" (писмо од Е. Рерих од 7. 5. 39). Крстот не ги спаси луѓето, туку едноставно ги опоменува на некои морални прописи.

13. Христијаните исповедаат телесно Воскресение Христово.
Агни Јогата тврди дека Христос воопшто не воскреснал или дека тоа не било воскресение на телото, туку на некој дух: дури и повеќе, Христос, според нивно мислење, го уништил Своето тело.


14. Христијаните исповедаат дека дури и човечкото тело, кога ќе се преобрази, може да влезе во вечноста. Такво е и воскресението на мртвите: се сее за распаѓање; воскреснува во нераспаѓање; се сее во бесчест - воскреснува во слава; се сее во немоќ - воскреснува во сила; Има тело душевно, има и тело духовно... зашто распадливото треба да се облече во нераспадливо, а смртното - да се облече во бесмртно. (1. Кор. 15, 42-44, 53).
Следбениците на Е. Рерих, слично на атинската толпа (Дела 17, 32), ја сметаат за апсурдна апостолската проповед за телесното воскресение на мртвите. „И денес постојат луѓе кои се образовани, па дури и се сметаат себеси за учени во некои области, а веруваат дека во денот на Страшниот суд ќе воскреснат во своето физичко тело! Со што да се објасни таквата самоопиеност?" (писмо од Е. Рерих од 17. 2. 34).

15. Христијаните исповедаат дека телото е принципиелно важен дел од нашето човечко битие и дека затоа не може да постои „повторно воплотување на душата во други тела" (реинкарнација). И како што им е на луѓето определено да умрат еднаш, а потоа - суд (Божји) (Евр. 9, 27). Но јас знам, Искупителот мој е жив, и Он во последниот ден ќе ја крене мојата гнилежна кожа. И јас во плелото мое ќе Го видам Бога. Јас сам ќе Го видам: моите очи, не очите на некој друг, (Јов 19, 25-27).
Теософите тврдат дека телото не е ништо друго освен облека која душата може да ја промени многупати.

16. Христијаните исповедаат дека сите луѓе се еднакви пред Бога и дека секој човечки живот е подеднакво вреден. Од една крв Го создаде сиот род човечки за да живее по цело лице на земјата (Дела 17, 26).
„Жива етика" ја вклучува во себе и идејата за расчленување на човештвото на окултни раси, сметајќи при тоа дека членовите на таканаречената „шестата раса" во секој поглед се наоѓаат над останатите луѓе.

17. Христијаните исповедаат дека човечката душа дури ни во своите највисоки пројавувања и дејствувања не е Бог. Христијанинот се спасува благодатно - прифаќајќи ја силата и дејствувањето на Бога, т.е. силата која човекот сам не може да ја предизвика ниту да ја создаде сам од себе. Во склад со тоа, свети Климент Александриски напишал во третиот век: „Помеѓу нас и Бога не постои никакво природно сродство. Не сфаќам како тоа човекот воопшто може да го помисли, ако се обѕрне на нашиот живот и на неправедноста во која сме потопени. Ако бевме дел од Бога, Бог во тој свој дел би грешел".
Учителите на Агни Јогата, напротив, тврдат дека благодатта всушност е човечка лична психичка енергија и дека е резултат на неговото сопствено дејствување, а не Божествен дар. „Благодатта е потполно реална супстанција на највисоката психичка енергија. Психичката енергија зрачи од секој организам кој ја поседува, но потребно е свесно да се собере и фокусира како би се постигнал непосреден ефект" (Хиерархија, 229). „Сите исцелувања се возможни само ако болниот се охрабри или верува во исцелителот, поинаку речено, ако вибрациите на својата срцева енергија ги раздвижат до таа мерка да можат да го прифатат магнетниот тек кој поаѓа од исцелителот" (писмо од Е. Рерих од 7. 5. 39). „Психичката енергија е синтеза на сите нервни зрачења" (писмо од Е. Рерих од 11. 6. 37).

18. Христијаните сметаат дека во духовниот свет постојат спротивни духовни полови и дека постои „мрачно вдахновение", т.е. обземеност на човекот со мрачна духовност, поради што предупредуваат: Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку испитувајте ги духовите: дали се од Бога, бидејќи многу лажни пророци сејавија во светот (1. Јован. 4,1).
Окултистите во суштина се сложуваат со тоа дека се возможни лажни откровенија (да се сетиме на борбата на Блаватска со спиритистите), но само за да стекнеме доверба за своите сопствени визии, убедувајќи дека секое духовно вдахновение и секоја духовна енергија е добра и дека произлегува од Единиот, Божествен источник. Одговорниот секретар на Московското оделение на Руското теософско друштво, Ирина Ковалова ја изразува својата збунетост заради тоа што „авторот на вдахновените стихови на христијански мотиви, на јеромонахот Роман, на пример вели дека „пред да почне да пишува песна, ја прекрстува ќелијата на сите четири страни за демонската муза да го напушти тоа место" и коментира: „Се уверив дека силата на вдахновението која им е испратена на поетите под едно исто име муза, секогаш е од Бога. Ако од перото излегува нешто недолично, тогаш не е виновен изворот на вдахновението, туку непросветената природа на вдахнатиот". За тоа зборува и авторот на најмрачната современа телевизиска емисија, Иван Кононов: „Веруваш во постоењето на силите на доброто и злото? Силата на духот е единствена и неделива. Се зависи од тоа како таа се користи".

19. Христијаните го прифаќаат Стариот Завет како боговдахновени книги кои човештвото го подготвиле за прифаќање на вистинскиот Спасител. Прегледајте го Писмото, зашто вие мислите дека преку него ќе имате живот вечен; и тоа сведочи за Мене (Јован 5,39). Според тоа, за христијаните Јахве, Бог Кој се открил во Стариот Завет е единосуштен со Отецот на нашиот Господ Исус Христос. Оној Кој ни го предаде Стариот Завет е истиот Оној Кој се воплоти во синот на Дева Марија. Бог - Творецот од Книгата на постанокот, дародавецот на израилскиот Закон во Книгата Исход, Господ на пророците и единствениот Спасител од Новиот Завет се една иста Личност, второто Лице на Света Троица.

За окултистите Бог од Стариот Завет е спротивен на Христа и воопшто е некој лош дух. Учителите по теософија вака го прикажуваат Бога од Библијата: „Измислено чудовиште со незнаење под скутовите" (Писма до Махатма, 153), „осветољубив демон, неправеден, суров и нечувствителен... небесен тиранин на кого христијаните така обилно го расфрлаат своето ропско обожување" (Писма до Махатма, 72).


20. Христијаните исповедаат дека Сатаната (Луцифер) се спротивставува на Христа во спасението на луѓето: Ѓаволот е човекоубиец од почетокот и не стои во вистината, зашто во него нема вистина. Кога зборува лага, Говори од себе, зашто е лажец и татко на лагата (Јован 8, 44).

Агни Јогата е наклонета со воодушевување да зборува за Луцифер: „Дарот на разбирањето беше жртвено даруван на Силите на светлината. Затоа првобитното име на таквиот весник беше луцифер - зраконосец (светлоносец). Меѓутоа со текот на вековите на Запад, изчезнала смислата на таа легенда. Тој се зачувал само во тајните учења на исток. Во „Тајното учење" постои место кое се објаснува тоа значење. Сатаната, кога се разгледува независно од духот на Црквата, суеверен, догматски и лшпен од философијата, израснува во величествен лик на оној кој од земниот човек создава божествен, кој во текот на долгиот циклус на Махакалпата му дава закон на духот на животот и го ослободува од гревовното незнаење" (писмо Ј. Рерих од 3.12.37). Најпосле, Луцифер во потполност одговори на името кое му е дадено и жално е што неговото толку убаво име во подоцнежните времиња со настојување на неупатените свештенослужители било искористено за име на неговата сенка или антипод" (писмо од Е. Рерих од 24.5.38). „Христос е учител на човештвото, а Сатанаил - испитувач... Христос и Сатанаил се прикажани како двоглава змија" (Отари Кандауров, настап во емисијата „Оаза", прикажана на телевизискиот канал „Руски универзитети" 10 април 1994 г.).

* * *
Ориенталистот В. К. Шохин изведува девет основни принципи кои ја прават разликата меѓу гностицизмот и индиските системи во однос на христијанството. Сите тие принципи во иста мера ја разликуваат и теософијата од христиј анството.

1) Определувајќи длабинска интенција која го образува контекстот на мислењето, во сите три случаи (кај индуизмот, гностицизмот и Њу Ејџ) прави основно пантеистичко јадро на погледите на светот, кое го условува разгледувањето на онтолошкиот однос на божеството кон светот низ нивното сеединство, а кон индивидуата - преку нивната едносушност. Пантеистичката „подлога" се манифестира и во другите, релативно второкласни модели на погледи на светот - дуалистички и плуралистички и кај гностиците и кај Индијците. Монистичката перспектива ја одредува нивната визија за божеството, светот и човекот, а исто така и човековото „поробување" и „ослободување".

2) Иако божеството се јавува во мноштво персонификации, од гледна точка на „конечната вистина" тоа се замислува како вонличносен Апсолут, каков што единствено може да биде супстантивирано сеединството (што се изразува преку постојаното акцентирање на неговите взаемно спротивни карактеристики), кое во себе ја содржи целата разноликост на вселената во скриен, непројавен вид и се саморазоткрива преку индивидуата како една од своите манифестации.

3) Доколку светот не може онтолошки да се одвои од божеството (кое не се појавува како Личност), космогенезата на светските принципи не се замислува како она која има „авторство", туку се остварува во хиерархизираниот поредок - се што е пониско се качува кон повисокото. Поради тоа генезата на тие принципи во никој случај не може да биде опишана преку „создавањето" туку преку серија еманации.

4)  Бидејќи светот е нужно самооткривање на божеството (кое, бидејќи не е личност, не е ни слободно), тој се разоткрива и како неговото самоотуѓување и заради тоа во себе носи потенција на злото, кое се покажува како природен, нормален феномен.

5) Човечкото битие се замислува како раздвоено, зашто човекот, од една страна, е едносуштен на божеството и од тој аспект на неговото постоење истапува како внатрешен непроменлив „светлосен" духовен принцип, а од друга, тој е резултат на еволуцијата на стихиските светски принципи и тој аспект на неговото битие се покажува како „мрачен" материјален принцип (тие два принципи си претставуваат опозиција еден на друг).

6) Ниту една од компонентите кои го сочинуваат човекот не може да му обезбеди статус на личност, односно можност за неговата онтолошка одделеност од божеството и од светот. Тоа ја условува неговата вклученост во космосот (оттука произлегува сосема честото отсуство на разграничувањата помеѓу микро - и макрокосмичките процеси во гностичките и индиските текстови) и во исто време - отсуството на единство на душата и телото, што овозможува нејзина трансмиграција во реинкарнациите или метампсихозата (преселба на душата).

7) Деградацијата на деперсонализираниот човек не се сфаќа како злоупотреба на слободната волја (што би претпоставувало првобитен, слободен сојуз, „завет" меѓу различните и слободни личности - нематеријалните и материјалните), туку како негово незнаење - заборавање на својата „едносушност" со божеството, кое се појавува како „објективно" условено и во самиот космогониски процес, а кој означува „самоотуѓување" на Апсолутот.

8) Човековата задача не е спасението (зашто во конечниот исход нема разлика меѓу оној кој спасува и спасуваниот), туку ослободување - од оковите на материјата и светот - со цел повторно воспоставување на „едносушноста" преку враќање на „заробениот" светлосен принцип на индивидуата кон божеството и слевање со него (на тој пат душата во себе го „опфаќа" и космосот).

9) Таква задача може да се реши единствено по пат на достигнувањето на скриеното знаење за кое луѓето не се подеднакво предодредени заради својата природна различност - најреални шанси имаат „духовните", а не „душевните" или „телесните" луѓе.

* * *

А. Ф. Лосев го дава следното одредување на окултиз-мот, во кое не е тешко да се препознаат не само старите гностици туку и современите теософи:
„Нам ни се чини дека окултизмот е исклучително интензивна и истрајна особеност на гностичкото учење која исто така мора да се поврзе со неговите специфичности. За да се избегнат погрешните толкувања, веднаш ќе ги наброиме оние точки на гностичкото учење кои ги обединуваме со поимот на окултизмот. Тоа се:
1) општохристијанското учење за откровението, посебно во односот на екстатичката и воопшто егзалтираната гносеологија;
2) пренагласеното користење на пневматолошките моменти на христијанското вероучение од страна на гностиците;
3) алегоризмот и символизмот поврзани со натуралистичкиот персонализам;
4) преувеличеното човечко - животно смалување на апсолутната вредност на личноста, кое тука се покажува како нечуено преувеличување, па дури и обоготворување на човечката личност, што создава основа за многу гордо расудување за самиот себе, а што православното Предание го сфаќа како отсутство на смирение;
5) магиско-мистериската пракса грижливо криена од јавноста...
Гностицизмот впрочем е:
1)  окултно
2)  псевдо-пневматолошки и
3)  космолошко-човечки ограничен
4)  персонализам, покрај тоа натуралистички, кој неприродно ги поставува
5)  сотиролошките цели со помош на
6)  митолошки исконструираниот систем на поимните категории...

Што се однесува до Василид, неговата противречност не може да се разбере поинаку освен како обид да се сообразат христијанскиот креационизам и паганското учење за еманацијата. Таква врска логички е невозможна. Меѓутоа историски, можна е секоја логичка несврзливост и секој логички апсурд...

Од историска гледна точка тоа не е христијанство туку потполно исмејување на христијанството. Терминот кој овде го сметаме е користен за употреба е - сатанизам. Доколку под сатана се подразбира таков принцип кој не само што е нешто друго во однос на Бога, туку претставува активна борба против Бога и стремеж за преземање на неговото првенство во се што постои, дотолку е потешко да се замисли поизразениот лик на сатанизмот од оној кој го имаме во Јалдабаот (на еврејски: „дете на хаосот", во гностичките списи називот за лошиот дух кој го создал долниот свет), па дури и во самата Софија, во нејзиното каинитско поимање "

Единствена особина која ги разликува гностиците, такви какви што ги опишува Лосев, од теософите се состои во тоа што теософите подоследно ги спроведуваат пантеистичките идеи и заради тоа многу помалку трагично го сфаќаат светот и човековата судбина. „Додека на Исток и доброто и злото се потполно природна појава, кај офитите (сириска гностичка секта, која змијата ја смета за симбол на врховната еманација на божеството) таквиот дуализам е проникнат со апсолутно личносната интуиција, за која злото не е сосема исконско и вечно, туку е резултат на падот во грев, кој по секоја цена треба да се уништи".

* * *
Бидејќи рериховското движење па, дури, и теософијата на Блаватска не се појавуваат како единствен крак на неопаганскиот тек на „Нова доба" (постојат вкупно повеќе од 5000), има многу причини на читателот да му се предложат критериуми по кои ќе може да одреди дали писателот на брошурата до која дошол или собеседникот е адепт на „New Age".

Волтер Р. Мартин го изработил следниот преглед на критериуми со иомош на кои може да се одреди припадноста на групата на религискиот култ „Нова доба":
1)  Групата е отворено наклонета да ја потпомага Нова доба (т.е. ерата на Водолија).
2) Групатаотвореногиподдржувакарактеристичните верувања на Нова доба, како што се монизмот („се е едно"), пантеизмот („се е Бог"), гностицизмот („спасението или исцелението доаѓа со помош на особени познавања, просветлувања"), кармата и реинкарнацијата, духовната еволуција, возвишените учители (еднакви на Христа) и др.
3)  Групата отворено ја штити окултната пракса на Нова доба, како што е медиумството, астрологијата, парапсихичкото исцеление, нумерологијата, магијата, различните начини на постигнување на изменети состојби на свеста (како што се медитацијата, монотоното пеење, губењето на чуствителноста, хипнозата и сл.) и користење на кристали и пирамиди во парапсихички цели.
4) Групата ја користи специфичната терминологија на Нова доба, како што е „создади своја сопствена реалност", „вишо јаство", „самореализација", „космичка свест", „космичка енергија", „кундалини сила", „јинг и јанг" и др.

Норман Л. Хајслер ги разликува следните специфични доктрини на Нова доба:
1) безличен бог (сила),
2) вечна вселена,
3) илузорна природа на материјата,
4) циклична природа на животот,
5) нужност од реинкарнација,
6) еволуција на човекот во божество,
7) трајни откровенија од страна на неземните битија,
8) еднаквост на човекот со Бога,
9) окултна пракса (астрологија, медиумство и сл.),
10) вегетаријанство и холистички методи за зачувување на здравјето,
11) општосветски (глобален) поредок,
12) синкретизам (единство на сите религии).
„Окултистите сакаат да го присилат човекот бескрајно да рие по земјата со тоа што не ги познаваат вистинските патишта на човековото усовршување, до кое не се доаѓа по земните патишта на самоусовршување на духот (за кое не би била доволна ни бескрајната вечност ни циклусите), туку преку единствениот Пат, Христос Спасителот, кој смирениот грешник го извлекува од неговата бескрајна кармичка јама право во Царството Небесно: Денес ќе бидеш со Мене во рајот" Можете ли за момент да претпоставите дека Господ Бог, ако Го почувствувате не како кармички - безволен, безживотен „Принцип на животот", туку како жив Отец Небесен, дека Господ Кој ве постави на оваа земја, веќе ја гледа вашата слобода, вашата волја: дали е таа синовска, пченична, или волчја, каколска? Ако ние, луѓето со фотографски апарат миговно го снимаме движењето на животот, толку побрзо Отецот и Творец може во моментот да го согледа и да го одреди изразот и искривувањето на нашата слобода. Една секунда во земното време и милијарди векови во тоа исто земно време - сосема се еднакви пред вечноста... Теорија на реинкарнацијата - ова не можам никако да го ублажам - изразито и безусловно е антихристијанска теорија. Некои христијани всушност и не грешат кога ја нарекуваат антихристова. Тие христијани му веруваат на Христа - Спасителот и гледаат како Духот Христов, како небо над бездна, се издигнува над духовите на Блаватска и Рудолф Штајнер.
Антихристот некако мора да дојде. Тој никако не може да дојде на обичен начин. Никој од вистинските христијани нема да му поверува. Но неговата намера, според зборовите на Самиот Христос е да ги излаже ако е можно, избраните (Матеј 24, 24). Поради тоа тој мора однапред да го убеди светот дека постои некоја правична (поправична отколку Евангелието!) и научно „уверлива" теорија за реинкарнација, според чии закони и ќе се случи наводното „второ доаѓање Христово".
Проповета за реинкарнацијата на луѓето и Месијата
- е прекрасна подготовка за појавување на секој лажен христос. Поинаку лажниот христос не би ни можел да го излаже светот. Кога луѓето ќе поверуваат во реинкарнацијата, тоа дело ќе биде остварено. Совршено е очигледно дека во самото прифаќање на верата во реинкарнацијата човекот се одрекува од верата во Богоовоплотувањето - Единствено и засекогаш извршено во Рождеството Христово, се одрекува и верувањето во Воскресението Христово, зашто, природно, не може да се поврзе верата во новото човечко Тело Христово со верата во тоа дека Неговото Единствено Тело засекогаш пребива покрај Бога Оца. Човек кој верува во реинкарнација, со самото тоа се одрекува од верата во евхаристиската Света Тајна на Телото и Крвта Христова (се одрекува) од вистинското причестување со тоа Тело „кое се прекршува а не се разделува", и кое се вознесло при Отецот. Во својата теозофска и антропозофска вера човекот се одрекува и од своето христијанско Крштение, засновано на апостолскиот Символ на верата. Се одрекува, дури, и од можноста да верува во единствената човечка личност, во неповторливата личност на светиите кои се на Небесата, како и на сите луѓе, како оние кои претстојуваат на земјата, така и оние кои ја напуштиле земјата. Доколку пак, окултната „теологија" би го натерала големиот пророк Илија да се растопи во личноста на Јован Крстител, тогаш, во согласност со таа вера, ниту еден светител не можеме да го повикаме според името, ниту можеме да сакаме кој и да е упокоен... Служејќи му на злото кое доаѓа на светов тие мислат дека прават „Божјо дело". Нив ги привлекло човечкото умување (човекомудрие, антропозофија). Ги привлекле изразните фрази и апстрактните формулации. Тие мислат дека одат по патот на „христијанскиот езотеризам" а наместо Живиот Бог, ги води божицата на мртвита „вистина"... (Архиепископ Санфранциски Јован).

Наместо заклучок

Достоевски во „ Демони" (книга 1) пишува:
- Сè е убаво.
- Сè?
- Сè. Човекот е несреќен зашто не знае дека е среќен, само заради тоа. Тое е сè, сèе. Кој ќе го увиди тоа, веднаш ќе стане среќен, веднаш. Таа свекрва, ќе умре, а девојчето ќе остане - се е добро. Наеднаш сфатив.
- И оној што ќе умре од глад, и оној што девојка ќе навреди и обесчести - дали и тоа е добро?
- Добро. И кој ќе ја здроби главата на детето, и кој нема да ја здроби, и тоа е добро. Сè е добро, сè. На сите им е добро кои знаат дека се е добро. Кога тие би знаеле дека им е добро, тогаш и би им било добро; но додека не знаат дека им е добро, ќе им биде лошо. Тоа е целата мисла, сè, освен неа друга нема!
- А кога дознавте дека сте толку среќен?
- Минатата недела, во вторникот, не, во средата -зашто веќе беше среда, беше ноќ.
- А кој поводот?
- Не се сеќавам; така; одев по собата... сеедно. Го запрев часовникот; беше два часот и триесет и седум минути.
- Како символ за она... дека времето мора да се запре?
Кирилов не рече ништо.
- Тие не се добри - почна потоа пак - затоа што не знаат дека се добри. Кога ќе дознаат, нема повеќе да го силуваат девојчето. Треба да увидат дека се добри, и сите веднаш ќе бидат добри, сите до еден.
- Вие, значи, увидовте дека сте добар?
- Добар сум.
- Впрочем, со тоа се сложувам - промрмори Ставрогин намуртено.
- Кој ќе ги научи луѓето дека сите се добри, тој ќе го доврши светот.
- Тој што ги учеше, Него Го распнаа.
- Не, тој ќе дојде и неговото име ќе биде човеко-бог.
- Богочовек?
- Не, човекобог; тука постои разлика".

 

Извадок од книгата:

„НЕМА СПАСЕНИЕ НАДВОР ОД ЦРКВАТА“

Издавач: Канео ,Охрид, Дебарско- кичевска епархија

 

 Друго: