Patot.na.podviznikot89

ПАТОТ НА ПОДВИЖНИКОТ

ГЛАВА ДВАЕСЕТ И ПЕТТА


За Исусовата молитва

Египетскиот пустиножител, свети ава Исаија, за Исусовата молитва вели дека таа е огледало на умот и светилник на совеста. Некој ја споредил оваа молитва со тивок, непрестаен глас во куќата: секој крадец што ќе се прикраде до таква куќа, веднаш бега кога ќе чуе дека внатре има некој буден. Куќата е срцето, крадците се злите помисли, а молитвата е гласот на стражарот. Но сега стражарот не сум јас, туку Христос.
Духовното дејствување го овоплотува Христа во нашата душа. Тоа подразбира непрестајно сеќавање на Господа: Го сокриваме длабоко во себе, во душата, во срцето, во свеста. „Јас спијам, а срцето мое бдее“ (Песна над песните 5,2): јас се повлекувам, замолчувам, но срцето пребива будно во молитвата, односно во вечниот живот, во Царството Небесно, во Христа. Целото мое битие е цврсто вкоренето во својот Извор.
Средството преку кое ова се постигнува е молитвата: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот“. Повторувај ја гласно или во себе, бавно, со внимание, колку што е можно повеќе од срце ослободено од сè несоодветно. А несоодветно е не само секоја грижа за световните работи, туку и секоја помисла на услишување, секое очекување одговор, внатрешно гледање, искушување на Божјата сила, секое романтичарско мечтаење, љубопитност и фантазирање. Едноставноста и простотата се подеднакво важни за оваа молитва како и смирението, воздржаноста на телото и душата и сè што ѝ припаѓа на невидливата борба.
Особено почетникот мора да се чува од сè што, макар и најнезабележливо, покажува стремеж кон мистицизам. Исусовата молитва е дејствување, практичен труд и средство преку кое човекот се подготвува да ја прими и да ја носи силата – Божјата благодат, која, иако скриена, постојано пребива во секоја крстена душа за да може таа да донесува плод. Молитвата е таа што ја оплодува оваа сила во човекот, и тоа е нејзината единствена цел. Таа е како чекан што ја крши лушпата – нејзиниот удар е тежок и болен. Затоа, заборави на секоја помисла за сладост, занес, ангелски гласови: кон Царството Небесно води само еден пат – Крсниот пат. Да висиш прикован за дрво е страшно страдање. Не очекувај ништо друго.
Ти го распна своето тело, приковајќи го со едноставен и едноличен начин на живот и со строга самодисциплина. И твојот мисловен живот и фантазијата мора да бидат подложени на исто толку строг надзор. Приковај ги и нив со зборовите на молитвата, со Светото Писмо, со Псалмите и со делата на Светите Отци. Не ѝ дозволувај на фантазијата да скита по своја волја. Она што луѓето го нарекуваат „крилја на мислата“ најчесто е само бесцелно шеткарање по светот на привиденијата. Штом мислите не ти се зафатени со труд, веднаш врати ги кон молитвата.
Погрижи се и мислата и фантазијата да ти бидат послушни како добро дресирано куче, на кое не му е дозволено да трча без ред, да лае, да пребарува по ѓубре и да се валка во прашина. На ист начин постојано повикувај ги и своите мисли и својата фантазија, и тоа безброј пати во секоја минута што минува. Ако не го правиш тоа, тогаш си како коњ кого час го јава еден, час друг јавач, вели свети Антониј, сè додека збунет и изнемоштен не падне.
Ако, пак, премногу силно удираш со чеканот во лушпата, ќе го смачкаш и плодот. Затоа удирај внимателно. Не преминувај веднаш на Исусовата молитва. На почетокот биди воздржан, а и подоцна, и користи и други молитвени правила. Не биди нетрпелив и не мисли дека можеш со достојно внимание да го изговориш дури и едно „помилуј ме, грешниот“. Твоето внимание неизбежно ќе се разделува и ќе се расејува – на крајот на краиштата, ти си човек. Само ангелите на небесата постојано го гледаат лицето на Отецот Небесен (Мт. 18,10), а твојата земна плот има свои желби. Не се чуди премногу ако на почетокот целосно ја заборавиш молитвата и со часови, па дури и со денови, не мислиш на неа. Прифати го тоа едноставно и природно: ти си како неискусен морнар кој толку се зафатил со други грижи што заборавил да го следи ветрот. Не очекувај ништо од себе. Но не очекувај ништо ни од другите.
Собраноста е едно, расеаноста друго. Правилната молитва на мислите им дава јасност. Човекот што се моли гледа и забележува сè околу себе онакво какво што е; тоа е можно само преку молитвата, која фрла прониклива светлина врз сè.
Духот дејствува во подрачјето на чистота што длабоко се наоѓа во тебе. Додека постојано го прошируваш тоа подрачје на слобода на срцето, и твојот духовен човек ќе расте во тебе.
Молитвата дава внатрешен мир, тивка опуштеност во болката, љубовта, благодарноста и смирението. Ако, напротив, си напнат и раздразлив, во еуфорија или во длабок очај, ако почувствуваш горчина или силен нагон веднаш нешто да направиш, ако доживееш состојба на занес или опиеност на сетилата, како при слушање убава музика, ако почувствуваш возвишено задоволство и си задоволен и од себе и од целиот свет – знај дека си на погрешен пат. Премногу си се потпрел на себе. Веднаш нареди повлекување и врати се кон самоосудувањето, кое е единствената појдовна точка на секоја вистинска молитва.
Ангелот на светлината секогаш носи мир – мир што демоните на мракот по секоја цена се обидуваат да го нарушат. На тој начин, нè учат Светите Отци, секогаш можеме да ги распознаеме злите сили и да ги разликуваме од добрите.

 

Тит Колиандер


Подготвил С.Стефковски