
Патот на Подвижникот
Деветнаесетта глава
За телесните и умствените дела кои ја придружуваат молитвата

Важно е, кога се молиш на претходно опишаниот начин, да не му дозволуваш слобода на сопственото тело. Молитва при која телото не страда, а срцето не плаче, е слична на неоформен плод; таквата молитва нема душа, велат духовните учители. Таа носи семе на самодоволност и гордост, која го прелестува срцето да поверува дека се наоѓа не само меѓу повиканите, туку и меѓу избраните (Мат. 22:14).
Внимавај на таквата молитва, таа е корен на многу гревови. Ако срцето ти е врзано за светот, и твоето богатство ќе биде само светско, дури и ако си убеден дека со своите телесни раце си го прегрнал само небото. Во таков случај, радоста станува нечесна, изразена преку невоздржаност и желба да зборуваш многу и да поучуваш други, да приведуваш луѓе кон верата без благослов од Црквата. Го толкуваш Евангелието според телесниот разум, не прифаќаш никој да те исправи, влегуваш во огнени расправи бранејќи го својот став, сè поради тоа што си пропуштил да го покориш телото и да го смириш срцето.
Вистинската радост е тивка и постојана, како што ни порачува Апостолот: радувајте се секогаш (1 Сол. 5:16). Таа радост произлегува од срце кое плаче поради оддалечувањето на себе и целиот свет од вистинската Светлина; вистинската радост постои единствено во болката на срцето. Речено е: блажени се оние што плачат (Мат. 5:4) и блажени се оние што сега плачат со целото свое телесно битие, зашто ќе се насмеат духовно (Лк. 6:21). Вистинската радост е радост на утеха, радост што се раѓа од сознанието за личната слабост и Божјата милост, радост на која не ѝ треба смеа на усните за да се изрази.
Размислувај и за ова: и човекот врзан за земните нешта се радува, но истовремено и тагува и се вознемирува поради нив; умот на таквиот човек е подложен на постојани промени. Радоста на твојот Господар (Мат. 25:21) е вечна, зашто Бог е непроменлив.
Затоа, кога со пост и подвижнички живот го покоруваш телото, истовремено покорувај го и својот јазик. Разговорливоста е голем непријател на молитвата. Лавината од зборови стои на патот на молитвата. Затоа, за секој празен збор што го кажуваме, ќе дадеме одговор на Судниот ден (Мат. 12:36). Како што не внесуваме прашина во чиста соба, така и срцето држи го чисто од клеветење и празнословие за случките од минатиот ден.
Јазикот е како оган – помисли само колку мал оган запалува големи нешта (Јаков. 3:5-6). Ако од оганот му го одземеме кислородот – ќе се изгаси; ако на страстите не им дозволиме да „дишат“, тие ќе угаснат. Ако во тебе се разгорува гнев – молчи, нека тоа не се познава на твојата надворешност. Исповедта ја слуша само Господ. На тој начин, уште на почетокот го гасиш запалениот факел. Ако те соблазнуваат гревовите на другите, покри ги со облеката на молчењето, како Сим и Јафет што ја покрија голотијата на татко си (1 Мој. 9:23), така ќе ја скротиш желбата да судиш пред да се разбуди гневот во тебе. Како што чашата држи вода, така и молчењето може да се исполни со молитвено внимание.
Но, не е само јазикот што треба да го покорува човек што се вежба во духовна будност. Таквиот треба да се чува во секоја работа (Гал. 6:1), а неговото внимание треба да се протега до најголемите длабочини на неговото битие. Длабоко во тебе се складишта во кои се мешаат спомени, мисли и имагинации што треба да ги контролираш. Не вознемирувај ги спомените – калта во која лежат може да ја прекрие молитвата; не валкај се во нечистотијата од старите гревови. Не биди како куче што се враќа на својата повраќаница (Изрек. 25:11). Не дозволувај умот да се задржува на лични нешта што во тебе би можеле да разгори нечиста желба или да разбуди имагинација. Омиленото поле на ѓаволот е токму имагинацијата, преку неа те вовлекува во разговор и општење, убедува на согласност и те поттикнува на дело. Во тој свет на мисли тој сее сомнежи и грижи, се обидува да те зароби со логичките мисли и докази, бесплодни прашања и одговори што самиот си ги складируваш. Сето тоа одбивај го со зборовите на Псалмопејачот: одете од мене, беззаконици! (Пс. 119:115).
ТИТ Колиандер
Подготвил Симеон Стефковски
3ти декември 2025
Друго:
Подготвил С.Стефковски
06.11.2025

За Преминпортал подготвил С.Стефковски
04.11.2025 лето Господово

- ПАТОТ НА ПОДВИЖНИКОТ ГЛАВА ДЕСЕТТА
- ПАТОТ НА ПОДВИЖНИКОТ ГЛАВА ЧЕТИРНАЕСЕТТА
- ПАТОТ НА ПОДВИЖНИКОТ Петнаесетта глава
-
ПАТ НА ПОДВИЖНИКОТ ГЛАВА ШЕСНАЕСЕТТА

- ПАТОТ НА ПОДВИЖНИКОТ ГЛАВА СЕДУМНАЕСЕТТА