o.Tadej.mir1

Мирот што го носиме во себе

 

               Ако во себе го носиме мирот, тогаш и нему му стануваме сведоци — тој тивко се излева и врз другите. Затоа, најнапред, треба да се потрудиме во нашите домови да царува мир. А за да има мир во домот, тој најнапред мора да се роди во срцето.
Само оној кој ја запознал тишината на својата душа, може да ја дарува и на ближниот.

Погледнете го светот околу нас — колку е мал бројот на оние што се навистина кротки и смирени! Но тие се блажени. Нив не ги повредува навредата, ниту ги вознемирува неправдата. Како и да постапиш со нив, тие остануваат мирни, тивки, и сè прифаќаат со трпение.

А ние?
Доволно е да ни се затемни расположението, и веднаш стануваме остри, груби, не можеме да изговориме ниту еден благ збор. Така, без да сакаме, уште повеќе ја нарушуваме хармонијата околу себе. Кога немаме мир во своето срце, немирот се пренесува и на нашите ближни. Почнуваме да се жалиме, да се навредуваме, да си го помрачуваме денот еден на друг.

Затоа сум должен да бидам мирен, тивок и трпелив; да простувам сè, без остаток — какво и зло да ми направат. Да љубам, и да не чувам во себе сенка од огорченост.

sv.Gerasim.lav

            Секое човечко срце копнее по смирена душа.
Кога ќе сретнеме човек што е благ, незлобив и тивок — кој не возвраќа на навредата, туку останува спокоен и светол — таквата душа зрачи топлина, како благодатна светлина што сгрее. Нејзините мисли се мирни и радосни, и насекаде околу себе шири покој и благодат Божја.

Секој човек сака да биде близу до таква душа.
Зошто?
Затоа што од неа се излеваат мирни мисли кои влијаат и врз самата природа, врз секое живо суштество. Мнозина се чудат како дивите ѕверови приоѓале кај светителите како питомни животни. А тоа не е чудо, туку природна последица на љубовта.
Светителите не се плашеле од смртта — затоа сите ги љубеле, не само луѓето, туку и животните. Стравот е тој што го раздразнува животното; љубовта го смирува. Кога човек има љубов кон сè што живее, ништо не го напаѓа — токму тоа било сведоштвото на светителите.

o.Tadej.mir

            Во Петровец имаше еден свештеник, отец Б., човек посебен по својот карактер. Беше строг, бараше ред, но имаше голема љубов кон животните. Околу него секогаш имаше мачки, кучиња и други суштества кои го чувствуваа неговото срце.
Еден есенски ден отишол да освети вода кај човек што имал огромно куче — германска овчарка. Кога отецот ја отворил вратата, кучето ја скинало врвката и тргнало право кон него. Сите помислиле дека ќе го растргне. А тој само ги раширил рацете и рекол:
„Ајде, да се побориме!“
Кучето ги ставило шепите на неговите рамена и почнало да го лиже.
Сите останале без збор, а тој мирно рекол:
„Тоа знае дека го љубам. Знае дека го љубам.“

Ете што значат добрите мисли — мисли полни со љубов и добрина. Со нив создававаме хармонија или неред, мир или вознемиреност.

Нашите мисли се дејствителна сила.
Оние што се возвишени и благородни создаваат благост, а оние што се темни — немир и раздор.
Нашиот ум е како невидлива централа што постојано испраќа и прима сигнали. Дури и науката денес потврдува дека мислата влијае не само врз луѓето и животните, туку и врз растенијата — и тие имаат своја тивка осетливост, своја духовна „нервна“ мрежа.

Со какви мисли живееме, таков ни е и животот.
Ако мислите се мирни, кротки и благородни, тогаш и во нас ќе царува мир. Тој ќе се излева како благ благоухан мирис и ќе ја смирува секоја жива твар.
Сите суштества копнеат по љубов, внимание и почит, но ние премалку од тоа даруваме, зашто не ја разбираме силата на сопствената мисла. Малкумина се свесни за тоа…

Еднаш, една мајка дојде со својот син. Таа веќе неколку пати се жалеше дека не ја сака снаата.
Ја послушав, па ѝ реков:
„Снаата е млада, не разбира уште дека треба да ја љуби свекрвата како своја мајка. Но ти си постара и треба да размислиш со трпение и смирение. Природно е, кога мајката ќе го омажи синот, во срцето да се јави болка — дури и снаата да е ангел. Надворешно сè е добро, но внатрешното незадоволство се таложи.

Моли се Господ да ѝ испрати благ ангел, и тебе да ти даде сила да ја љубиш како своја ќерка.
Секоја војна започнува во мислата. Прво се појавува во умот, а потоа се претвора во зборови и дела. Сè што се случува — најнапред се родило во мислата.“

Мајката не можеше да разбере. Беше длабоко огорчена.
Тивко ѝ реков:
„Ако не можеш веднаш, барем обиди се. Ако снаата не е добра, моли се Бог да ѝ даде благ ангел, и да го снеме товарот од твоето срце. И за сите што те повредиле, моли се Бог да ти даде сила да ги љубиш.

Ќе видиш — кога ќе почнеш да испраќаш мирни мисли, исполнети со љубов, и околината ќе се измени. Ќе се измени и снаата.
Знаеш ли дека секој ден ја удираш — не со раце, туку со мислите?
Затоа во домот нема мир. Ни твојот син нема мир.“

„Тешко е“, рече.
„Да, но обиди се да ја засакаш.
Знаеш ли зошто не ја љубиш?“
„Не знам.“
„Затоа што ти го одзеде синот. Тој веќе не ви припаѓа како кога бил дете. Природно е човек да се прилепи кон својата жена. Мајката се радува кога ќе го омажи синот, но потоа страда најмногу.
Синот веќе повеќе се грижи за жената, а мајката тоа тивко го чувствува — и така започнува мислената војна.

Но, на крај, ќе видиш дека ништо не си направила.
Обиди се со она што ти го велам — и за кратко време сè ќе се промени.“

SV.Serafim.Sarovski.i.mechka

📖 Од книгата „Мир и радост во Светиот Дух“

 

Старец Тадеј Витовнички

 

Подготвил Симеон Стефковски