Молитвата – тивок мост меѓу науката и духот

Monhinja.se.moli

         Современиот човек живее во време на забрзаност, технолошка преоптовареност и внатрешна нестабилност. Сè побрзото темпо на животот и постојаната изложеност на надворешни притисоци ја рануваат душата, а современата психолошка наука зборува за вистинска „тивка пандемија“ на ментални заболувања – анксиозност, осаменост, депресија.

Но покрај медицинските и психотерапевтските решенија, во човекот тлее потребата за нешто подлабоко – за внатрешно упориште, за смисла што ја надминува секојдневната борба. Во тој простор на копнеж и болка, молитвата се јавува не како бегство, туку како повик кон животот. Таа не е само ритуал, туку живо дишење на душата – допир меѓу човекот и неговиот Создател.

Историјата сведочи дека во времиња на темнина и несигурност, молитвата станувала светлина и потпора. Таа била скривалиште и сила на христијаните во доба на прогони, извор на утеха во времиња на чума и глад. Молитвата никогаш не била украс на верата, туку нејзина срцевина – начин човекот да ја проживее реалноста со надеж и смисла, а не да избега од неа.

Современата наука сè повеќе го потврдува тоа што духовното искуство го знае со векови: дека молитвата го преобразува не само духот, туку и телото. Неуролошките истражувања покажуваат дека за време на молитвата се смирува амигдалата – изворот на страв и аларм, а се активира делот на мозокот поврзан со вниманието, разумот и самоконтролата. Хормонот на стресот се намалува, дишењето се продлабочува, срцето се смирува. Верниците кои се молат редовно имаат подобар сон, стабилен притисок и поголема отпорност на стрес.

     Психологијата, од своја страна, открива дека духовните практики ѝ помагаат на личноста да заздрави однатре. Едноставните молитви – како „Господи Исусе Христе, помилуј ме“ – го собираат расеаниот ум, внесуваат мир и чувство на присутност. Тие го учат човекот да прости, да прифати, да се поврзе. Молитвата станува лек за внатрешниот немир, тивка терапија што го облагородува секојдневието.

Ако се загледаме во животот на монасите на Света Гора, ќе забележиме хармонија меѓу духовното и телесното што ја надминува современата медицина. Нивниот живот е едноставен: умерена исхрана, скромна трпеза, труд со рацете, молитва на срцето. Во нивниот ритам има природен ред, дишење, тишина. Таму каде што науката денес го открива идеалот на здрав живот, монасите со векови го живеат – тивко, без теории, но со длабока вера.

Исусовата молитва, што монасите ја изговараат непрестајно, е облик на „внатрешна внимателност“, сродна на она што денешната психологија го нарекува mindfulness – но со една суштинска разлика: таа не се завршува во човекот, туку води кон Бога. Тоа е трезвеноумие, будност на духот, постојано присуство во светлината на Божјото име.

          Светите Отци ја нарекуваат молитвата „дишење на душата“. Свети Григориј Палама учи дека вистинската молитва не е збор, туку состојба – стоење на човекот пред Божјото лице, прочистување на умот и срцето. И навистина, како што телото без воздух умира, така и душата без молитва се гуши во сопствената тежина.

Се разбира, молитвата не ја заменува медицината, но ја осмислува. Таа е мост помеѓу науката и верата, помеѓу видливото и невидливото. Многу лекари денес ја препорачуваат како дополнителна помош – не како магија, туку како внатрешно исцеление што го надополнува телесното.

Молитвата, на крајот, не е илузија ниту само техника на смирување – таа е жив однос со Бога. Таа е пат на преобразба, тивка наука на љубовта, лек за срцето и за умот. Науката сè повеќе ги препознава нејзините плодови, но верата одамна знае: молитвата не ги лечи само симптомите на болеста, таа го исцелува самото битие – го преобразува човекот одвнатре и му враќа мир, смисла и светлина.

Извор – сајт Чудо.рс


За Преминпортал подготвил С. Стефковски