Архимандрит Лазар Витаниски

КРАТОК ПРЕГЛЕД НА НАЈРАСПРОСТРАНЕТИТЕ ГРЕШНИ ЗАБАВИ И ПОРОЦИ ВО НАШЕВО ВРЕМЕ

ispoved.nagrev.jpgКако прилог на претходните совети и поуки за светите тајни исповед и покајание, неопходно е подетално да ги образложиме некои многу опасни и за душата штетни појави, што се распространети токму во нашево време и кои многу христијани ги упропастуваат, иако, можеби, сите современи христијани и не знаат колку тие разоноди и пороци се погубни и недопуштливи.

РОК - МУЗИКА

Во нашево време многу се распространи влијанието на една погубна стихија: станува збор за западната „рок-култура" со сите нејзини ограноци, појави и влијанија.
Крајно разорувачко и погубно вилјание на душата на христијанинот имаат џез-музиката, рок-музиката, поп-музиката, диско-музиката, панк-музиката, како и други слични облици и појави на современата популарна музичка култура. Тие не се ограничуваат само на музиката, туку ги допираат и сите аспекти и најситни детали од животот на современата младина. Таа „култура" постојано се менува, прилагодувајќи се како камелеон на постојаните промени на расположението на новите генерации, ги менува називите на своите „нови" стилови, понекогаш изгледа како да го отфрлува вчерашното и како да се буни против самата себе за со тоа да го оживее интересот и вкусот за едно и исто, само сега во нов облик. Но, суштината секогаш останува иста.
Таа „култура" е крајно загрижувачка, духовно одвратна и навредлива појава за секој барем малку побожен човек, а со тоа повеќе е неприфатлива за христијанинот. Самата појава на „рок-ен-ролот" на Запад се доживува како почеток на „младинската сексуална револуција". Целиот пат по кој одела и што оди оваа деструктивна „култура", водејќи директно во црниот пекол огромни маси на млади луѓе, во потполност е покриен со срамот од најгнасните и најстрашните смртни гревови: тоа се сите можни блудни изопачувања, потполна „слобода на љубовта", т.е. отфрлување на секаков срам, потполна разузданост на наЈниските страсти и похоти, наркоманијата што често има најужасни последици, чести се смртните случаи од прекумерни дози на дрога, случаи на насилство, самоубиства итн., а да не зборуваме за најбезумните богохулства што се јавуваат во песните и предизвикувачките изјави на таканаречените „рок-ѕвезди", со кои е натопена целата црна филозофија на таа „нова култура". Покрај сето тоа, во таа средина често се изговара името на Господа Исуса Христа, често може да се сретне прикажување на крстот и ликот Господов, но тоа уште повеќе треба да го боли срцето на христијанинот, кој гледа такво сквернавење на светињите. Во рокпесните често се среќаваат богохулни изрази, а понекогаш и очигледен сатанизам. Со цел конечно да се разврати свеста на младината и да се рашири демонското влијание на масата млади луѓе, на многу аудио-снимки се запишани таканаречени „потсвесни пораки": застрашувачки зборови, повикувања, заколнувања, кои можат да се откријат доколку снимката се слуша во спротивна насока. Истражувањата покажале дека потсвеста ја регистрира таквата фраза што ја чула наопаку изговорена и може да ја дешифрира пораката, дури, иако таа е соопштена на јазик непознат за слушателот.
Пораките што се испраќаат преку „рок-ен-ролот", што дејствуваат на ниво на човечката потсвест, ги имаат следниве содржини:
а) пропагирање најразновидни облици на полови
изопачености,
б) повик на бунт против поредокот што владее,
в) повик на самоубиство,
г) поттик на насилство и убиство,
д) повик на посветување на сатаната.

За поочигледно да го покажеме сиот ѓаволски дух на оваа „рок-религија" што доаѓа директно од сатанската бездна, ќе наведеме неколку карактеристични факти што самите ќе кажат се. Самиот термин „рок-ен-рол" го смислил еден диск-џокеј од дискотека во Кливленд. Тој израз опишува две движења на човечкото тело за време на сексуална оргија и е преземен од жаргоните на американските гета.
Суштината на „бит-музиката" е во непрекинатото повторување на правилни пулсирања во комбинација со скратени ритмови што ги дава бас-гитаристот. И токму тоа е она што го карактеризира ритамот на целата рок-музика.
Во „хард-рокот" битот делува така што ги разбудува најниските телесни инстинкти.
Во „отровниот рок" битот делува така што предизвикува реакција на нервниот систем и мозокот исто како различни халуциногени дроги.
„Лошиот рок силно ги буди инстинктите врзани за насилство, убиство и бунт.
Основач на „сатанскиот рок" била групата „Битлси", која во 1968 година го издала и својот ѓаволски „Бел албум", на кој за прв пат се појавиле потсвесни пораки за пренесување на „антиевангелието според сатаната."
Целта и филозофијата на „панк-рокот" се состои во тоа публиката да се доведе до директно колективно лудило и насилство, вршење на злосторства и самоубиства. „Панкот" во потполност прифаќа и содржи во себе настрани постапки, како што се плукање, шутирање и скокање на други, нанесување повреди на себе и на други... До тој стадиум дошол „рок-ен-ролот" уште во 1985 година (зборот „панк" во Англија прво се користел за проституки од двата пола, а подоцна добила општо значење „џган").
„Диско-музиката" настанала во Њујорк во 1973 година меѓу хомосексуалците „на големата американска метропола". Натпис во „Дејли њуз" од 1978 година вака го прикажува „диско" - феноменот: „Бидејќи едни од други се изолирани со заглушувачка музика и се изгубени во заслепувачкото светкање на лајт-шоуто, оние што играат прават се што ќе им падне на ум, без никаква свест за било што, па секој од нив изгледа како бесен пред огледало, кој непрестано вика: Јас! Само јас! Само јас!"
Интересно е и тоа што сите основачи на рок-ен-ролот биле членови на сатанистичката „црква" или следбеници на сатанизмот, а повеќето рокгрупи се следбеници на некоја сатанска религија. Кога требало да издаваат нова плоча или да промовираат нов хит, тие се обраќале за помош кај сатанистичките „свештеници" или барале од „свештениците" да ги маѓепсаат тие плочи и хитови за да постигнат голем успех. По завршувањето на црномагискиот ритуал на „осветување", тие рок-музичари преземале обврска за ширење на сатанското влијание на оние што ќе ја слушаат нивната „музика".
Алис Купер јавно изјавил дека склучил договор со ѓаволот и дека тоа му овозможило да постигне светска слава.
Мик Џегер, пејачот на „Ролинг стоунс", примил „посветување" во ритуалите на црната магија и се заколнал на верност на сатаната. Тој повеќе пати за себе изјавил дека е - „инкарнација на Луцифер." Насловите на три негови песни тоа јасно го потврдуваат: „Симпатија кон ѓаволот", „На неговото сатанско височество", „Заколнување на мојот брат демонот".
Елтон Џон изјавил дека никогаш не отпејал ниту една песна што не била напишана со помош на магија.
Џон Ленон за време на промовирањето на ѓаволскиот „Бел Албум" изјавил: „Христијанството ќе помине. Тоа ќе се намали и ќе исчезне. Во право сум, и тоа ќе биде докажано. Ние сега сме повеќе популарни од Исуса Христа..." Ако едно место во песната на групата „Битлси" со наслов „Револуција број девет" се слуша во обратна насока, јасно се слуша сатанистичка порака: „Направи сексуално задоволство, мртов човеку."
Во многу популарната песна на групата „Лед цепелин", „Скалила во небото" зборовите од третата строфа содржат потсвесна порака и при слушање во обратна насока јасно се слуша: „Јас треба да живеам заради сатаната." Кога еден друг стих на песната („И уште има време да се промени оној пат по кој вие одите") се слуша во обратна насока, се слуша: „Мој мил сатано, никој друг нема да ми изгради пат."
Во песната „Кога во Арканзас ќе дојде струја" на групата „Блек оук Арканзас", снимена на сцена, еден дел претставува збир на бессмислени зборови и завивање на целата група. Доколку снимката на тоа место се слуша во обратна насока, се слуша: „сатана... сатана... сатана... тој е бог, тој е бог, тој е бог," после што се слуша демонско смеење.
На самите обвивки на плочите често се прикажани грозни слики: преверзни или порнографски, сатански или садистички, со зли пораки и симболи. Таму можат да се видат превртени триаголници (симбол на ѓаволот и на адската бездна), пирамиди, пентаграми, хексаграми, црномагиски кругови и броеви (како што се 666 или обратно прикажано - 999), како и цело мноштво на разни гледачки, фалусни и вагинални симболи, сцени со принесувања на човечки жртви, сцени со црни миси и други пеколни претстави.
Во 1981 година 90% од продадените плочи во целиот свет биле плочи со рок-музика (130 милиони годишно, не сметајќи ги 100 милиона рок-албуми). Значи, овој феномен ги допира, речиси, сите адолесценти од целата земјина топка.
Уште еден детал: многу рок-концерти често се проследени и со жртви што страдаат заради огромниот собир на избезумена толпа, зашто многу млади луѓе просто се газени или се задушуваат во турканицата, или умираат од преголема доза на дрога и алкохол. Така, пред повеќе години, 65 млади луѓе загинале за време на еден од тие концерти во Лос Анџелес. Бидејќи сите ладилници во мртовечницата биле преполни, телата на жртвите од тој трагичен концерт биле сместени по должина од двете страни на ходникот. Страшна смрдеа на смрт ја исполнувала целата зграда. Телата не можеле да се идентификуваат зашто, претежно, тоа биле млади луѓе кои претходно го напуштиле родителскиот дом. Новинарката Џуди Аргазони, која правела репортажа од местото на настанот, во еден момент го слушнала сатаната како и шепоти вакви зборови: „Еве ги! Гледај ги многу внимателно, тие се мои трофеи! Ова е сала за изложба на моите трофеи!"
А еве и зборови од песната „Пеколни ѕвона" од хард-рок групата „Еј-Си/ Ди-Си" (АС/DС):

„Јас сум гром што грми и излива дожд,
Јас доаѓам како ураган,
Моите молњи светкаат по целото небо.
Ти си уште млад, но ќе умреш!
Нема да земам заложници,
Нема да поштедам ничиј живот
И никој нема да ми се спротивстави!
Ги добив своите ѕвона и ќе те земам во пеколот!
Ќе те добијам!
Пеколни ѕвона! Да! Пеколни ѕвона!"

Тогаш, не треба ли целата таа пеколна бучава, крици, врескања на страстите пуштени на слобода, развратните похоти, неконтролираните движења на паднатата човечка волја - не треба ли целиот тој рок-поп-диско-хард-панк... кошмар да го наречеме „пеколно ѕвоно" што грчевито ги повикува, од сите страни на светот, своите поклоници на тој „црн шабат" (токму таков назив носи една од групите на сатанскиот рок -„Блек сабат"), т.е. сатанска „црна сабота", оргија каде што луѓето заедно со демоните грозно го играат последниот танц на заодот на овој свет, кој конечно и се предал на погибелта? Станува збор за истото зло за кое зборува и една средновековна легенда за флејтистот од Гамелен, кој со помош на волшебната свирка на флејтата го избавил градот од глувци, но, не добивајќи плата, со истата музика ги извадил од градот сите деца, ги одвел во пукнатините меѓу карпите од каде повеќе не излегле.
Недопуштливо е да мислиме дека христијанинот, сепак, понекогаш може да слуша нешто од таа музика, избирајќи нешто што е наводно „безопасно" и во тоа да ужива. Не! Не се бере грозје од трње! Лошото дрво не носи добри плодови! Дрвото, чии корења пијат сокови од пеколната бездна, не може да носи безопасни и здрави плодови. Може ли христијанинот понекогаш, заради разновидност и да би ја избегнал монотонијата, да општи со ѓаволот? Или да заигра по звуците на истата свирка со демоните? Никако.
Значи, дури и најмалата забава на православниот христијанин со рок-културата е предавство на својата вера, Јавно навредување на својот Господ, оддалечување од Него, погубна измама, општење со духовите на темнината, играње со сатаната.
Што побрзо исповедувај ја таквата грешна забава и немој повеќе да доаѓаш во врска со неа.

(Продолжува)

Извадок од книгата:

ПОКАЈАНИЕТО- ПАТ КОН ВЕЧНОСТА

Издавач: Канео ,Охрид, Дебарско- кичевска епархиј

Друго: Pokajanie.korica.jpg

 

 

 

 

 

 

Посети:{moshits}