Слово на св. Николај Јапонски
на Соборот на Јапонската Црква
во јули 1887 год.


crkva.del.jpgВо Светото Писмо е речено: ,,Чедо, ако пристапуваш да Му служиш на Господа Бога, подготви ја душата твоја за искушенија: утврди го срцето свое и потрпи. И не биди нажален за време на нападите: и прилепи се на Него, и не отстапувај,  за да победиш на крајот,,. Сите ние, кои се наоѓаме овде, се разбира, сме пристапиле да Му служиме на Бога, и на тој начин, добро знаеме, дека да Му се служи на Бога, значи да се присилуваме себе на труд. Но исто така знаеме, дека во ова служење се крие и голема радост. Бидејќи Бог Кој гледа се, не само што ги гледа оние кои Му служат, туку и им помага, и милостиво ги љуби. Сепак, патот на служење на Бога е исполнет со опасности и сопнувања, болести и падови, затоа и Светото Писмо не учи, дека ако сакаш да Му служиш на Господа Бога, тогаш подготви ја душата своја за искушенија.

Има два вида на искушенија: првиот вид на испитување, доаѓа од горе; вториот се соблазните од долу. За искушенијата од горе Светото Писмо ни го кажува следното: ,,Како што низ оган се испитува златото и среброто, така и Бог го испитува срцето на човекот,,. Постои чисто злато, злато со примеси, а има и лажно злато. При испитувањето со оган чистото злато не трпи никаква штета, напротив станува уште попрекрасно; од златото со туѓи примеси се одделува неговиот чист дел; а лажното злато на крај се обрнува во нешто што нема никаква вредност. На сличен начин и добродетелите на човекот можат да бидат вистински, можат да бидат и помешани со самомнение и гордост или со други страсти, а можат да бидат и сосема лажни, невистинити, какви што тие биле кај лицемерните фарисеи. На тој начин, искушенијата кои доаѓаат од горе го определуваат квалитетот на добродетелите во човекот. Бог од самиот почеток го знае срцето на човекот, затоа искушенијата не се испраќаат за Бог да дознае какви се нашите добродетели, но тоа се прави за самиот човек, за тој, ако во нив увиди примеси на лага и лицемерие, да се покае и да се обрне кон доброто. Да не се лишиме и ние од слични искушенија, кои доаѓаат од горе.

Но освен овој, постои уште еден вид на искушенија, имено соблазни, кои доаѓаат од ѓаволот, кој внесува темнина во мислите на човекот, влева различен вид на нечистота во неговото срце, го збунува (расејува) и, на тој начин, го наведува човека на зли дела за да ги одврати од Бога душите на луѓето, кои Му служат.

Ние кои сме пристапиле да Му служиме на Бога, треба секогаш да помниме дека се наоѓаме среде овие искушенија и соблазни. Во Светото Писмо е речено: ,,Бидете трезвени, бодри, затоа што вашиот противник ѓаволот оди, како лав што рика, барајќи некого да голтне,,. Сите катехизатори и свештеници се наоѓаат под напрегнатото внимание на ѓаволот, кој сакајќи да ги победи, испушта мноштво огнените стрели. Најотровната од сите овие стрели е самодоволноста и гордоста. Бидејќи многуте катехизатори заминуваат на проповед уште сосема млади, а луѓето веќе ги викаат учители и наставници. Нема ништо чудно во тоа што ѓаволот, ползувајќи се со ова, лесно внесува во нив гордост; и колку служители на Црквата биле поразени од оваа стрела! Секоја година јас пуштам многу катехизатори, но многумина од нив паѓаат. Која е причината за ова? Се тоа доаѓа од самодоволност и гордост. Ако некои од христијаните се обидат да ги посоветуваат, тие, спротивно од што треба, на тоа се гневат. Ѓаволот има уште многу други огнени стрели, со кои ги поразува оние кои не можат да му се спротистават. Такви, без исклучок, се сите оние кои биле исклучени од списокот на катехизатори. И колку, браќа мои, ги има такви, кои пристапиле да Му служат на Бога, но не успеале да ги совладаат искушенијата и паднале. Колку е тоа тажно!

Затоа е многу важно, секогаш да бидеме подготвени за искушенија, бидејќи тоа е основата на нашата сила. Ако не се подготвуваме секогаш ќе бидеме победени од соблазните. Таквите ѓаволот ќе ги поразува со своите стрели и ќе ги убива. Сега, пред почетокот на Соборот, јас, спомнувајќи си на минатото и преставувајќи си ја иднината, сметам дека се ова што ви го кажувам е неопходно да ви се каже како најглавно и најважно нешто.
Со какви средства треба да се користиме за да се подготвиме за искушенија, јасно ни зборува Светото Писмо.

Како прво ,,утврди го срцето свое,,, то ест чувај го срцето свое, исправи ги своите дела и стекни добродетели, и на тој начин ќе избегнеш да паднеш во соблазни. Слично како што коработ, ако се варди добро, ако добро со него се управува, не ќе бидат страшни ни бурите, ни брановите кои беснеат, но ако тој не се варди добро, постои опасност да претрпи бродолом; и слично како што ослето, ако со него не се управува како треба, може да се случи и тоа да се преврти или да падне во јама, така и срцето на човекот: ако со него добро не се управува, што ќе се случи? Единствено тоа, што ѓаволот ќе ни се приближи, ќе ни вложува во нашите мисли разни зли замисли и ќе го доведе во безредие нашето срце и нашите дела.
Како второ, ,,потрпи,,. Човекот од почеток е наклонет кон зло, затоа за да ги победи искушенијата, неопходно е со готовност да трпи разни видови на маки и жалости, да се воздржува и да го насочува своето срце кон вистината. Ако не ги претрпиме маките и жалостите, не ќе можеме ништо да совладаме, бидејќи без маки и жалости кој може да го победи непријателот?

Како трето, ,,да се прилепиме кон Бога и да не отстапиме,,. Прилепувајќи се кон Бога не ќе бидеме во опасност во сите искушенија, слично како што коработ, кој пристигнал во пристаништето, веќе бурите не го застрашуваат.

Со вакво слово сакав да ви се обрнам, браќа, пред почетокот на Соборот и сакам, вие да го примите ова слово во срцата ваши и да го чувате.

Подготви: Кети Вељановска

Посети: {moshits}