Да му пристапиме на муслиманскиот теолог и да го запрашаме: може ли да се рече за Алах дека Тој е - Љубов? Нашиот собеседник малку ќе се замисли. Тоа е природно, зашто директна формула „Бог е љубов" во Куранот нема, а за човек од која било вера не е баш така просто да изговори теолошка формула која ја нема во онаа книга која за него е света. Па, сепак, после извесно размислување муслиманскиот учител ќе ни одговори:
„Да. Секако, пред се, Алах е волја. Но, може да се рече и тоа дека во Него постои љубов кон луѓето. Љубовта е едно од деведесет и деветте свети имиња на Севишниот".
А јас ќе го запрашам својот собеседник:
„А кои дела на љубовта според Куранот се својствени на Севишниот? Во што се покажала Алаховата љубов кон луѓето и со што е таа посведочена?"
„Тој го создаде светот. Тој им ги испратил на луѓето Своите пророци и им го дал Својот закон".
И тогаш ќе му го поставам своето трето прашање:
„Дали тоа за Него било тешко?"
„Не, светот е премногу мал во споредба со силата на Творецот".
Како што гледаме, од гледна точка на исламот, Бог само од далеку на луѓето им ја објавува Својата волја. Тој на луѓето им се обраќа од неизмерно растојание, така што огнот на човечките страдања и беззаконија не го валка Неговиот Лик. Љубовта на Бога кон светот, како што таа се сфаќа во исламскиот лик на Творецот е без жртва. Така се сакаат туѓите деца: со радост се бараат нивните насмевки, но не се поминуваат безсони ноќи покрај нивните лулки...
Во декември муслиманскиот свет ја слави „ноќта на молитвата". Таа ноќ Алах се спушта од седмото на првото небо, кое е најблиску до земјата. Тој тогаш е толку близок на луѓето што ги слуша сите нивни молитви. И ако правоверниот муслиман ја помине оваа ноќ во молитва - тогаш неговите молитви ќе бидат слушнати и исполнети. Разбирлива и убава слика. Но, како Христијанин ќе запрашам: зарем Бог навистина не може да се спушти уште малку пониско? Зарем првото небо навистина е последната скала за слегување на Божјата љубов кон човекот?
Во исламот токму овој обид да се утврди границата на љубовта, границата на Божјата слобода ми се чини бесмислен: еве само до тука, а понатаму ни педа!" Исламот ги осудува Христијаните поради тоа што тие недоволно ја чуваат непознатата недостижност на Творецот. Идејата за Богочовештвото им изгледа неспоива со идеата на возвишената философска апофатика (т.е. со уверението за целосната недостижност на Апсолутот). И навистина - со нашиот говор за Бога треба да се биде крајно внимателен. Треба да се чуваме од тоа нашите човечки ограничување да му ги припишуваме на Неограничениот. Но, нели муслиманското тврдење дека Бог не може да стане човек, е еден и премногу човечки сомнеж во силата на Бога? Не станува ли ова одрекување - ограничување на слободата на Творецот? Од каде такво убедување во тоа дека Бог токму тоа не го може?
А љубовта е сиособна за многу необични дела, дури и за такви, кои изгледаат невозможни и недозволиви за оној кој уште нема искуство во љубовта. Пристапете кон било кој тинејџер и запрашајте го: „Ако ти кажам дека некогаш сосем доброволно ќе ја ставиш раката во куп на измет, дали ќе ми поверуваш?" Тинејџерот секако збунето ќе извика: „Во никој случај!" Но, ете, да почекаме, кога тој (или таа) ќе го добие своето малечко. И ќе видиме како родителската љубов ги пречекорува тие граници, на таа би се рекло, сосема природна гадливост.
Невозможно е да се стави преграда на љубовта, не може да се рече ете преку таа граница љубовта никогаш нема да смее да премине. Евангелието претставува таков однос на Бога кон човекот за кој може да се каже дека Бог „ја изгуби главата" од љубов кон човекот. Распнатиот Творец - тоа е навистина и „соблазна" и „лудило". Бог е слободен во изборот на Своите патишта во Својот однос кон човекот. Тој може да се појави во гром и секавица. А може и во лик на роб и скитник
Како што некогаш особено христијански и оосбено човечки рекол Борис Пастернак:

„Паѓа, паѓа снегот,
Како да не паѓаат снегулки
Туку во наметка од крпи
Небото на земјата се спушта.
К'о со изглед на чудак
Од Горното одморалиште на скалата,
Играјќи криенка, скришно,
Слегува од таванот небото..."

Токму така: „во наметка од крпи" а не во опкружување од легиони на ангели Бог ги посети луѓето. „Со изглед на чудак" и „скришно", криејќи ја Својата Боженственост, Творецот се покажа како Емануил („со-нас-е Бог"). Бог е навистина премногу различен од човекот - и затоа е чуден и необичен: Зошто ме прашуваш за името Мое, кое е чудно? (1. Мој. 32, 29; исто - Суд. 13, 18). И ќе Го наречат: Советник, Чудесни (Иса. 9, 6). Да, Божјата љубов може да му се приближи на човекот и на нашите гревови повеќе отколку што им изгледа на муслиманите, кои во грижата за строгоста на својот монотеизам се стремат што е возможно поостро да ги спротивстават Творецот и светот.
Во почетокот на 80-те години слушнав необична приказна во Третјаковската галерија. Во тие години водичите на овој музеј или не знаеле или немале право да им раскажуваат на посетителите за религиската смисла на иконата. И затоа на иконите тие им давале потполно нетрадиционални, нецрковни толкувања. Така „Света Троица" на св. Андреј Рубљов се претворила во „Повик за обединување на руските земји". Така путирот, во кој се собирала Крвта Христова, која се слевала од Крстот, е претворен во „симбол на победата над муслиманите". Но, овој пат, за една икона слушнав нешто неочекувано. Толкувањето беше наместено, но, сепак, христијанско.
Водичот раскажуваше за иконата на „Мајката Божја - Знамение". На издигнатите раце на Христовата Мајка од долната страна има црвени дамки. Исто така црвеникави дамки се појавуваат на вратот и на образите. Симболично-богословското објаснување на овие особености на некои богородични икони може да се прочитаат во книгата од Е. Н. Трубецки „Умување во краците". Водичот даде предност на историското објаснување. Тоа беше руска икона од 13 век. А каков е тој век во историјата на Русија? Век на продорот на Бату, век на разурнувања и пожари. И овие црвени дамки на ликот на Мајката Божја - тоа се одблесоци на земните пожари. Огнот, кој ги горел долу руските градови, достигнува до Небесата и Ја допира Онаа која го раширила покровот над нашата земја... Дали навистина токму така ја сфатил својата икона самиот иконописец - не знам. Но, длабоко е точно дека во Христијанството постои уверување дека болката на луѓсто станува и Божја болка, дека страдањата на земјата ги допираат и Небесата. Тоа, пак, чувство на обземеност на Бога со страдањето на луѓето го нема во исламот...