АКО БОГ Е ЉУБОВ, ТОГАШ СИТЕ РЕЛИГИИ НЕ СЕ ИСТИ!

 ѓакон Андреј Кураев

Go to fullsize image

 

... Две од овие прашања ќе ги пратиме во длабочината која ја истражуваме и на овие две прашања ќе чекаме одговор . Првото од нив е дали во односната религија постои идејата дека Бог е - Љубов. Ако оваа формула ја нема, тогаш - дали ја нема само поради случајност (да речеме дека таа идеја авторитетните текстови и учители во дадената традиција просто не стигнале да ја изнесат), или таа во таа традиција во принцип е невозможна и логички неповрзлива со нејзините појдовни претпоставки.

А второ прашање е - ако оваа идеја историски постои (или барем логички е дозволена) во дадената традиција, тогаш како таа традиција ја сфаќа.
(Продолжение)

Дали во античкиот паганизам Бог е - Љубов?

 

И во класичното паганство, во грчко-римската религија нема да наидеме на идеата - „Бог е љубов". Поимот за Еден Бог овде како да постои. Но, Грците не случајно мислеле дека зборот „бог" () води потекло од глаголот  - бега2. Бог е безимен и недостапен. На Него воопшто и не вреди да Му се обраќаме со молитви.
Паганскиот философ Целс, во вториот век, својата недоумица по повод како човекот може да се дрзне да се моли на Вишниот Бог вака ја изразува: „Христијаните и јудејците се слични на жабите, кои се сместиле покрај бара, или дождливи црви на аголот од мочуриштето, кога се собираат и расправаат меѓусебно. Тие велат дека Бог се ни открива и се ни пророкува, и дека Он, оставајќи го целиот свет и небесното движење и оставајќи ја без внимание оваа земја, се занимава само со нас, само нам ни ги испраќа Своите ангели и не престанува да ги праќа, тежнеејќи секогаш да бидеме со Него" (Ориген, Против Целс, IV, 23).
Дури и философите се губат во своите обиди да досегнат до Праначалото, Водата или Огнот, Воздухот или Апејрон, Формите на формите или Идеи на идеите... Сепак, се покажува дека она Битие, кое може да биде наречено Извор на се, Единствен и Вистински - Постоечки, е надвор од религијата на Олимп.
Зевс, главата на олимпскиот пантеон, не е Бог во највисока смисла на зборот. Тој е бог, а не Бог. Во делото „Федар" (246а) Платон ја дава следнава богословска скица: Небото („безбојна, безоблична недопирлива суштина, која вистински постои, која ја гледа само умот - она што е надвор од границите на небесниот свод") се врти, околу него на чело со Зевс одат боговите, кои се напојуваат од централната светлост. „Мислата на бога се напојува од умот и чистото знаење, набљудувајќи го вистинското битие". Како што гледаме, Зевс не е Бог во монотеистичка смисла. Тој и самиот живее од некое причестување.
Според Хесиод, Зевс е наследен бунтовник. Првата дијада богови ги носат имиња Геа и Уран. На Геа не и годат постојаните породувања, и еднаш Геа, сокривајќи го својот син Крон на она место, преку кое тој дошол на светот, „му дала во рацете остар срп и го научила на секакви лукавства. Кога падна ноќ, се појавил Уран и легнал покрај Геа, горејќи од љубовна желба, и се раширил секаде наоколу. Синот неочекувано од заседа ја испружил левата рака, а со десната, зграбувајќи го големиот остар срп, на милиот родител му го пресекол половиот орган и со силен замав го фрлил наназад" (Теогонија,174 - 181). Крон (Хронос - Време), меѓутоа има навика да ги јаде своите деца („Времето кое се проголтува"). И кога се раѓа Зевс - доаѓа времето за одмазда. Така Зевс, кој не е ниту творец на светот, ниту творец на луѓето3, станува господар на Олимп и на светот. И, значи нема никаква основа Зевс да го сметаме за Бог во смисла на Творец на битијата, токму како што нема ниту основа во него да се гледа Изворот на онаа љубов, која доведе до појава на луѓето.
Ако, дури, ни во врховното божество не може да се види онаа Љубов „која ги придвижува сонцето и ѕвездите", тогаш уште повеќе немаме основа да им ја припишуваме формулата „Бог е љубов" на божествата од понизок ранг.
Но злото може да дојде и оттаму од каде што човекот очекува помош. И затоа, според заклучокот на А. Ф. Лосев, религиското чувство на Римјаните останува „повеќе внимателно, помалку доверливо. Римјанинот верува во онаа мера, во која нема недоверба" 4 во своите богови.
Принципиелната аморалност на боговите може да се забележи и во вавилонскиот пантеон: „Тешко дека во поглед на вавилонската религиска мисла терминот „теодикеа", во строга смисла на зборот, е соодветен, тоа е јасно: пред се од таа едноставна причина што вавилонските богови не биле ниту седобри, ниту семоќни (па дури и поради нивното мноштво)"5. Тоа што овие богови ги создале луѓето, воопшто не било туку така. Тие не не создале од љубов. Мардук не го создал космосот (од мршата на својата баба Тиамат!) поради тоа што сакал и другите битија да чувствуваат радост од соучеството во животот. Тој решава лична и користољубива задача: да им зададе на боговите такви грижи та да не им падне воопшто на ум да го тргнат од тронот. И кога советот на боговите одлучил да ги создаде луѓето - тој, пак, повторно притоа ги решава своите „внатрешни" проблеми. Вавилонските богови ги создале луѓето за тие да работат место нив, буквално за да бидат нивни робови. Боговите го молат Демиург: „Создај нешто што ќе ги замени боговите!"6. Значи, човекот е создаден за да ги води работите околу уредувањето на космосот, наместо боговите.
Впрочем, сумерскиот мит за Атрахасис воопшто претпоставува дека човекот е создаден во пијана оргија на боговите (во пијана состојба боговите одлучиле да се натпреваруваат во своите магиски способности и почнале од глина да вајаат фигурички од луѓе и да ги оживуваат...).
Освен тоа, да не заборавиме дека паганските богови се олицетворение на природните стихии. А природни сили и процеси во принцип се аморални. Во нивното остварување нема категории на целта, според тоа, тие самите не можат да му дадат смисла на своето делување, и не можат да му дадат оценка. Тие просто делуваат - и тоа е се. Може ли да се каже дека бурата е - љубов? Не. Тогаш, значи ниту за боговите громовници (словенскиот Перун, грчкиот Зевс, староарискиот Варун) не може да се каже дека се љубов. Може ли да се каже дека морето го сака човекот? Не. И, значи, формулата „Нептун е љубов" исто така е неумесна. Може ли да се каже дека сонцето го сака човекот? Да, секако, сонцето е извор на животот. Но сонцето може и да убие. Тоа одлично го знаеле жителите на Египет, чиј живот секогаш бил загрозен од пустината и сонцето. И заради тоа ни за нивниот бог на сонцето Ра не може да се каже: „Ра е љубов".
Исконското убедување на целото паганство (како старото, така и најновото) дека патиштата на доброто и злото се неразделни оттука го води своето потекло. Како што природата не разликува создавање и разрушување, добро и зло, живот и смрт, светлост и сенка - така ни луѓето кои допреле до тајната на нештата, не треба да губат време на овие илузорни разлики: „Патот нагоре и патот надолу е еден ист"... „Како што е горе, така е и долу7". Даосите го изразиле ова уверување, неизбежно својствено на секое натуралистичко сфаќање (т.е. сфаќање кое не ја разбрало тајната на натприродното, личното, слободното и оностраното Божество) во својот прочуен црно - бел знак, кој не уверува дека не постои добро без зло и зло без добро.
„Да се вратиме на прашањето за тоа каков бил односот на вселената кон Египќаните: пријателски, непријателски или рамнодушен. Како се расположени другите луѓе кон нас: пријателски, непријателски или се рамнодупши? Одговорот е следен: не се никако посебно расположени, но суштествата кои се заинтересирани за нас, кон нас се однесуваат пријателски или непријателски во зависност од тоа дали нивните интереси се сложуваат со нашите интереси или им противречат; незаинтересираните битија кон нас се однесуваат рамнодушно.
Работата се сведува на тоа какви се интересите на дадената сила и какво е нејзиното расположение кон нас во дадениот момент. Сонцето грее и со тоа дава живот, но тоа, пак, пржејќи, може да го уништи животот, или, пак, сокривајќи се, да убие со студ. Нил донесува живот, но необично нискиот или необично високиот водостој на Нил донесува уривање и смрт8". И за секој бог, дури и за онај најсимпатичниот, понекој мит сепак ќе каже некаква гадотија. Дури и Гор - спасителот на Озирис и добротворот на луѓето - во една прилика ќе ја отсече главата на својата мајка Изида.
Ако за некој бог или јунак на паганските митови може да се рече дека од него кон луѓето доаѓа само љубов, сепак не може, а да не се забележи дека тој ни од далеку не е најважен член на пантеонот... Љубовта е делумно и сосема незадолжително манифестирање на светот на бесмртните во светот на луѓето. Во паганството може да се најде бог кој ги сака луѓето. Но таму нема Бог, за кој би можело да се рече дека Тој (не тој, туку Тој) ги сака луѓето.

2. „Бог бега од брзината на умот кој Му се приближува, секогаш ја предупредува секоја мисла, како би можеле во своите желби непрестано да се шириме кон нова височина" - свети Григориј Богослов, Пофалба на девственоста; Собрани дела, т. 2. Спб., 1994. стр. 133. Види исто така т. 1. стр. 440.
3. Крон, а не Зевс, е творец на луѓето: „Боговите кои вечно живеат, сопственици на олимпските куќи, создале златно поколение на луѓе. Крон-владетелот, во тоа време, бил господар на небото..." (Хесиод, Дејности и денови; стр.109-111).
4. Лосев А. Ф., Елинистичко-римска естетика 1.-2. век; М. 1979. стр. 35-37.
5. Клочков И. С, Духовната култура на Вавилон: човек, судбина, време; Москва, 1983, стр. 115.
6. Крамер С. Н.. Историјата почнува во Сумер; М., 1991., стр. 118.
7. Блавацка Е. П., Тајна доктрина; т. 2, Рига, 1937., стр. 630. Помеѓу останатото, окултната и фашистичка свастика, која јасно ја покажува еднаквоста на сите правци, имала и значење кое укажува на фундаменталното окултно уверување за еднаквоста на „врвот" и „ дното". В. Воробјевски Ј., Мистика на фашизмот; Русија. 12-18, април 1995.
8. Франкфорт Г. А., Вилсон Џ., Јакобсон Т, Во преддворието на философијата; Духовните трагања на древниот човек, М. 1984., стр. 77.

 

 

Извадок од книгата:

„НЕМА СПАСЕНИЕ НАДВОР ОД ЦРКВАТА“

Издавач: Канео ,Охрид, Дебарско- кичевска епархија