Архимандрит Лазар Витаниски

ШТО Е ТОА ГРЕВ?

Гревот е нарушување на христијанскиот духовен закон, тоа е непослушност на Словото Божјо од страна на верникот. Поимот грев е религиски поим и него го сфаќаат само оние што го прифаќаат христијанскиот закон и што ја исповедуваат верата во Бога и кои заради тоа се наоѓаат во „црковната ограда". Оној, пак, што е надвор од Црквата, воопшто не е способен да ја сфати својата гревовност, ниту да го види сиот свој пад и да се ужасни заради длабочината на својата заразеност со смртната болест на гревот, како ниту да ја почувствува својата оддалеченост од Бога и од Вистината.
Заради тоа, прво треба да се покаеме за гревовите против Бога и Неговата Црква. Такви гревови има многу, тие се поврзани во една нераскинлива мрежа на разни духовни состојби, како едноставни и очигледни, така и скриени, на прв поглед беззначајни, а всушност исклучително опасни по душата. Тие, воопштено, може да се поделат на: маловерие, суеверие, богохулење и заколнување во Бога, немолитвеност, негрижа кон црковната служба, прелест.

МАЛОВЕРИЕ

Овој грев е најраспространет. Понекогаш маловерието преминува во потполно безверие, иако човекот што боледува од него често и понатаму ги посетува Божјите служби и прибегнува кон исповедта. Во таква состојба маловерниот не го одрекнува постоењето на Бога свесно, но, сепак, се сомнева во Неговата семоќ, милосрдие или промисла. Со своите постапки, навики, со целиот начин на своето живеење тој му противречи на верата што ја исповедува со зборови.
Таквиот човек никогаш не се вдлабочува, дури ни во наједноставните прашања од догматски природа, плашејќи се да не ги изгуби наивните и често неточни и примитивни претстави за христијанството, што од порано ги стекнал. Претворајќи го православието во национална домашна традиција, во збир на надворешни обреди и гестови или сведувајќи го на уживање во преубавото црковно пеење, светкањето на свеќите, односно на надворешна убавина, маловерните го губат она што е најважно во Црквата - нашиот Господ Исус Христос.
Кај маловерните побожноста тесно е поврзана со естетските, страсните и сентименталните емоции: таа лесно се прилагодува на егоизмот, суетата и сентименталноста. Луѓето од овој тип бараат пофалби и добро мислење за нив од духовниците. Таквите луѓе на исповедта често се жалат на другите, сакаат да ја покажат својата „праведност". Од сладникаво-лицемерна „побожност" тие лесно паѓаат во раздразливост и гнев кон ближните. Таквите „праведници" кои не гледаат во себе никакви гревови, често кон оние што ги окружуваат изразуваат бездушност, се егоистични и лицемерни, тие живеат само за себе, сметајќи дека воздржувањето од гревот е доволно за спасение. Воопшто, религиското самозадоволство и самоспокојство се главни показатели за оддалеченоста од Бога и од Црквата.

СУЕВЕРИЕ

Често меѓу верниците никнуваат и помеѓу нив се шират разноразни суеверија, верувања во „добри" и „лоши" хороскопски знаци, вражања, разни гатања, гледање на судбината на карти, на дланка, кафе, грав, броеви, ѕвезди... разни еретичко-магиски претстави за светите тајни и црковните обреди.
Во наше време посебно е распространето погубното учење теософија (негов најпознат правец е антропософијата). Лицата на луѓето што долго се занимаваат со таканаречените окултни науки, навлезени во „тајното духовно учење" имаат тежок израз - знак на неисповедуваниот грев, а во душата - болно, извитоперено мислење на сатанската рационалистичка гордост за христијанството како за едно од „ниските степени (скалила)" на познавање на вистината. Гушејќи ја детски искрената вера во татковската Божја љубов, надежта во воскресението и вечниот живот, теософијата проповедува учење за „карма", реинкарнација, вонцрковен и, со самото тоа, безблагодатен аскетизам. Освен непосредната штета за душевното здравје занимавањето со теософијата, окултизмот и спиритизмот е тежок грев и затоа што тоа е обид дрско да се влезе зад затворените врати, да се проникне во тајната на битијата по нецрковен, заобиколен пат. Таквите работи задолжително треба да се исповедуваат доколку оној што сака да стапи на црковниот пат и да пристапи кон светата тајна покајание во нив учествувал.

(Продолжува)

Извадок од книгата:

ПОКАЈАНИЕТО- ПАТ КОН ВЕЧНОСТА

Издавач: Канео ,Охрид, Дебарско- кичевска епархиј

{moshits}