TVIT824

Под хипнозата на светот

          Се чини дека сите сакаме да го љубиме Господа, но некако сето тоа го оставаме за подоцна. Сите сакаме да му се молиме на Бога, но секогаш „мораме“ прво да направиме нешто друго. Во реалноста, бараме изговор да избегаме од молитвата и другите напори, бидејќи тоа ни е најтешката работа. Тоа е навистина борба, тоа е распнување. А само колку се самосожалуваме! Какво само нечуено херојство е денес - да се распнеш во молитва, каква реткост! Зошто денес стана толку неподносливо тешко да се молиме?
             Јасно е зошто: овој свет е стар волшебник, постојано набљудува во нашата душа без да трепне, ја повикува со хипнотичка сила, постојано вовлекувајќи ја во својата мрежа. Ги набљудува, ги слуша сите тенки нишки, кои излегуваат од нашето срце; сите тие страсти, желби, похоти, барања, приврзаности - сите тие пајакови нишки, кои се протегаат до нозете на пајакот; а ние заглавени, сè повеќе се заплеткуваме во неговите јамки и окови.
              Пајакот плете јамка по јамка, манипулира со тие нишки, ја обиколува жртвата, проверува дали врските ослабнале, дали жртвата сè уште се противи и повторно става нови јамки и врски. Под „хипнозата“ на светот, ние самите полека одиме во змиската пропаст. Големо е искуството на непријателот - да нè оддалечи од Бога и од се што е богоугодно.
              Како да се оттргнеме, каде да го пронајдеме тој импулс во себе, обид да избегаме од падот на змијата? Како да не се “оладиме сосема”, да не ги изгубиме последните остатоци од трезвеноста, да не се предадеме на затемнувањето, на релаксирачкиот опоен ефект на хипнозата, да не подлегнеме на грешната сладост - да одскокнеме од смртоносниот вкус што се приближува?
Колку само брзо, наеднаш, со власт, доаѓа тоа студенило, таа грижа за животот а по него - мрзелива рамнодушност, раслабеност и досадно гоење на сите чувства и мисли!
            Како огромна змија што нежно да ве зграпчува со своите сурови прстени во една ледена прегратка: ја извлекуваш ногата од тие смртоносни прегратки - тие веќе ти ја прегрнуваат раката, ти ја оттргнуваш раката, но веќе грбот е опфатен, постојано приближувајќи се кон твоето срце: веќе си покрај смртоносните заби...
           И секаде наоколу, сите се - во тие страшни прегратки; дали некој воопшто се бори против нив? Најверојатно,но речиси сите луѓе послушно, со заслепени очи од предлозите на магионичарот, се впуштаат во неизброива толпа, во огромната, отворена уста. Ако некој и сфати, се оттргнува, испушта крик, но толпата го проголтува и го повлекува.
              Понекогаш кажуваме добри, правилни зборови, како да разбираме сè, сакаме да се оттргнеме, да побегнеме, но поради некоја причина се уште се движиме во таа послушно движечка толпа, како и досега, се вовлекуваме во таа уста. Дури и изгледа толку обично, толку познато, толку природно - да се оди и пропадне во некаква темнина пред нас, каде што се тркалаат сите кои поминале претходно. Да се оттргнеш, да побегнеш со крик - тоа би било предизвикувачки, нешто чудно, неприродно.

TVIT823


            Најстрашното, најотровното - тоа е хипнозата на целиот свет, кога илјадници луѓе со незаматени лица се лизгаат во пропаст и сè уште ви се смешкаат, како наводно сè е во ред и не би требало да се плашите од ништо.
И така речиси сите си заминуваат, без никаков страв, без крик, без да повикаат помош. И колку треба да тагуваме за смртта што доаѓа, за Страшниот суд, за трагедијата околу нас што продолжува, што целата таа маса умира, умира страшно, ужасно, оди во пеколот, на вечни маки секој ден заминуваат илјадници илјади луѓе.
       А ние што правиме? Сите сме насмеани и бараме мир, спокојство овде..

 TVIT822

Архимандрит Лазар Абашидзе / prijateljboziji.com


За Преминпортал Симеон Стефковски

 21.09.2023