TVIT198

БОГ ЌЕ САКА ДА ЈА ВИДИ НАШАТА ЉУБОВ

Оној кој прв пат ќе се сретне со зборовите „Страшниот суд “ речиси секогаш ги прима со извесен страв. Зашто овие зборови, дури и кога  невнимателно ги восприемаме, зборуваат за таков Суд, чиј исход не му носи добро на човекот, и за таков Судија, од кого човекот мора да се плаши.
               За жал, не малку христијани го оценуваат овој настан само од перспектива на страв (на грчки „фобија“), т.е. од гледна точка на одредена психо-емоционална состојба — тие се плашат од Страшниот суд и толку.
Но, како и многу други нешта во нашата вера, значењето на оваа фраза е многу пошироко од тоа како нам ни звучи. „ Страшниот суд “ е конечен суд, при кој еднаш засекогаш ќе биде решена судбината на човештвото, а праведниците ќе бидат одвоени од грешниците: првите ќе наследат радост, а вторите - вечни маки.
              Сигурно зборот „мака“ звучи премногу сурово за многу наши современици. Особено ако тие го восприемаат Бог само од гледна точка на Неговата љубов кон нив. Таквите луѓе цврсто веруваат дека благодарение на оваа љубов, Бог ќе му прости на човекот апсолутно сè. Но, Божјото простување не е безусловно, бидејќи Бог им простува на оние што бараат прошка и ги љуби оние што Го љубат: „ Ги сакам оние што мене ме сакаат, и кои Ме бараат, ќе најдат добрина; “ (Изр. 8,17).
            Освен тоа, судот за нашиот задгробен живот не зависи само од Бога, туку и од нас. Во 25. поглавје од Евангелието по Матеј, Христос вели дека ќе го наследиме царството небесно само ако сме ги нахраниле гладните, ако сме им дале вода на жедните, ако сме ги облекле голите, сме го засолниле странецот,ако сме им помагале на болните и сме го посетиле затвореникот.
Особено е важно да се нагласи дека сите овие добри дела мора да се прават во името на Христос. Односно, кај нашите ближни мораме да го видиме Христовиот образ: „ Доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле. “
Затоа, овде станува збор за исполнување на заповедите како пројавување и остварување на љубовта: „Кој ги има заповедите Мои и ги пази, тој е оној што Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, возљубен ќе биде од Мојот Отец; и Јас ќе го возљубам, и ќе му се јавам Сам. “ (Јован 14:21).

TVIT199
            Затоа, можеме да кажеме дека ако Божјото простување зависи од еден услов, кој се нарекува покајание, тогаш Божјата љубов зависи и од еден услов - исполнувањето на заповедите. Бог нè љуби, но за да ја ползуваме Неговата љубов, нужни ни се заповедите. На истиот начин Бог ни дава прошка, но за да ја примиме нужно е покајанието.
Затоа христијаните од првите векови не се плашеле од Страшниот суд. Затоа што овој суд е директно поврзан со Христовото доаѓање во слава и со пројавувањето на Неговата љубов и простување. Бог не доаѓа да не испрати на вечни маки, Неговата цел е друга - да го оправда човекот. И Тој ќе сака да го види во нас она што ќе го оправда нашето постоење. Ќе сака да види дека имаме љубов во себеси.

TVIT200

 

Автор: Архиепископ Баришевски Виктор (Котцаба) Извор: blogs.korrespondent.net, 2018 год.
За Преминпортал С.Стефковски