Premin.165.166a

 

БОГ ПРОМИСЛУВА НАЈДОБРО

            Од дамнини стигнува до нас следнава приказна. Еден крал имал слуга кој секогаш му велел: „Царе, не паѓај со духот, бидејќи сѐ што прави Бог е совршено и без грешка!“. Еднаш кралот отишол на лов, но бил нападнат од диво животно. Слугата го спасил кралот, но животното успеало да му откине еден од прстите. Царот рекол: „Да беше Бог добар, овој ѕвер немаше да ме нападне и да ми го скине прстот.“ Слугата му одговорил: „Независно од тоа што се случи, јас сепак тврдам дека Бог е добар и дека сè што прави за нас е совршено. Тој никогаш не греши!“. Кралот бил толку лут што наредил слугата да го затворат во зандана. Следниот ден кралот отишол на лов, но без слугата. Овој пат бил нападнат од дивјаци кои сакале да го жртвуваат. Додека го подготвувале, виделе дека му недостига прст, а според нивните верувања, жртвата требало да биде совршена, без недостаток. Затоа го пуштиле да си оди. Откако се вратил, царот наредил да го ослободат слугата и му рекол: „Бог навистина беше добар кон мене. Дивјаците за малку ќе ме убиеја, но бидејќи немав прст не ме жртвуваа на својот Бог. Но, сепак се прашувам: „Ако е толку добар, зошто ме остави да те фрлам во затвор?“ А слугата му одговорил: „Драг цару, да не ме затвореше, ќе бев со тебе за време на ловот и ќе ме жртвуваа, зашто не ми недостига ниту еден дел од телото“.
           Сето ова можеби звучи трагикомично, но е вистина. Не вистина, извлечена од богатството на животните примери, туку прочистена, осветена, вистинско откровение „одозгора“ што слегува од Отецот на светлината. Зашто е израз на непрестајната и сеопфатна љубов на Господ Бог кон нас, Неговите созданија. Тој сè прави за наше добро. Тешко ни е да го разбереме, но кога ќе стекнеме животно искуство и ќе погледнеме наназад од далечината на сè доживеано, најдобро проценуваме дека е точно така.
           Светото Православие нè учи дека сè што ни се случува е или по Божја волја или по Божјо допуштение. Божјата промисла покрива сè и секого, ја исполнува вселената и го води секој човек. А особено оние кои веруваат и се надеваат во Него. Колку повозрасен станува човекот, толку е поголема веројатноста да го сфати тоа.
           Еден од отците на 20 век, свети Паисиј Светогорец (1924-1994) им повторувал на поклониците што доаѓале кај него: „ Бог не дозволува да се случи никакво зло, ако од него не произлезе некое добро., или за да се спречи некое поголемо зло!“ (Јеромонах Исак, „Животот на старец Паисиј Севетогорец“, стр. 343). Овие негови зборови се плод не само на сè што видел и доживеал како духовник и старец, но и вдахнати од Светиот Дух како боготкровение. Тие се егзистенцијална формула за утеха низ кривулестите патеки на постоењето на секоја душа. Освен тоа, тие се Премудрост Божја и човечка. Особено сега, кога ние современите луѓе живееме во средина на хаос, безпаќа  и искушенија кои не напаѓаат од сите страни. Талкаме и задишуваме обидувајќи се сами да ги решиме загатките во нашите животи. А колку е полесно да Му довериме сè на Него. Затоа и словото на старецот тежи како печат, тоа е рецепт за секоја конкретна ситуација и го носи дострелот на личната драма.
             Никој од нас не знае што Бог подготвил за нас, но должни сме не само достојно да го понесеме, но и да го прифатиме. Не со мрморење и незадоволство како неверници, туку како христијани, и тоа православни христијани. Тоа значи да ги наведнеме главите и да имаме целосна почит кон Неговата промисла за секој еден од нас. Толку пати сме се нашле во ситуација на мали деца кои дрско бараат нешто од својот татко по секоја цена и веднаш, без да разберат или сакаат да разберат дали е тоа полезно за нив. Зашто, ако Тој ни го даде, ние нема да може да го понесеме, па дури може тоа и да не погуби.
              Ние не можеме да сфатиме во кое време и што е најдобро за нас. Затоа, да се смируваме. Колку повеќе толку подобро. Тој, Семоќниот и Семилостив Бог, во Своето сезнаење и преплавена љубов кон секој еден од нас, не само што знае, туку и внимателно проценува што и кога да примиме и колку тоа ќе ни користи. Некогаш доаѓа големо зло што се покажува дека е добро, а друг пат ни доаѓа добро што е за наше зло. Едно очекувавме ние, а друго доаѓа. Ги благословуваме страдањата што ги доживуавме, бидејќи да не беа тие, ќе беше нешто уште потешко и понеподносливо.
              Во секојдневниот живот и во светот на суеверието, тоа е „ѓаволчето“ кое што ни одзема нешто, за да не дојде „големиот“ да не ограби и опустоши. И сето тоа е за наше добро. Но не само за спасение на нашите души на Судот пред Него, туку и овде долу, во овој видлив свет, исполнет со горчина и разочарувања. Да го скршиме сечилото на нашето его и да се смириме... Ова е најтешкото, но и најважното во секој еден момент. Сè друго е производ на нашата повредена природа и вродена гордост. Тоа се ментални битки, душевни талкања и недоразбирања кои нè наведуваат да ја изгубиме Божјата благодат. И тогаш демоните нè напаѓаат и ги опустошуваат храмовите на нашите потресени души.
               Кој од нас, верници или неверници, не се нашол во најмала рака во една деликатна ситуација, каде што потоа извикал: „Господи, ти благодарам што не ме послуша!“? Тогаш се соочуваме со чувството на нашата лична слабост и тивкото Божјо величие. Кој од нас не доживеал катастрофи, лични падови и длабоки разочарувања? Но во секој нив се гледало Неговото лице и Неговата десна рака, кои нè воделе напред во некој чуден и за нас неразбирлив правец. Последователно, разбираме колку бил праведен и премудар Господ Бог и како Тој Самиот ги исполнува нашите животи.
            Тогаш разбираме дека Тој е најдобриот кормилар на нашиот кораб во морето на искушенијата. Тој, не сака нас повеќе отколку што ние самите себеси се сакаме. Затоа што Неговата љубов е совршена, целосно духовна и вечна, а нашата е несовршена, расиплива и минлива. Блажени мигови на осознавање! Тие го носат зрното на мудроста и се плод на нашето созревање и навлегување во тајните на Духот. Тогаш си доаѓаме на себеси и што е најважно “во себеси” и така го радуваме Небото и небесниот цар Христос! Тогаш ние сме синови, а не осиновени; благословени и облагодатени.

           Затоа, да замолчиме и да ги наведнеме главите, да се помириме со Бога и да се смириме, сеќавајќи се дека се што прави со нас е за наше добро и дека нè води на најдиректниот пат кон Царството Божјо. Христос бара од нас не само да веруваме, туку и да се надеваме на Него, не апстрактно и поврзано со некое мистично убедување, туку со јасност и цврстина во секој момент и на секое место, сеќавајќи се и знаејќи дека Тој најдобро знае што е најдобро за нас.

Автор: отец Јасен Шинев
Извор: bogonosci.bg
Превод : Симеон Стефковски

 

 Premin.165.166

 20ти февруари 2023 лето Господово