Angel.nagrobot.Gospodov

АРХАНГЕЛИТЕ ВО НАШЕТО СЕКОЈДНЕВИЕ

       HERUVImi

   Во врска со празникот на светите Архангели, да видиме како се однесуваат ангелите, како предстојат пред Бога и како се манифестираат пред луѓето. Ние, православните, ја ползуваме привилегијата преку богослужбените книги да ги познаваме житијата на светителите, како и догматската и духовната содржина на празниците; боголужбата во нашата Црква дејствително ги содржи во себе и небото и земјата. Така разбираме зошто луѓето кои немаат жива и непрекината врска со богослужбата честопати се фрустрирани и лишени од стремежот за живот. Општо земено, нивното постоење е исполнето со незначителни настани кои на крајот ја окупираат нивната свест и меморија. Нивниот животен хоризонт е ограничен затоа што немаат представа за духовните небесни реалности. За нас, монасите, секојдневното богослужение е извонреден благослов, бидејќи преку него секојдневно стапуваме во заедница со светителите, со Богородица и со Господ. Богослужбениот круг ги проширува нашите хоризонти и нè издигнува од земјата до небото.

HERUVImi2

           Првично, денешниот празник бил посветен на архангел Михаил, како што дознаваме од стихирите. Подоцна во службата бил вклучен и архангел Гавриил. Црквата последователно ги додавала останатите небесни сили за да го опфати целото нивно воинство.

HERUVImi4

           Сега да ја разгледаме службата на архистратизите Михаил и Гавриил. За Архангел Михаил, во првиот стих на „Господи воззвах “, се вели: „Ти стана најсветол слуга на Трисолнечното Божество“. Архангел Михаил е началник на небесните воинства; ја јавува силата на Господа, ги открива Неговите дела - особено настаните што се случуваат ненадејно - или Неговите разорителни дејства кон грешниците и противниците (на пример, во Содом и Гомор). Тој во миг ги поразува злосторниците, но исто така веднаш им помага на оние кои се во некоја животна тешкотија или паднале во некоја особено болна состојба. Затоа го нарекуваат „блескав и сострадален воин“.

           Придавката „блеска“ се поврзува како со светлината така и со радоста. Архангел Михаил не предизвикува страв кај луѓето, напротив - тој им носи радост. Блескав и радосен, тој предстои пред Бога и ни покажува дека тој што стои пред Него, било да е тоа човек или ангел, никогаш не смее да биде меланхоличен, тажен или потиснат. Штом човекот ја осознае божественоста, целиот негов живот, целото негово битие, лице и душа во миг се преобразуваат.

            Архангел Михаил стои пред Бога за да ги исполни заповедите на Создателот за сите и за се, т.е. да го претставува Бог пред луѓето и да им служи. Тој е оној кој се грижи за гладните, жедните, пропаднатите. Не е неопходно архангелот Михаил да ги собере ангелските чинови за во миг да се појави пред нас, зашто е доволен само еден знак од Бога.

ARHANGEL.Gavril

            Архангел Гавриил, како што се вели во стихирите „ Господи воззвах “, навистина ни ја открива божествената и голема тајна: Воплотувањето на Бог Словото. Тој ни ги открива тајните на царството Небесно и на Света Троица; ни го открива присуството на Христос во сите настани од Светото писмо и во секојдневниот живот. Кога Бог треба да го привлече нашето срце или да ни го издигне умот кон висините, Тој го користи архангелот Гавриил; архангел Гавриил во нас ги буди духовните стремежи.

           Во петтата и шестата стихира на Господи воззвах “, песнописецот му се обраќа на архангел Гавриил со зборовите: „молитвенику на душите наши“, бидејќи тој навистина е застапник за оној што го бара Бога. Потрагата по Бога се манифестира во чувството, довербата и искуството на општењето и учество во животот на Бога. За барем малку да го спознаеме Бога и да го љубиме, ни треба оваа божествена заедница, а во тоа ни помага архангел Гавриил, како што се пее во четвртата стихира: „Предвечниот ум те создаде како втора светлина, Гаврииле, за да ја просветлиш целата вселена со таинството на божествените дарови.’’

          Двата архистратизи - Михаил и Гавриил („Гавриил“ значи маж - Бог) - доминираат во денешниот празник, во која учествуваат и останатите небесни сили.

 HERUVImi1

Извадок од проповедта одржана во манастирот Симонопетра, Света Гора, на 8 ноември 1986 година.

HERUVImi3

Автор: архим. Емилијан Симонопетриски

Извор: „Prairie spirituelle“/ богоносци.бг

Превод: Симеон Стефковски

 

Друго:

Тропар,глас 4.

Архистратизи на небесните воинства, ние недостојните постојано ве молиме: секогаш, со вашите молитви заштитете не под кровот на крилјата на вашата  слава невештествена, пазејќи не нас кои прилежно пред вас се поклонуваме, и кои викаме:
Од неволи избавете не, како началници на вишните  сили!

     vozdvizenie.jpg