No description available.

КЛЕЧЕЈЌИ ПРЕД НЕГОВАТА ИКОНА

Колку и да си повреден, решението не е да ги повредуваш другите за да се чувствуваш подобро.
Можеби си повреден, но не дозволувај твојата рана да стане возбуда и гнев, неспокојство и злоба кон другите; особено кон луѓето кои со ништо не се виновни.
         Подобро да извикаш кон Бога отколку кон другите. Затоа што Бог ги трпи нашите  возбуди и негодувања, затоа што нè љуби длабоко и неизмерно и ги гледа нашите рани. Меѓутоа, другата личност можеби нема ниту трпение, ниту духовна состојба ниту љубов, за да го истрпи нашето однесување и на тој начин нанесуваме голема штета на взаемниот однос.
Ова е безумието што го правиме кога велиме: „Ако не избувнам пред моите, пред кого ќе избувнам?“. Но, ова е трагична грешка. Да не ги претвораме нашите најблиски во вреќи за бокс. Тие не се виновни за ништо. Зашто едно е да ја споделиш својата болка, тага, искушение со твојот човек, а друго е да се лутиш и да викаш затоа што ти се случило нешто што нема никаква врска со другата личност или некоја ситуација со која твојот човек нема ниту врска ниту може да ја поправи.
         Падни на колена и кажи му сè на Бога. Заплачи и извикај. Кажи го твоето незадоволство, роптај, избувни. И ова ти го кажувам зашто, колку и нешта да кажеш, што и да му кажеш на Бога, е ништожно и се губи пред Неговата бескрајна прегратка.
          Откако ќе избувнеш, откако ќе му „кажеш сè“ на Бога, тогаш замолчи. Молчи за да го слушнеш Бога. Замолчи за да ја почувствуваш Неговата утеха. Замолчи за да ти ја олесни болката со Неговиот допир. Молитвата може да дејствува толку благотворно  врз нашите животи што ако ја знаевме големината на нејзината добродетелност,ќе сакавме да ја направиме главна активност во нашиот живот. Но, за жал, го игнорираме нејзиното благотворно влијание во нашиот секојдневен живот пред “малите и големите прашања” од животот.

No description available.     

         Страшно е колку Бог нè слуша.Можеби нè го услишува сè она што го бараме од Него, но сепак Тој не  слуша. И добро е што нè го услишува, бидејќи многу работи што ги сакаме не се за нашето Вечно добро. Но, да размислиме: дали го слушаме Бога во нашата молитва? Тој нè слуша. Дали ние го слушаме Него? Молчиме ли за да го слушнеме Неговиот одговор или мораме толку многу да зборуваме надворешно и внатрешно што Божјиот глас се гуши во нас? Како и да е, секогаш запомнете дека имате Некој Кој ќе ве чуе, Кој нема да се одврати од вас дури и кога зборувате со возбуда и непочитување, дури и кога зборувате со раздразнетост и гнев.
          Секогаш запомни дека постои Некој Кој ќе ја ислуша твојата болка, дека можеш да избувнеш пред Него и Тој ќе одговори со прифаќање и прегратка, со простување и љубов. Оттука, од тебе зависи дали сакаш да го чуеш. Но, јас ти велам, добро е да го слушнеш. Да го исслушаш и да го слушнеш што ќе ти каже, што ти кажува срцето твое; ќе биде за твое добро, ќе биде лек за твојата рана, ќе биде залог за твојата борба.И тогаш, верувај ми, твојата солза нема да биде залудна. Ќе стане храна за да станеш посилен, помудар. Затоа што овие твои солзи нема да паѓаат на земјата бесцелно, туку ќе ти го напојуваат срцето со утеха и прифаќање; зашто тие ќе бидат солзи кои претрпеле „прочистување“ со Неговиот допир, со Неговата благодат, со Неговиот вечен повик, со Неговото вечно прифаќање, кое си го вкусил некаде таму во неспокојот, во плачот, во гневот... клечејќи пред Неговата икона.

TViTer385


Автор - архим. Павел Пападопулос
Извор - bogonosci.bg


За Преминпортал – Симеон Стефковски