TViTer184

           Времето пред Пасха што таинствено ни доаѓа во пресрет раѓа, или барем треба да роди посебни чувства во нас.
Најубавата и најсвечената химнографија на овој период, многуте литургиски средби и долгиот пост не повикуваат да се вратиме на себе си. Да останеме во себе, да ги видиме своите слабости, непристрасно да се оцениме во правец на искрено покајание.
Многу луѓе не сакаат да го сфатат значењето на овие денови, продолжувајќи го својот испразен живот. Иако велат дека веќе се замориле од него, не прават ни чекор напред кон суштинска промена.
Држат строги диети, но не постат.
          Одат на психијатри, и со часови седат пред телевизиските екрани, но не одат на исповед, ниту посетуваат служби.
Луѓето денес не сакаат да даваат, туку само да земаат, без мака или лична жртва. Се плашиме да си погледнеме во очи. Систематски го избегнуваме тоа, правејќи си немир во душите.
Великиот пост стои исправен пред нас, како небаре рентген, како фото камера, како некое огледало. Некако ни буди одбојност, бидејќи ни ја открива нашата внатрешна скриена реалност.
          Денешниот потрошувачки дух, дух на комфор и гордост од човекот прават заробеник на многу непотребни нешта што го исполниле неговиот живот. Великиот пост е прекин во оваа здодевна рутина и пат кон преобразба. Молитвата што стотици пати се кажува на богослужбите во текот на целиот овој период, напишана од Св. Ефрем Сирин, нѐ повикува да ја напуштиме мрзливоста, празното љубопитство, желбата за моќ и празнословието и да стекнеме мудрост, смирение, трпение и љубов. Оваа прекрасна и толку длабока молитва завршува со прозба кон Бога: „Дај ми да си ги видам гревовите и да не го осудувам мојот брат“. Тоа значи да го напуштиме претераното анализирање и строгото и постојано судење на другите, а да се свртиме кон себе си, поправајќи ги сопствените прегрешенија.
          Великиот пост бара да се насочиме кон себе си и да се погрижиме за лекување на нашите сопствени духовни болести, кои ги помрачуваат нашите умови и животите ни ги прават тешки и горки.
          Ако го достигнеме ова самопознание и покајание, Великиот пост нема да ни биде време мрачно и тешко, или едноставно време за исполнување на нашите „морални должности“, туку дадена можност да ги омекнеме своите скаменети срца, што ќе нѐ приведе кон љубов за другите луѓе и непоколеблива љубов кон Бога.
          Преголемото размислување за тешкото време во кое живееме, настојува да нѐ држи подалеку од сѐ што е мистично, аскетско, свето, таинствено, надразумно и натприродно.  Плодовите од оваа состојба веќе се видливи. Насекаде владее меланхолија и очај, засегајќи многу луѓе. Време е да погледнеме од длабочината на нашите срца и сфатиме дека сме се отуѓиле, оддалечиле и дојде мигот да се вратиме во прегратките на Распнатата Љубов.
          Често во Великиот пост сме исправени пред искушенија, неволи, немири и порази. Овие се тука да нѐ созреат, да ни помогнат да стекнеме рамнотежа и детска простодушност. Не треба да забораваме дека животот на христијанинот е живот на распетие. Без распетие нема да видиме воскресение.
          Великиот пост е едно прекрасно и за духовна подготовка погодно време, полумрачен ходник кој нѐ води до одајата што блеска од светлина. Темелот на ова подготвително  време е молитвата и постот. Но молитвата и постот без смирението и љубовта не раѓаат плод. Само со нив постот и молитвата го победуваат нашиот егоизам.
Ајде да не ја изгубиме оваа можност што уште еднаш ни се нуди од Великиот пост, додека полека му пристапуваме на овој таинствен пат. Во Црквата сите наши маки наоѓаат лек. После студената зима доаѓа пролет. По Триодот следи Педесетница. Облаците не се трајни, но после нив сонцето блеска уште посилно. А сега, како што вели прекрасниот тропар, „дојде време за покајание и час за молитва“.


Монах Мојсеј Светогорец

 

Април 2022 лето Господово


 
Избор од фб на Православие.Мк †