3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Ти си она што сè уште не си станал

Во Црквата велиме дека „Секој светител има минато и секој грешник има иднина“. Но, што значи овој израз од теолошки аспект? Вистина е дека според учењето на Црквата, не постои човек кој не учествува во падот и гревот. Сите грешиме. Нашата природа не е совршена и мораме да го прифатиме тоа. Може да бидеме совршени во Христа, но тоа ќе се случи целосно во есхатонот, на крајот од времето. Во оваа фаза од животот, ние се мачиме, страдаме, грешиме и умираме во исчекување на Воскресението. За отците на Црквата, парадоксот не е во гревот, туку во непокајанието.


Или уште полошо - недостатокот од себеспознание и смирение. Страшното не е во тоа што грешиме, туку што мавтаме со прстот кон другите, говорејќи за етика, им судиме на нивните животи. Ова е предизвикување на Божјата долготрпеливост.
Сите сме направиле погрешни потези во нашите животи, згрешивме и паднавме.,станавме и одново се надевавме,повредивме и  нè повредија. Секој што вели дека бил само повредуван, едноставно лаже. Невозможно е да живееш, да постоиш и да не правиш грешки, намерно или ненамерно да повредиш човек, суштество, природата. Но, ова не го исцрпува човекот. Затоа што човекот не е само неговите грешки или гревови. Тој не е само темнина, туку и светлина, харизма и можности.
Ниту еден човек не може да се протолкува или суди само според неговите постапки. Затоа што многупати копнееме по оние работи кои не успеваме да ги направиме. Душата е подлабока од нејзините достигнувања. Колку добро вели Достоевски: „Бог ќе им суди на копнежите на нашите срца“. Зошто? Затоа што секогаш она што го чувствуваме е посилно или поголемо од она што на крај успеавме да го кажеме или направиме.
Човекот не е ограничен на она што го прави. Тој е нешто подлабоко и невидливо. Човекот е таинство за отците на црквата. Не можете лесно да го дефинирате, да го обожувате или да го осудите. Вчерашниот ден не го предодредува утрешниот ден. Она што не успеавте да го направите денес може да биде одлично направено утре, а она што не сте успеале да го направите вчера може да стане реалност утре.
Затоа,големо значење има во овој израз: „ Секој светител има минато и секој грешник има иднина...“ За светиите на Црквата човекот не е неговото минато, туку неговата иднина. Не она што е, туку она што ќе стане... Не она што не успеал да го направи, туку она што сè уште не знае дека може да го направи.


Митрополитот Пергамски Јован вели: „Никој не е тоа што е, туку она што ќе биде“ во последниот ден“... Ниту еден суд за нашиот брат не треба да биде онтолошки. Сите се потенцијални светители. Покајанието и простувањето што ги дава Црквата се незамисливи без есхатолошката онтологија, односно без да се дозволи иднината, есхатологијата, да го ослободи човекот од неговото минато“.


Автор: о. Харалампиј Пападопулос
Превод: Симеон Стефковски


Извор : zadrugata.com

16ти јануари 2022 лето Господово