свештеник Пјотр Здрилјук

СИМНУВАЊЕТО НА УМОТ ВО СРЦЕТО

devojka.molitva.jpgДа се избави човек од грев е мошне просто – доаѓа на исповед, му ги кажува на свештеникот своите гревови и со самото тоа се враќа во состојба во која бил по крштевањето. Но, пред исповедта треба да се случи покајанието; треба да се спознае гревот во себе, да се најде неговиот корен, и сето тоа да се формулира на исповедта пред свештеникот. Добро е ако свешеникот е опитен, ако одамна ве познава и ако ви помогне да се снајдете во сето тоа. А ако не е таков случајот? Или, ако вие самите не знаете што сакате? (Се исповедате без покајание?)

Во следниов евангелски текст можеме да видиме како Господ го одлага наглото искоренување на израстоците на живата душа, којашто надворешно може да е грешна, но која во иднина ќе даде добар плод:
„Господаре, нели добро семе посеа на нивата своја?  Од каде, пак, сега овој какол во неа? А он им рече: Човек непријател го направи тоа. Слугите, пак, му рекоа: Сакаш ли да одиме и да го исплевиме? Но, тој им рече: Не, да неби, корнејќи го каколот, да искорнете заедно со него и житото; оставете нека расте и едното и другото заедно, до жетвата“ (Матеј 13:27-30).

Но, ние нема да ја чекаме жетвата и да ја повториме грешката на судијата на Израилот Илиј, којшто, кога го слушнал Божјото претскажување за неговата погибел и на неговите два сина, не се покајал туку рекол: „Он е Господ; што Му е угодно, тоа и нека направи.“ (1 Царства 3:18). Така зборуваат мрзливите и безволните, а ние ќе имамем на ум дека на Бога Му е угодно да се покаеме и да влеземе во вистината. Исповедта претставува едно од најважните чуда во Христовата Црква, при која, под дејство на Светиот Дух, се одвива таинствена преобразба на човековата душа.

Но привидната, на прв поглед, едноставност на покајанието, со тек на време може да се претвори во неостварлива желба, ако кон него се однесуваме формално. На пример, кај некои луѓе спознавањето на фактот дека умот и срцето се во наша надлежност, води до лекомислен став дека нив можат да ги очистат со сопствени сили, без Бога. Но бидејќи гревот претставува непријателство против Бога, а светоста – припаѓање кон Бога, за време на исправањето треба, пред сè, да постои движење кон Бога. Ако не постои помирување со Бога, туку само желба да се направи нешто без Него, тогаш една лоша навика се заменува со друга, уште посуптилна. „Без Мене не можете да направите ништо“ (Јован 15:5).


За да се оствари помирувањето, треба да се очисти умот и срцето! Но, додека умот може лесно да се промени, природата на срцето е статична и не трпи брзи промени. Затоа на грешникот му е исто толку тешко да се покае, колку што на светиот му е тешко да греши.

Простите и јасни гревови лесно се исправаат со усилба на волјата. Но притоа е потребно да се има на ум дека, откажувајќи се од некој грев, треба да му се спротиставуваш целиот свој живот. Војник што има оружје се смета за воин, а кога е без оружје или ги заборавил воените вештини, повторно станува цел за непријателот, и тоа во уште поголем степен. Ако по покајанието христијанинот престанал да пуши или да пие алкохол, и притоа чувствува задоволство, тоа е разбирливо, зашто победата над злото претставува радост; по постигнатата победа борбата со гревот станува полесна и необременета. Но, таквиот човек не смее да си мисли дека може да живее безгрижнно, како никогаш да немал лоши навики.

Радоста на победата над злото треба да ја оформи силата на идниот воин, зашто од почетник се раѓа херој. Најважно е човек да не се приврзува кон гревовните задоволства, и тогаш ќе се отвори нов свет на повозвишени блаженства, За успешно очистување на срцето, христијанинот мора за сето време да сака нешто повеќе, да бара подлабоки промени. 


Спуштањето на умот во срцето е мошне опасна работа и бара деликатен пристап. За ова да биде појасно, ќе наведеме пример. При воспитувањето на дете, покажуваме такт, разбирање, и се грижиме да не даваме заповеди коишто детето не може да ги исполни. Во спротивно, неминовно избива конфликт, нужни се поголеми отстапки, а детето може целосно да ја изгуби довербата.  

Затоа важна задача на умствената активност претставува умеењето човекот што е можно порано да се научи со умот да ги набљудува желбите на своето срце, за поривите на нашето срце да можат да растат во потчинета, разумна средина. Тогаш желбите ја добиваат потребната форма, зашто растат во нашиот ум. Ако, пак, умот се држи далеку од нашето срце, тогаш срцето вели „сакам“, а умот „не може“, и како резултат на тоа доаѓа до расправија или, како  што се вели, страст. Не треба да се мешаат поимите страст и чувство. Чувствата се природни квалитети на човекот, и бесчувствените луѓе биваат осудени исто како и развратните, и ако човекот нема чувства тука, на земјата, тој ни Бога не може да го сака. Но ако умот е груб, нему не му е местото во срцето, зашто го парализира внатрешниот живот на душата.  

Умот, по својата природа, е бесчувствителен, како нож, со кој можеме и да сечеме леб, но и да убиеме човек. Сè зависи од тоа во чии раце се наоѓа оружјето. Затоа на умот не му пречи да се занимава со сè што ќе сретне наоколу и, следствено, тој лесно ја остварува одбрамбената функција. Умот само треба да се вооружи со православно вероучење, за да не греши и да може безопасно да ја пројави својата сила.  

Но ако расправијата меѓу умот и срцето трае премногу долго, не бидете премногу бездушни, зашто срцето ви припаѓа вам, и вие од него не можете да избегате. Обидете се да разберете зошто, имено, вашето срце се однесува така. Можеби во тоа што вам ви изгледа лошо, има и нешто добро, и тоа ќе ве поврзе. За успешна борба постои едно мошне добро средство: сите многу добро знаат дека никој сам себеси не си посакува зло. Затоа, ако умот е во состојба да се снајде во создадениот проблем, работата практично е завршена. Останува само човекот да не заборава да мисли за својата полза, и здравата смисла ќе победи.

Желбите што се раѓаат во срцето, во својот зародиш, сами по себе може и да не се разликуваат како добри и лоши. Кај светите отци постои термин „желбена сила на душата“. Често тоа е обично движење на живата душа, желбата човек да се реализира, да се пројави. Ние го правиме она што го знаеме, затоа ограничените луѓе грешат примитивно, а талентираните  префинето. И ако нашиот ум не расудува како што треба, ако не е далекувид, сатаната ја презема иницијативата во свои раце и ни нафрла идеи коишто ние ги прифаќаме како наши лични, сè до идејата за самоубиство.


Но, се поставува прашањето, каде се наоѓа нашето сознание? Тоа се наоѓа во безделничење, безгрижност, и ја препушта душата на самоволие и на разграбување од страна на паднатите ангели. Кога ќе настапи опасност, односно кога ќе настапи сегашната состојба на неволја, тогаш е веќе доцна, зашто од срцето веќе израснало дрво со длабоки корени и со навики коишто ја сочинуваат основата на животот на грешникот.

Треба да се предупредат претерано „ревносните“ подвижници, коишто ги забрзуваат настаните и сакаат со еден потез да го исчистат своето срце. Секако, ние треба веднаш да се откажеме од секој грев и да не оставаме можност ни за најмал компромис ако тоа се однесува на Бога и на Неговите свети заповеди, но тие заповеди треба уште да ги исполниме во нашиот реален световен живот – и тука стапува на сила љубовта.

Љубовта е над секој закон. И таа љубов, којашто подвижникот сака да ја создаде кај ближниот, според Христовата заповед, дотолку повеќе мора самиот да ја има во својата душа. Ако човек не се грижи за своето спасение, ако тој самиот не си сака добро, тогаш ни на другиот нема да му посакува добро. Тука не мислиме на себељубие, зашто тоа е егоизам. Тука ние говориме за тоа да „на другиот му го посакуваме тоа што и самите си го посакуваме“. За жал, голем број подвижници, дури и од редовите на монаштвото, со таков жар се борат со внатрешните пороци (без духовни раководители), што само ја влошуваат својата духовна состојба, стануваат зли, раздразливи, и ако порано се карале заради редиците во продавниците, сега во црквата се расправаат заради некоја икона или заради „Господи, помилуј“. Луѓе со чувство на хумор во такви ситуации велат: „Навистина, ангелите на небото ви се смеат, зашто се расправате заради некакви правила.“ Правилата не се поставени за да се расправаме заради нив, туку за помирување. А ти во својата келија моли се колку што сакаш. Насилието на умот над срцето е еднакво на тепањето жена од страна на нејзиниот маж. За каква љубов може тука да се зборува? 

Главна работа е во тоа умот да се однесува долично, и на срцето нема да му биде срам да ги обелодени пред него своите желби. Тогаш умот согледува, оценува и размислува што да преземе. Пред сè, согледувајќи ги гревовните наклонетости, го молиме Бога да го промени нашето срце. Кај светите отци тоа се опишува како постојан плач заради гревовите. Тој плач се извршува под дејство на Светиот Дух, и трае различно. За време на плачот умот ја открива внатрешноста на срцето и ја оплакува грешната душа. Бог ја продолжува таа состојба на плач онолку долго, колку што е потребно за да не останат никакви сомневања или колебања, и жалењето поради гревот да стане поголемо од желбата да се греши. За да подвижникот, кога ќе се најде во рајот, не почне да зборува дека на сила го одвеле таму. Но тоа е толку индивидуално, што не можат да се прават никакви прогнози. Кај некои многу искрени и смели души може да настапи целосно ослободување од гревот веднаш, без плач и жалење; кај другите жалењето прима облик на борба меѓу ѓаволот, кој одамна се населил во душата и се зацврстил таму преку гревовните навики, и Христос, Кого што штотуку сме Го внеле во срцето. Голем број лекари психијатри говорат за вродени негативни црти на карактерот, тврдејќи дека тие не можат да се променат. Тоа е чиста хула на Бога, Кој како да направил нешто лошо. Очигледно е дека психијатар којшто не е верник го поистоветува карактерот со страстите, кон кои терба едноставно да се прилагодиме.   

Да не заборавиме дека сме во седмиот ден од создавањето. Бог ја создава бесмртната душа на секој човек, но формирањето на срцето се одвива со активно учество на волјата на самиот човек. Образот Божји го добиваме од Самиот Бог, заедно со постоењето, а подобието сме должни да го стекнеме сами, добивајќи ја од Бога само можноста.

Подготви: д-р Драган Михајловиќ

Посети: {moshits}