Од разгледувањето на текстовите може да се види дека работите се поинакви од она на кое што сме навикнати во науката. Но јас ќе продолжам и ќе ви наведам и неколку научни примери. И во науката не е сѐ рационално и логично објаснето. Оние од вас кои имаат научна позадина добро го знаат ова. Има неколку принципи кои нашиот ум, нашите чувства ги разбираат на многу едноставен начин. На пример, да го земеме принципот за континуитет. Но се појавува една друга теорија што го нарушува принципот на континуитет, оваа се нарекува теоријата на кванти. Што значи квантум? Имаме појава на нуклеус и електрон кој, стимулиран, се префрла од една во друга орбита без да се појавува во орбитата. Во овој случај, немаме континуитет, нема апсолутност, туку релативитет. Нема сигурност туку неодреденост. Живееме во материјален свет и не можеме целосно да разбереме сѐ. Тоа ги надминува нашите интелектуални сили. Неизмерно голем е светот а ние сме толку мали. Некои го поставуваат прашањето, дали постојат вонземјани? И што ако постојат? Најлошото не е дали постојат или не, бидејќи дури и да постојат, не можеме да комуницираме со нив. Во овој огромен универзум, може и да постојат. Но дури и да претпоставиме дека нивниот животен век се совпаѓа со постоењето на човештвото на нашата планета и дури и да го разбираат нашиот јазик и да посакаат да ни пратат порака за „добро утро“ со цел да допрат до нас, потербни се, во најдобар случај, стотици години пораката да стигне до нас. И дури и да претпоставиме дека ќе ја разбереме пораката, за да ние им одговориме „добра вечер“, ќе бидат потребни уште 400 години. Се чини дека самата комуникација во универзумот е неповолна за интелигентниот живот. Не е разбирливо зошто ние, во суштина толку мали битија, живееме во ваков незамисливо огромен свет. Ние не можеме да го исполниме. Свесни сме дека постои но не можеме да комуницираме со него.

На сличен начин, се случи и целата онаа врева околу геномот. Ја отвораме книгата, но не можеме да го разбереме нејзиниот јазик. И не можеме да разбереме сѐ, иако мислиме дека можеме да објасниме сѐ, па сѐ обидуваме да дадеме интерпретација на секој можен начин. За жал, среде сета таа мешаница, ја губиме шансата да развиеме една малку поинаква логика.


Ајде да преминеме на вториот дел од нашиот разговор. Како можеме да ја сфатиме другата логика, односно логиката на Евангелието? Христос доаѓа и го започнува Неговото поучување. Во суштина, она што најјасно ја покажува другата логика, логиката на Евангелието, е петтата глава на Евангелието според Матеј. Започнува со беседата на гората, и што се вели во неа? Во почетокот се Блаженствата и потоа се прави споредба помеѓу толкувањата и законите на Стариот и Новиот Завет, што самиот Исус Христос, му го предаде на овој свет.

Така Он започнува: „Блажени се бедните по дух, зошто нивно е Царството небесно.“  Еве на што современиот рационален свет би можел да се потсмева… Блажени се „неугледните“. Но оваа фраза „бедните по дух“ значи нешто друго – значи скромните, смирените. Блажени се скромните, оние кои се скрушени. Ова не е лесно прифатливо, ни во современата секуларна логика, ни во природната логика. Блажен е оној кој е смирен, оној кој е попустлив, оној кој простува, оној кој не смета дека е центар на светот. „Блажени се бедните по дух, зошто нивно е Царството небесно.“ Потоа следува „Блажени се оние што плачат“, „Блажени се оние кои гладуваат и жедуваат за правда“, „Блажени се чистите по срце“… Во ред, ова последното е разбирливо, но оние кои се гладни, жедни, кои попуштаат, како може и тие да се блажени? Оние кои плачат (секако не се мисли на световното тагување), тие се исто така блажени. „Блажени се милостивите, зошто тие ќе бидат помилувани.“ „Блажени се гонетите заради правда…“ „Блажени сте вие кога ќе ве навредуваат и гонат.“ Блажени се оние кои се гонети, презрени, отфрлени од светот. И што потоа? Вели „Радувајте се“ – значи овие луѓе треба да се среќни и да се радуваат, дури и оние кои имаат искушенија. Во Посланието на Апостол Јаков се вели „Радувајте се, Христијани, кога ќе паднете во разни искушенија…“ (Јаков 1:2-4) Треба да бидете среќни кога сте опкружени со искушенија.



Што значи ова? Дека мораме вистински да го сфатиме, нашата душа мора да го прифати, нашето внатрешно битие мора да го открие ова, за да може да се зарадува на ваквите настани кои изгледаат како искушенија на почетокот. Во исто време пак, во Господовата молитва велиме „не воведувај нѐ во искушенија“. Како да велиме „Боже мој, не ми допуштај искушенија“, но ако е потребно да дојдат, тогаш настапува оваа поука од Евангелието во која се вели „Радувајте се“. Бидете среќни за време на искушенијата. Оваа фраза „блажени се“…се појавува и на многу други места. Понекогаш преку неа ни се претставува нешто друго, „поголем благослов е да се дава отколку да се зема“. Поголемо и подобро нешто е да се дава отколку да се прима. Во светот во кој сите сакаат да земаат, ова станало наше природно настроение и наше право. Многу работи се засновани на овој стих. Целата мисија на црквата се потврдува на ваков начин. Колку повеќе некој раздава, толку повеќе стекнува, како што Свети Јован Златоуст вели „со давање, се добива, со ширење се разбира“.

(Продолжува…)

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/v/

 

Друго:

Митрополит Николај Месогејски: Како да влеземе во Божјата логика – I дел

Митрополит Николај Месогејски: Таму каде се гледа Бог (втор дел)

Митрополит Николај Месогејски: Како да влеземе во Божјата логика – III дел

Митрополит Николај Месогејски: Како да влеземе во Божјата логика – IV дел