38.machenici1

Црквата е победа над смртта и пат кон Вечноста

Секоја идеја или дело, колку и да се свети, колку и да се благородни, како што се љубовта кон татковината, социјалната помош или зачувувањето на традициите и обичаите, доколку не ги надминат границите на овоземниот живот, се собитија што му отежнуваат на човекот да ја достигне Вечноста.Тоа се моменти на една историчност, која, сепак, останува затворена во времето и просторот без перспектива за нетление и спасение, односно за полнота.
Нема поголема изопаченост - секуларизација на Црквата од тоа, да се дефинираат нејзиното слово и принос во рамките на распадливиот свет и таа да се претвори во патерица на психолошките, материјалните и емоционалните потреби на човекот.
Нашата голема грешка е што ја доближуваме Црквата како систем на магични вредности, идеи и дела што ќе ни овозможат да се чувствуваме добро, да ги решаваме нашите проблеми, да ги постигнуваме нашите земни цели. Но, тоа не претставува Црквата. Црквата значи победа над смртта, можност за Вечноста, надминување на границите, какви и да се тие, со еден збор - Христос.
Ние не сакаме да го разбереме тоа што ни го дава Црквата и што претставува самата Црква. Сè додека живееме во нејзините пазуви, остануваме заробеници на мимолетноста на овој живот, на нашите копнежи и страсти. Се самоуспокојуваме, барајќи дел од „сегашноста“, одбивајќи да се сретнеме очи во очи со вечното и нетленото. И така, „нашиот црковен живот“ е потопен во духовниот нарцизам, кој уште повеќе не затвора во идејата за нашиот самоидол.
Повеќето христијани се обидуваат да бидат „исправни“ во однос на формите и правилата, исполнувајќи го со вина секој оној што не успеал да го запази овој „црковен систем на живеење“. Систем кој на крајот, наместо да го оживотвори  човекот, го расипува, разединува, осакатува, бидејќи ја исклучил од себеси потрагата по Бога. Постои правило, но не и благодат. Постои религиозност, но не и врска со Бога, има напор да се постигне „совршенство“, но не и светост. Комбинацијата помеѓу двете, т.е. помеѓу примената на правилата и Благодатта на Утешителот е начинот на кој човекот може да го направи овој скок од временото кон вечното.
Многупати остануваме во надворешните  форми затоа што е полесно да ја исцрпиме нашата духовна вознемиреност при достигнувањето на  морални и хуманистички обрасци на живот, внесувајќи во нас чувство на самозадоволство дека сме постигнале нешто. Нашата болест, нашиот длабок грев е што ја забораваме Вечноста и поради тоа се обидуваме да ја претвориме Црквата во нешто земно, во организација на побожни луѓе, во системи и критериуми на земен успех, во заедница на добри луѓе. Но, тоа не е Црквата.
Ние мора да разбереме дека Црквата не постои како предлог „за добар живот и добра смрт“, туку како живот кој во својот центар го има Христос. Црквата доаѓа и ги осиромашува нашите животи. Таа го зема човекот и го крсти во Божјата благодат, што значи дека го преобразува. Човекот се охристовува. Тоа се случува кога човекот ќе се поврзе со Христос, кога ќе го соблече својот грев, кога ќе се одрече од своите добродетели. Спасението не е нашиот подвиг, туку е дар Божји. Ако треба да сториме нешто, тоа е да престанеме да веруваме во нашето јас - ќе - тоа е она кон кое се стреми нашате аскеза, тоа треба да биде целта на нашиот подвиг.
Ако не сфатиме дека Христос е неспоредливо супериорен во однос на нашиот земен живот, ќе продолжиме да блудничиме во бледата Вечност што ја очекуваме додека ни се дава можност да ја оскверниме нашата „сегашност“, предавајќи го нашето  его на покајанието.
Исто како што при Светата Причест  ги примаме Телото и Крвта Христова, а не лебот и виното, така и целиот наш живот станува Божествена Кинонија, Света Литургија во која свештенодејствува целиот наш живот; секојдневието ни станува постојано прифаќање на Благодатта, а нашата духовна борба се одвива како постојан здив на самоодрекување. Повеќе не му приоѓам на Бога интелектуално, схоластички, па дури и теолошки, туку со учество во Црквата, станувајќи самиот Црква, градејќи го во Црквата  односот  со другите и со  Бог „да бидат сите едно“.
Сè друго што е надвор од оваа состојба, станува загуба на животот и сојуз со смртта.

38.machenici1

Архим. Павел Пападопулос


Извор: pavelpapadopulos.wordpress.com

38.machenici1
За Преминпортал:  Симеон Стефковски