ПЛОДОВИТЕ НА ДУХОВНАТА ТАГА

архим.Варнава Јанку


3.angeli.so.truba

Ние,како ранливи луѓе, секојдневно поднесуваме промени и падови. Од секоја непријатна ситуација,во нас спонтано се раѓа едно „Зошто?“. Мислиме дека Бог ни испраќа непријатни настани во нашите животи. Тогаш нашата логика се издига и негодува. Сепак, Бог не е причина за злото, тој едноставно го толерира затоа што ја почитува нашата слобода и не ни го одзема дарот дури и кога  го користиме за самоуништување. Но, оној што ги претворил зборовите „да биде волјата твоја“ во начин на живот и му ја предал својата волја на Бога, останува смирен и не се гневи, без оглед на тоа што се случува во неговиот живот и секојдневие. Тој остава се во рацете на Бога како новороденче и ја живее Божјата благодат како трајно опитно искуство.

3.angeli.so.truba
Често се случува едно " Зошто?", во крајна линија да се покаже благотворно,да стане причина за нашето насочување кон Бога и нашето исцеление.
Секое гневно „Зошто?“ што доаѓа од нашето срце е симптом на некаква духовна или душевна болест, принудувајќи нè да бараме лекување и излез. Во овие исклучителни моменти од нашите животи, ние или понизно и доверливо ќе ја прифатиме добрата волја на Бога, или ќе ги подигнеме несовладливите sидови на нашиот егоизам за смртоносно и заглушувачки да го затвориме нашето битие во нив. Само патот на Христовото смирение може да ни ја отвори вратата, што ќе не одведе до Божјата татковска прегратка и кон целосното „Да“ на нашето срце.


Оваа желба за враќање кон Бога е суштината на покајанието. Таа е плод на духовна тага за изгубениот Рај. Тоа е одлуката да му  кажеме на Бога: „Да биде благословено !“ за сите собитија во нашите животи и да се предадеме на Неговата волја. Тогаш доаѓа Божествената утеха и нè исполнува со надеж и спокој. Ја доживуваме победата над смртта, како  искуство на воскресението - воскресението на животот. Стануваме сведоци на надежта и можноста за живот што излегува од тагата и распаѓањето, радост што извира од смртта. Оваа блажена состојба не е предмет на психолошко толкување, не е предмет на психоаналитичко испитување. Тоа е дар на Духот  Божји дар за смирениот човек кој го признава својот Творец и му се предава. Преку нашата лична смрт, Бог доаѓа и дејствува. И тоа нè ослободува. Целото наше битие е просветлено од љубовта кон Бога, од Неговата благодат и присуство. Доживуваме чувство на бесмртен живот затоа што го најдовме нашиот единствен вечен придружник Христос.


На тој што се здобил со смирение, вели Ава Исаија, Бог му ги открива  гревовите за да ги спознае; ако во него се  развие и  тагата, тогаш тој ги исфрла страстите од својата душа што го мачеле и се храни со доблестите. " Смиреномудар е оној кој признава дека е “беден” и го отфрла животот на лажна радост и суета. Тој се фокусира на гревот на сопственото срце и не гледа надвор од него. Тогаш Бог му дава дар да ги осознае сопствените  гревови, затоа што  човекот сам по себе не може да се покае. Само Бог може да го научи на тоа што е грев и што е покајание. Свесноста за сопствените гревови и тагата поради тоа предизвикуваат ослободување од страстите и гревовните навики. Ова е почеток на патот кон очистување на умот и срцето “.

3.angeli.so.truba1

Покајанието не е признание за нашата состојба преку  сожалување, туку покајание со солзи, затоа што осознав дека не сум толку свет колку што мислам дека сум и затоа што ја изгубив добрата мисла што ја имам за себеси. Да се покајам за своите гревови значи дека сето мое добро е само Бог. И додека жалам за загубата на Бога, се радувам на Неговата љубов и милост. Мешавина од радост и тага, „неслеана и неразделна“. Оваа радосна тага е нежен и чувствителен цвет што се одгледува само таму каде што постои плодоносна почва на духовното сиромаштво. Тоа е бесконечно патување преку крстот до воскресението. Ова е пораката на Христос, ова е пораката на Неговата Црква.


„Почетокот на тагата“, пишува Свети Григориј Палама, „наликува на враќањето на блудниот син, и затоа го обзема ожалостениот човек, го исполнува со униние и го тера да каже: "ќе станам и ќе отидам при татка си и ќе му речам: »Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници«.“(Лука 15: 18-19). Но, крајот на тагата е како средба и прегратка на Бога Отецот, кога блудникот ќе се сретне со богатството на Неговата неопислива милост и ќе ужива во неописливата радост и големо дерзновение. Таткото го целива синот и синот Таткото. Прегрнати на овој начин, тие влегуваат во куќата на Таткото и се насладуваат  на заедничката трпеза. Заедно со храната, синот се радува и на небесната радост. И ние, откако ја стекнавме блажената сиромаштија на духот, да припаднеме и заплачеме пред Господа, нашиот Бог, за да ги избрише нашите претходни гревови и да нѐ направи неподвижни кон гревот, нека дојде Утешителот и нека се всели во нас, и Кој ќе нè исполни со Својата утеха. ”(Писмо до монахињата Ксенија).

3.angeli.so.truba

За да ја развиеме оваа блажена и радосна тага, потребен ни е внатрешен мир, мир на умот и срцето од илјадници помисли, духовен подвиг и негување на нашето битие. Болката која доброволно ја поднесуваме не е производ на присилно барање на психолошки решенија или на нашата решеност да не грешиме од страв или потреба. Тоа е доброволен и искрен исход на нашата волја. Тоа е најсилниот израз на нашата љубов кон Бога. Тоа е израз на нашиот копнеж за обожение. Тоа е патот кон слободата и вистинскиот мир.

Плачот е како болката при раѓање што го раѓа нашето спасение. „Кога се намножуваа тешкотиите и во срцето мое, Твоите утехи ја развеселуваа душата моја". (Псал. 93:19). Додека плачам и жалам за својата состојба, во исто време целото мое битие трепери пред Божјата љубов и присуство. Средбата со Него предизвикува во мене длабоко треперење,кое раѓа неизмерно серадосно ликување.
Ние секогаш грешиме, без разлика дали го разбираме тоа или не. Затоа, единственото нешто што можеме да направиме е да плачеме за нашите гревови. И, како што  водата,капка по капка, мирно и нечујно создава сталактити, така и слатките солзи на вистинскиот плач постепено ја разубавуваат убавината на нашата душа.

Св. Јован Златоуст, во своето човекољубиво слово, не поттикнува сите да започнеме со покајанието. „Да го изгаснеме огнот на гревовите, не со многу вода, туку со солзи. Малку солзи можат да го изгаснат огнот и да ја исчистат смрдеата на гревот. Блажениот пророк Давид го даде своето лично сведоштво за силата на солзите кога рече: „Се уморив воздивнувајќи; секоја ноќ го навлажнувам леглото мое, со солзи свои ја натопувам постелата моја.“ (Псал. 6: 7). Солзите се чиста бања за нашите гревови “(Дискурс 7, За покајанието и наклонетоста).

Кога лееме вистински солзи, нашето битие е просветлено од божествената светлина. Бог ни доверува големи духовни дарови: трпеливост среде неволја, радост сред искушенијата,жртва за оние што имаат потреба,љубов кон непријателите.
Во нас се раѓа таа суптилна чувствителност што прави да се чувствуваме соодговорни за гревовите на нашите ближни и да плачеме за нив.
Свети Симеон Нов Богослов вели : "Како што без вода е невозможно да се измие валканата облека,така е невозможно без солзи да се исчистат дамките и нечистотијата од нашата душа“. Оној што со подвиг и од се срце ги бара солзите,секако ќе ги најде. И дури и ако има срце потешко од бакар, железо или дијамант, тие ќе го направат помеко од восокот. Солзите се како божествен оган што урнува планини, измазнува камења, претвора сè во рај и ги менува душите “(Збор 4, За покајанието и умилението).

За да подготвиме вино или елеј, го гмечиме грозјето или ги ставаме маслинките во преса за да ги извлечеме сите нивни сокови. На сличен начин поминува и човекот кој сака себеси да се принесе како жртва на Бог. Тој ќе биде напаѓан од луѓето. На илјада начини тие ќе го разбијат неговиот горделив и сјаен дух. Срамот,понижувањето и душевната  болка при "кршењето" на себичноста ќе ги уништат неговите страсти. Тогаш ќе почнат да течат солзите на покајанието, кои ќе ги измијат нечистотиите и раните, ќе ги залечат длабоките рани на гревовите и ќе го направат побел и посјаен од снегот. „Изми ме, и ќе бидам побел од снег“ (Псал. 50: 9).

Вистинската несреќа за сите нас е фактот дека општеството ја протера болката од нашите животи. Ја нагласува среќата во форма на егзистенцијален евнухизам и нè заспива со нашата најдлабока болка, а тоа е незнаењето, отсуството и губењето на Бога. Меѓутоа, кога страдањето и болката се враќаат во нашата душа, тогаш ние влегуваме во процесот на заздравување и започнува промената и нашето преобразување.

Ние веруваме дека некој лек одеднаш ќе ја ублажи нашата болка и ќе ни донесе утеха. Идејата за безличен „евтихизам“ и „магија“ ја доведува во опасност нашата лична слобода и нашето активно учество во развојот на нашиот однос со Бога. Тоа е целосна аболиција на човечката личност. Трагично е што понекогаш дури и во Црквата има формализиран религиозен живот отколку жива врска со Бог. Религиозноста станува наша дрога и го укинува чувството на болка како резултат на нашата егзистенцијална празнина. Но, без да плачеме заради оддалеченоста од Бога, нема да можеме да го вкусиме блаженството што носи Божја утеха во  душата.

3.angeli.so.truba

Нашата душа нема живот кога не копнееме по Бога и Го бараме. Таа не може да најде мир. Каде е Бог? Како го изгубивме Него? Како можеме да Го најдеме? И кога зборуваме за барање на Бога, не мислиме само на размислувањата за Него, читањето и истражувањето. Не зборуваме за пребарување од интелектуален или психолошки тип; мислиме на соучесништво на целото наше битие во таа будност што ќе разбуди плач за нашето лутање надвор од В истината, за недостаток на болка во срцето за нашите гревови. И, знаеме дека единствениот смртоносен грев е нашето одвојување од Бога. Оваа незаситна жед за Бога ќе стане секојдневно искуство и трајна состојба што ќе не придружува до крајот. „Совршенството на совршените е бесконечно“, нè уверува свети Исак Сирин (Слово 52). Само оној што ги доживеал благословите што Бог им ги дава на оние што Го сакаат и го бараат, може да има вистински плач. Затоа што оваа личност  од искуство ја знае бездната што го одделува овој грешен живот од блаженството на Бога, што го пробал барем еднаш во животот. И колку повеќе тагува, толку повеќе копнее да стекне божествено задоволство.

„Светиите пролеваат солзи од преголема љубов кон Бога“, пишува Свети Василиј. - Постојано гледајќи во Возљубениот, тие уживаат во таква радост што можат да жалат за своите грешни браќа и да плачат за нив, притоа сочувувајќи ја сопствената духовна радост. И благодарение на солзите пролеани за нивните браќа, тие се почестени од Господ со уште поголема радост. Затоа Свети Апостол Павле нè охрабрува да плачеме со оние што плачат, бидејќи солзите се како семе чиј плод е вечната радост. Така ќе станеме како Ангелите, кои се радуваат затоа што стојат пред Бога и се насладуваат на неискажливата убавина на Создателот “(Слово на Денот на благодарноста).



Блаженството на солзите е дар од Бога за оној чија единствена желба и секојдневна активност е целосно предавање на Божјата волја.


3.angeli.so.truba

Извор: Bogonosci.bg

За Преминпортал обработил Симеон Стефковски