karelin1.jpg

Односите меѓу духовниот отец и духовните чеда наликуваат на различни форми на управување со една држава: демократска, аристократска, монархистичка и деспотска.


ДЕМОКРАТСКИ РЕЖИМ

Отецот и духовните чеда се, пред сè, пријатели. Тие се советуваат еден со друг, заедно ги анализираат работите, заедно ги решаваат проблемите. Зборот на духовниот отец тука не е задолжителен, тоа е само еден од гласовите во заедничкиот хор. На прв поглед ова изгледа добро: нема никакво насилие над личноста, и потчинувањето еден на друг се заснова на принципот на љубов. Духовниот отец настапува само како диригент на својот хор. Општо земено – мир и радост. Но, всушност, во стварноста се случува нешто сосема друго, исто како во некое општество изградено врз демократски принципи. Почнуваат да се манифестираат популизмот и интригите, коишто духовниот отец не може да ги спречи и да ги пресече. Тука се одвива прикриена борба за власт во која, како и во демократијата, победуваат оние коишто се најдобро извежбани за таква борба, коишто не избираат средства и коишто, напоредо со тоа,  се највластољубиви и најпосветени на поставената цел. Тука, како и во демократските уредувања, се формираат внатрешно противставени групи, во игра влегуваат поткупот, додворувањето, интригите, заканите, инсценирани онесвестувања и празни закани со самоубиство, коишто особено силно влијаат врз исплашениот духовен отец. Тој е подготвен на секоја капитулација, ако го види своето духовно чедо како виси обесен, или како лежи без здив облеан со крв, со пиштол во раката, а околу него се меткаат полициски фигури. Наместо духовно раководство, наставникот-демократ трча со шишенце нишадор околу своите духовни чеда. Има само едно финале. Сите заедно почнуваат да раководат со својот духовен отец, и тој трча од една до друга страна, настојувајќи безуспешно да ги смири непријателските табори. Но, сè има свој крај. Како што преживува најсилната ајкула, така до врвот стасува најенергичниот од духовните чеда. Тој го затвора својот духовен отец во неговиот дом и на вратата закачува ливче со напомена: „Отецот е болен. Ве молиме, не вознемирувајте го!“ Ако духовниот отец посака да ѕирне низ прозорецот, безобѕирно го враќаат назад. А бидејќи демократијата е тесно поврзана со либерализмот, односот со духовниот отец станува сосема слободен. Но, и тука понекогаш доаѓа до дворски преврати: духовните чеда, повратени од шокот, се договараат и, одбирајќи поволен миг, го „киднапираат“ духовниот отец и го сокриваат од другиот табор. По такиве искуства, духовните отци-демократи при крајот од својот живот стануваат пропаднати мизантропи. Некои од оние, коишто во младоста ги споредувале своите духовни чеда со мироносиците, во староста почнуваат да се сомневаат, како муслиманите: „дали жените воопшто имаат душа“, макар што тоа не го кажуваат на глас.  

(Наредно продолжение: „Аристократски режим“)

Подготви: д-р Драган Михајловиќ 


Архимандрит Рафаил (Карелин)- Односот меѓу духовниот отец и духовните чеда (2)

 

 

 {MOSHITS}