Ерма

Видение I.


Глава 2

Откако ги изговори тие зборови, небесата се затворија. Ме обзеде тага и страв, и си реков: „Ако ми е припишан тој грев, како ќе можам да бидам спасен? Или, како ќе го умилостивам Бога за другите мои гревови, коишто се многу потешки? Или, со кои зборови ќе можам да го молам Господа да биде милостив спрема мене?“
Размислувајќи така за овие нешта, наеднаш наспроти мене здогледав голем стол, бел како снег, како да е направен од волна. И видов како приоѓа една стара жена, во блескава облека и со книга во раката; таа седна сама и ме поздрави: „Здраво, Ерма!“
Со тага и со солзи и отпоздравив: „Здраво, госпоѓо!“ А таа ме праша: 
„Зошто си тажен, Ерма? Ти, кој секогаш си бил трпелив, умерен и весел?
„О, госпоѓо, една прекрасна жена ме обвини дека сум согрешил против неа“, ì одговорив. А таа ми рече:
„Во твоето срце се беше јавила желба спрема неа. Такво нешто треба да му е туѓо на слуга Господов, зашто за слугите Божји дури и таква помисла претставува грев. И чисто срце не смее да посакува нешто што е нечисто – особено твоето срце, Ерма, зашто ти се пазиш од секаква лоша желба, и си исполнет со простота и со добрина.


Глава 3

Но, Бог не се гневи поради таквата твоја желба, туку заради твојот дом, кој падна во безбожност пред Господа и пред своите родители. Зашто ти, којшто ги сакаш своите синови, не го вразуми своето семејство, туку им дозволи да се расипаат многу. Заради тоа се гневи Господ на тебе, но Тој ќе го исправи сето зло што е направено во твојот дом. Заради нивните гревови и беззаконија, ти беше обземен од световни работи. Но Бог, во милоста Своја, се сожали над тебе и над твоето семејство и те зачува во слава. Не колебај се, туку биди спокоен и зајакнувај го своето семејство. Како што ковачот, работејќи трудољубиво со својот чекан, ги завршува своите работи, така и праведното слово, коешто секојдневно се изнесува, победува секакво зло. Затоа не престанувај да ги вразумуваш своите деца, зашто знам дека тие ќе се покајат од сето свое срце и дека ќе бидат запишани во „Книгата на животот“ заедно со светиите.“
Откако го кажа ова, таа ме праша:
„Сакаш ли да слушаш што ќе ти читам?“
„Да, сакам, госпоѓо“ – ì одговорив.  
„Тогаш, слушај за славата Божја“. – И, откако ја отвори книгата, таа прочита величествени и прекрасни зборови, коишто не можев да ги запаметам, зашто беа толку страшни што човек не би можел да ги издржи. Но, ги запаметив последните зборови, зашто беа кратки и радосни за нас:
„Така, Бог на Силите, Кој со невидливата Своја Сила и со Својата голема мудрост го создаде светот, и со Својата славна Светлина ја украси сета твар, и со Своето сесилно Слово ги зацврсти небесата и ја основа земјата на водите, со Својата мудрост и промисла ја создаде Својата света Црква, којашто и ја благослови. Тој ќе ги видоизмени небесата и планините, и горите и морињата, и сè ќе биде израмнето за Неговите избраници, за да се исполни ветувањето коешто Тој им го даде, со голема слава и радост, ако ги запазат заповедите Божји што ги примиле со голема вера.“


Глава 4

Кога го заврши читањето, таа стана од столот , и дојдоа четворица млади мажи и го зедоа столот и го понесоа кон исток. А таа ме повика кон себе, ме допре до градите и ме праша:
„Ти се допадна ли моето читање?“
А јас ì одговорив: „Госпоѓо, последните зборови ми се допаднаа, но претходните беа страшни и силни.“ Тогаш таа ми рече:
„Последните се за праведните, а првите се за паганите и за отпадниците од верата.“
Додека таа зборуваше, се појавија двајца, ја подигнаа на своите плеќи, и ја понесоа кон исток, кадешто бешеш однесен и столот. Таа беше весела додека се оддалечуваа, и за разделба ми порача:
„Биди силен маж, Ерма!“  

 Подготви: д-р Драган Михајловиќ

 3.angeli.so.truba

Ангелот му даде дванаесет заповеди:

1) да верува во Бога;

2) да живее во простота и невиност, да не злослови и да му дава милостиња на секого што проси;

3) да ја љуби вистината и да ја одбегнува лагата;

4) да го чува целомудрието во помислите;

5) да се учи на трпение и великодушност;

6) да знае дека покрај секој човек е поставен еден добар и еден зол дух;

7) да се плаши од Бога и да не се плаши од ѓаволот;

8) да прави секакво добро и да се воздржува од секое зло;

9) да Му се моли на Бога од длабочината на душата со вера;

10) да се чува од тагата, која е сестра на сомнежот и гневот;

11) да ги испитува вистинитите и лажните пророштва;

12) да се чува од секоја зла желба.

Друго:

 

http://preminportal.com.mk/component/search/?searchword=%E2%80%9E%D0%9F%D0%90%D0%A1%D0%A2%D0%98%D0%A0%E2%80%9C%20%20(%20%20%20%D0%92%D0%B8%D0%B4%D0%B5%D0%BD%D0%B8%D0%B5%20I%20-%20%D0%93%D0%BB%D0%B0%D0%B2%D0%B0%202)&searchphrase=all&Itemid=278

„ПАСТИР“