12 недела по Педесетница, богатство, Неделно евангелие, отец Стефан Санџакоски

Денешното Свето Евангелие нè соочува со чудесниот дијалог меѓу еден млад човек и великиот, вистински учител на сите, животодавецот наш, богочовекот Христос. Момчето, очигледно – убаво воспитано и богоцентрично насочено, му пристапи на Христос со зборовите: „Учителе благи, какво добро треба да направам за да имам живот вечен?“. Христос беше восхитен од мудроста на момчето. Што требаше тоа да направи за да се спаси? Христос праша: „Зошто ме викаш благ?“. Освен едниот Бог, никој не е благ. Како услов за влегување во вечниот живот му го постави чувањето и исполнувањето на законот.

Исполнувањето на етичките принципи на живеење во Бога, примени на Синајската гора од светиот пророк Мојсеј, приведува пред дверите на божествената парусија. За да го обнови паметењето на момчето, Христос ги наброи: не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно, почитувај ги татко си и мајка си, сакај ги ближните свои како себеси. Момчето го слушна сето она што од младини го исполнувал. Затоа го праша Христа: ќе треба ли уште нешто да се исполни? И тогаш Христос апофатички го изведе од старозаветниот закон и го воведе во законот на Новиот завет: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото, па дојди и врви по мене“.Евангелскиот максималистички став го натажи момчето, бидејќи тоа имаше голем имот.

Христос и младичот Христос и богатиот младич Фреска, манастир Дечани, XIV век

Евангелскиот максимализам ги става на проверка вистинските можности на човекот. Та чувме: богатството и зависноста од земниот имот го онеспособија момчето за совршен живот во Бога. Но, она што се случи со момчето од евангелието се случува со човекот воопшто. Човекот се врзува за овој свет преку предметите, преку парите, преку славата, преку моќта, преку стравот од смртта и надворешната естетика. Меѓутоа, поради минливоста на нештата што нè врзуваат за светов, тагата на човекот се продлабочува без можност да се исцели. Христос нè соочува со границите и рокот на траење на сето она што го носи печатот на овој свет. Црвот на смртта и ништотноста го гризе и го изедува, минливо е и менливо, гнилежно и смрдливо. Но, ние патолошки сме се врзале за смртното. Го игнорираме прашањето за нашето вечно постоење во Бога. Вчера се случи погребение на една принцеза (се мисли на погребението на принцезата Дијана, м.з.). Во лондонската катедрала „Свети Павле“, архиепископот кентербериски во погребната беседа ниту еднаш не ги спомна поимите вечност и вечен живот. Сè беше сведено на гол морализам и етикеција, гламур и атракција. Смртта беше скриена зад раскошот на елитата и меѓу четирите ѕидови на пантеонот на бесмртните мртовци.

Атмосферата беше типична и својствена за дворските кулоари, политичките и културните елити и џетсетови на филмските и музичките мегаѕвезди на естрадата, опседнати од самите себе, од својата сопствена убавина и слава. Егоистите и нарцисите го допуштаат постоењето на Бога само толку и само дотаму колку што и до каде што ќе остане отсутен од животот на светот и од историјата на човекот. За нивните човекобожечки величества да останат суверени господари на светов, или го убиваат Бога или измислуваат богови ракотворени и мртви. Христа Бога повторно Го распнуваат, Го плукаат и Го исмејуваат. Бог што сака и знае да влезе во историјата на човештвото, Бог што сака и знае да сострадува со страдањата на човекот, Бог распнат и воскреснат, кој ја споделува судбината на човекот и светот, – таков Бог им е непотребен, бидејќи „премногу се меша во човечките работи“. Затоа, и ако постои, нека постои одандестрана на светов. Нели Сартр, нивниот учител, ги научи дека ако Бог постои, човекот не е слободен? Слободата без Бога е слобода без огради и одговорности. Чиста анархија. Им треба живот без морални скрупули: да се биде слободен за да се има и да се исполни сè што ќе се посака.

Затоа и ние, како и момчето од евангелието, кога ќе ги чуеме зборовите „оди си дома, продај сè, подели им го на сиромашните и тргни по мене“, силно се натажуваме. Христијанството е „интересно“ сè додека е умствено спекулирано, а христијанската теологија сè додека е технологија и инфлација на зборови. Но, теологијата што нема никакво значење за животот – станува митологија. Се живее и се бара волшебна формула за лесен живот, а тешко ни паѓа влогот што го опфаќа целиот живот на човекот, без остаток. Дали ни е блиско откажувањето од самите нас страсни, откажувањето од самите нас самозаљубени, така што нашиот личен живот да биде животот на нашиот брат? Нè учи ли некој така да постапуваме во животот? Престанале ли дома да нè учат на тоа? Можеби улицата нè учи на тоа? Дали институциите на државата, задолжени за тоа, нè учат на тоа? Не, драги мои! Се живее во длабока амнезија или со кратко паметење, „и веќе, уште живи, мртви сме“. Живи мртовци сме, варосани гробови, однадвор глатки, мазни, украсени, а однатре празни и јадни, мртви сме и мртовци оплакуваме. Затоа, повикот што денес го чувме во Светото Евангелие нека биде повик упатен до сите нас да се познаеме себеси однатре, по силата на видовитото око на духот. Тоа треба да биде изострено, чисто, осветено и преобразено преку постот и молитвата, исповедта и покајанието, и преку приоѓањето наше кон светиот путир, од кој Го примаме Христос, распнатиот заради нас и заради нашето спасение и за живот на светот. Да му возвратиме така што ќе се сораспнеме на неговото распетие и ќе крстоносиме со секој наш распнат ближен насекаде по светов. Амин.

Отец Стефан Санџакоски

Извор: http://pravoslavie.mk.

16.09.2017 лето Господово