Отец Павел Флоренски - БОЖЕСТВЕНАТА ПРЕГРАТКА НА БОГА И ЧОВЕКОТ
(писмо)
Многупати започнував да Ви пишувам, и исто толку пати престанував со тоа пишување. Необично посакувам да бидам со Вас во општење, но не Ви пишував (дури и сега не го пишувам она што го сакав), бидејќи со мојот живот има завладеано некаква неизглаголивост, и тоа до таа мера што дури ни за самиот себе не наоѓам зборови, за да во нив го сместам внатрешното свое битие. Само едно ми е јасноː насекаде некакви темни ѕидови, удри ако сакаш и со главата во нив, повторно ни дупче не ќе се отвори.

Од науката и философијата и на нив сличните нешта, веќе одамна дигнав раце, и престанав да мислам дека тие се „сè“. И токму тогаш почнав да се наѕирам себе си, почнав да сфаќам дека смислата и целта на нашиот подвиг и труд е – општењето со личностаː не во „дејателната љубов“ и не во „ служењето на бижните“ (ни на тоа не сум гледал и не гледам како на сè), туку на допирот„на голата душа со гола душа“. Ако постои нешто позитивно, - можноста човекот да постигне нешто позитивно, тогаш тоа може да се случи само во таквиот допир и низ такво соединување, во кое барем два човека би се сфатиле еден со друг засекогаш и до крај. Само во таквиот допир тие можат да се откријат еден со друг како бескрајност. Сфатив дека таквото единство е – темел на сè, и дека тоа е постулат на целокупниот живот. Меѓутоа, дали тоа е остварливо? За мене тоа е судбоносно прашање. И иако во извесни мигови тоа единство бесповратно исчезнува, во други, пак, тоа е налик на потполна стварност, оставајќи зад себе граници и провалии меѓу личностите. Тогаш изгледа дека сите напори за тие да се премостат, остануваат тажна и бесмислена човечка мака... На човекот не му е потребен пријател, па макар тој да бил и гениј, кој грижливо се труди околу умните, префинетите и суптилни односи; нему му е потребен едноставно Другар, и топол, целосен човечки однос; такви односи кои се даваат себе си, а не своето, и ме земаат мене, а не моето. Дали е тоа возможно? Ако не е, тогаш целиот живот се одвива под безизлезен мрачен покров, бидејќи без тоа постанува невозможно и било какво творештво и дејателност. Бидејќи делата сами за себе, неосветени со лични односи, ми изгледаат премногу непотребни; сите дела за мене имаат само символично дејство и вредност, то ест, воколку тие го изразуваат и му служат на личното општење, на внатрешното единство.

Можеби, од философски аспект, во овој момент јас зборувам наивно и површно. Но кога животот исчезнува на човекот не му е до длабочина. И кога не се бави со ништо освен со она што е насушна потреба... Јас не сакам длабочини, не ми треба ни книжевност, не ми требаат ни дела ни творештво, иако можеби би можел да дадам нешто генијално.

Апсолутната вредност, - познанието на Бога, не зависи од нас самите. Тоа се среќава низ огледалото во загатка, во немирниот вртлог на поетските и философските символи. Нам ни требаат – не – срамежливи насмевки на мудроста, туку – СЀ ИЛИ НИШТО! Да Го допреме Бога со рака, - ако е тоа можно, мислам дека е остварливо само преку душата на другиот, на Другарот; со тоа сè се исполнува со сознанието за стабилност, се фаќаме за рака и за „мишката на Силниот“... Сето останато ќе биде благословено, свето, добро, но не сега туку тогаш...

Изворː ДОМОСТРОЈ

Подготви: Т.С.

04.04.2017 год.