20 јуни 2016
"Сеприсутен"  

  Со сè што правиш, со сите твои дела, можеш да придонесеш за твоето спасение. Зависно од начинот на кој нештото го извршуваш. Историјата е преполна со примери на монаси кои станале големи светители работејќи во кујна, или перејќи чаршафи. Патот на спасението се состои во бестрасно ракоделие, во молитва… Нека Бог ти дари сила твојот дух, ум и срце да ги чуваш во духот Христов. Тогаш, сè што ќе ти се случи лесно може да биде преобразено во целост. Она што се чини заморно и здодевно ќе исчезне, бивајќи преобразено од твојата желба да бидеш таму каде што е Христос, твојот Бог…

Старец Софрониј од Есекс

Зборовите на мудриот старец не се добри само за нашето спасение (кое секогаш ни е на дофат на раката), но тие служат и да нè потсетат да не ги делиме нашите животи на два света. Дури и монасите треба да мијат садови… Ако признаеме дека еден дел од нашиот живот е амалски, бесмислен, но потребен, додека другиот дел е интересен и вреден во очите на Бога, тогаш самите ние создаваме еден „двокатен“ универзум во нашиот душевен свет. „Овој дел од мојот живот нема вредност – додека овој дел има голема вредност“. Секако, ова е бесмислено. И самото служење во Светиот Олтар честопати во себе вклучува миење садови.

Зборовите на старецот нè учат дека проблемот со двокатниот универзум се наоѓа, пред сè, во нашето срце – а не во културата околу нас, ниту пак, во послушанијата што ни се дадени. Бог е сеприсутен и сè исполнува. Тој е присутен и ги исполнува и различните досадни задачи што ни се даваат. Ние не сме над ниту едно послушание што ни е дадено. Мајката Божја Му ги менувала повојните пелени на Бога. Нашата љубов кон луѓето околу нас не треба да е ништо помала од ова. Се трогнуваме кога во Евангелието по Јован читаме Исус заплака на гробот на Лазара, Неговиот пријател. И Богородица, многу пред овој настан, Го слушала Бога како плаче и липта, како секое дете. Ниедна мајка, ни татко, не треба да не го уважува плачот на своето дете. Бог во секое нешто ја вложил Својата љубов, преобразувајќи го светот до степенот на нашето спасение. Слава на Бога за сè и во сè – секогаш и секаде.

Отец Стефан Фримен

Извор: