Со читателите ги споделувам сеќавањата и топлитe спомени за ликот на мојот професор МИХАЈЛО ПAРНАЏИЕВ, црковно име отец Гаврил, во 1989 година хиротонисан за ЕПИСКОП со титулата ВЕЛИЧКИ.



Во прва и втора година, во учителската школа „Гоце Делчев“, во Штип, класен раководител ми беше Михајло Парнаџиев. Со својата непосредност и педагошки такт, тој кај нашите генерации остави длабоки и трајни траги што не бледнеат и денес, иако сме во третата доба од животот. На нашите средби неговиот дух секогаш е присутен меѓу нас.
Со почит и љубов се сеќаваме на неговиот лик, на неговиот однос и непосредни контакти со нас учениците. Скромен, смирен, секогаш со позитивна енергија, кај нас учениците ја всади љубовта кон ликовното образование. Посебно се сеќаваме на часовите кога цртавме геометриски орнаменти и ни ја објаснуваше нивната примена како мотиви што најчесто биле застапени на народните носии.

Скулптурите беа негов фах. Тука доаѓаше до израз неговата способност, која со внатрешниот, духовниот лик го сочинуваше богатството на неговата личност. Дворот од неговата куќа, зад зградата позната како „Радничка школа“ (која, всушност, порано и била тоа), беше полна со скулптури и бисти. Работеше заедно со својот татко. Многу од нив го красеа градот. Бидејќи живеевме во исто маало, ние децата често бевме во дворот. Чичко Методиј знаеше да нѐ послужи со бонбончиња, а за Велигден и со црвени јајца.

На првиот час од новата учебна година се изненадивме кога во училницата влезе нов професор. А уште повеќе кога разбравме дека заминал за Света Гора. Неговата определба ни стана сосема јасна. Заминал во пресрет на Бога и да си помогне самиот на себе, на начин и пат што му ги покажа Бог, Кој управува со сите патишта. Тој беше човек кој од верата кон Бога, горештата љубов и чувството на Неговото присуство, ја посакувал длабоката врска со Бога, да се наситува од Неговото присуство. Бог го осветлил со лицето Свое за да го знае патот на земјата, и заминал на Света Гора. Со право Митрополитот Анастасиј Лимасолски забележал дека „човекот што живее заедно со Бога чувствува полнота, апсолутна полнота“.


По девет години поминати во таа „Небесна земја“, како што професорот ја нарече Света Гора, како отец Гаврил верно ѝ служеше на Македонската Православна Црква. Со мечот на јазикот свој се борел против злото. Со силата на својот дух ги растерувал заблудите кај луѓето.

Духовната поврзаност со отец Гаврил кај мене и мојот сопруг ги разгори верските чувства, ни помогна да сфатиме дека потребата на човекот, покрај образованието и доброто однесување (воспитание), е и побожноста, за која, во времето кога учевме, не стануваше збор. Јас и сопругот имавме голема желба да се сретнеме со нашиот професор. Кога разбравме дека служел во Марков манастир, го побаравме, но за жал, таму ни кажаа дека веќе служел во Лесновскиот манастир.

За духовната дејност на отец Гаврил слушавме најубави зборови, секогаш кога одевме во Штип кај моите родители: отец Гаврил имал голема љубов кон верниот народ. Манастирот во Лесново бил место за уживање на верниците. За големите празници манастирот бил полн со верници, како и секој ден. Ги поучувал верниците на вистинското познавање на Бога, на самите себе, да ја гледаат светлината во Божјата светлина, да Го сакаат Таткото на светлината и да Го почитуваат, пред сѐ. Преподобноста на отец Гаврил била почитувана и надвор од нашата земја. Активно работел на подигнувањето на црквата Успение на Пресвета Богородица во Пробиштип.

Нашата желба да се сретнеме со отец Гаврил се исполни во 1989 година, во мај месец. Со мојот сопруг заминавме за Лесново. Кога пред нашите очи ги здогледавме манастирските ѕидови и огромната порта, почувствувавме возбуденост, пред сѐ, од мислата дали тука ќе се сретнеме со нашиот професор. Портата беше малку подотворена. Влеговме во манастирскиот двор обраснат со зелена трева. Пред нашите очи се издигаше црквата. Погледите ја впиваа нејзината убавина. Нашите срца трепереа од она што го гледавме. Лево од црквата беа манастирските простории. Влезната врата на една од нив беше ширум отворена. Оттаму се слушаа шумови од садови. Влеговме внатре. Лево од вратата, на голема трпезариска маса, свештено лице од кофа вадеше чинии и друг прибор, и го редеше на крајот на масата. Дали е тоа отец Гаврил!? – се прашувавме во себе. Кога се исправи пред нас, беше тој – нашиот професор, остарен, со бела коса. Нашето „добар ден“ се изгуби кога тој ни се обрати со зборовите:
–    Што барате тука? Кои сте вие? Така ли се влегува?
Малку се штрекнавме, но само за миг. Јас му се обратив со зборовите:
–    Професоре,  јас сум, Славјанка (така ме викаа).
–    Јас сум Силјан – му рече мојот сопруг.

Со широко отворени очи се загледа во нас, изненаден што го слушна нашето обраќање со професоре. Ги рашири рацете кон нас. Од возбуда не зборувавме. Нѐ гушна. Го слушавме неговото возбудено срце. Зборовите беа одвишни, очите говореа сѐ. Му беше драго. Нѐ однесе во неговата соба, која се наоѓаше десно од трпезариската маса, неколку скали повисоко. Собата не беше голема. Скромна, како што беше и тој – еден дрвен кревет, шпорет, и до прозорецот голема маса. Масата беше преполна со книги и една отворена тетратка со пенкало.
Професорот седна на неговата столица, а ние пред масата, на столовите што ни ги понуди. На разговорот му немаше крај. Збор по збор течеше муабетот. Времето не беше битно. Професорот се интересираше за нашето семејство, за нашата работа. Јас разговорот го забележав како час по педагогија, односно час по дидактика. Се интересираше за сѐ и даваше одредени констатации. Како се грижиме за децата, беше едно од прашањата, велејќи ни дека човечките мани се поправаат со доброто воспитување. Децата можат полесно да се учат од возрасните, затоа што тие сѐ уште не се обременети со лоши навики. И Исус Христос повикува возрасните да бидат како децата, да се одучат од злото што го стекнале со лошото воспитување и од тоа што го научиле од лоши примери.

Децата треба да се воспитуваат грижливо, да се чува нивната душа од лошотиите што ги има во светот. Да го овозможиме семето на чесноста, всадена во нив, среќно да никне со добри постапки, опомени и примери, и нивниот ум да се научи на вистинското познавање на Бога. Светото Писмо нѐ учи дека под небото нема друг поуспешен начин за поправање на човековите мани од доброто воспитување на децата, на младите.

Го слушавме со внимание. Нешто прелета во мислата на професорот. Тоа го забележавме во изразот на неговото лице. Загрижено ни зборуваше за тоа како човекот се одвраќа од Бога, како се спротивставува на Неговата света волја. Неговата поука беше и потврда на нашето сознание за негативните појави кај луѓето против кои треба да се бориме, меѓу луѓето да има заемна љубов, искреност, чистота во мислите, зборовите и делата, еднаквост, вистина, праведност, скромност.
– Здружени со Бога, врвот на секое совршенство, слава и блаженства ќе уживаме довека, рече отец Гаврил.
Заедно влеговме во црквата и запаливме свеќи. Бевме воодушевени од прекрасниот иконостас. Пред иконата на Исус Христос се заблагодаривме за средбата со професорот. Тој стоеше меѓу нас со рацете на нашите рамења. Ни рече дека Христос му е даден на човечкиот род како најпросветлен учител. Тој е пример по кој треба да се образуваме и да бидеме просветени со умот, свеста и совеста, и да бидеме моќни во делата.

Кога заминувавме, нѐ испрати до портата. Тука стоеше со раширени раце, сѐ додека нашиот автомобил не се сокри зад свиокот. Таа слика никогаш нема да исчезне од нашите мисли. Зборовите што ни ги упати како да ни влеаја огромна енергија: „Имајте вера, љубов и надеж“. За чудотворноста на неговата молитва луѓето зборуваат во сите краишта на нашата земја и надвор од неа.

Со сопругот повторно бевме во Лесново на 21-ви ноември минатата година. Манастирот беше обновен со доградени конаци, нова порта и беше преполн со верници. Долго седевме на клупата до гробот на нашиот професор, отец Гаврил. Во тишината чувствувавме чудна енергија, која нѐ понесе во блаженство. Во мислите како да течеше нашиот разговор. Се присетивме на еден момент додека ни раскажуваше за Ерусалим. Ја запомнивме реченицата: „Во Ерусалим светот ќе си подаде рака“.


 
Тука, кај твоите мошти, со љубов ги целиваме и те повикуваме, драг професоре – наш светителу, моли Го Христа Бога да ги спаси нашите души.
Свет отец Гавриле, моли Го Бога за нас.
Му благодариме на отец Исак, кој ни ги дополни сознанијата за чудотворноста на отец Гаврил и за неговата канонизација за светител, која била во тек.

Бог нека ни биде милостив и
во Неговата светлина
да ја гледаме светлината.
Амин.

Славјанка Велјановска


Извор: ПРЕМИН 111/112