Среда од Втората седмица на Великиот Пост

✤✣✤



За молитвата

✤✣✤

Свети Игнатиј Брјанчанинов: Што е постот во суштина? Зарем не се лажат оние кои сметаат дека е потребно да го запазуваат постот само формално, но не го љубат и тешко им е во срцето? И може ли да се нарече пост само запазувањето на оние правила за невкусување мрсна храна во посни дни? Ќе биде ли постот пост, доколку покрај внесувањето на извесни измени во составот на храната, не одвоиме време да се замислиме за покајанието, ни за воздржанието, ни за очистувањето на срцата преку засилена молитва?

Постот – тоа не е диета. Апостолот вели дека: „Храната не нѐ приближува до Бога“ (1. Кор. 8, 8). „Во видливото воздржание на телото нема совршенство, тоа може да го постигнат и неверните од неопходност или од лицемерни причини“, вели Преп. Јован Касијан Римјанин. Воздржанието во храната – тоа е само темел за понатамошната градба, со која „ нашиот ум се запазува во потребна чистота и трезвеност, а нашето срце, пак, во потребната суптилност и духовност“.

Св. Јован Лествичник: Молитвата е свештена царица на добродетелите.

Св. Филарет Московски: Како што од облакот избива молња, така и од молитвата пробива светлината на вистината и расудувањето.

Св. Јован Златоуст: Ништо толку не му помага на преуспевањето во добродетелите, како честото беседење со Бога.

Св. Григориј Ниски: Плодови на искрената молитва се: простодушност, љубов, смиреномудрие, трпение, незлобивост и слично на тоа. Сето тоа што уште пред вечноста раѓа плод, е плод на усрден живот. Такви плодови ја украсуваат молитвата; доколку ги нема, попусто се трудиме во неа.

Св. Теофан Затворник: „Вистина, вистина ви велам: што и да побарате од Отецот во Мое име, ќе ви даде“ (Јован, 16, 23), рече Господ и уште потврди: „Вистина, вистина ви велам“. Каков срам е тоа за нас што не умееме да се ползуваме со таквото неотстапно ветување! И добро би било, само ни е срам од тоа: ова фрла сенка на самото ветување, ако е тоа големо и навидум неостварливо. Не, вината е целата во нас и е главно во тоа што ние себеси не се сметаме за верни слуги Христови, и совеста не ни дава да бараме било каква милост од Господ. Уште повеќе, дури и ако некој пристапи да побара нешто од Бога, тоа го прави со поделена душа: ќе го спомне само попатно во својата молитва еднаш-двапати и го остава; да и потоа вели, „не слуша Бог“. Не, доколку бараме нешто особено, треба да бидеме неотстапни и непоколебливи во молитвата, налик на вдовицата, која и суровиот судија со својата упорност го принудила да ѝ удоволи на молбата. Денешните молитвеници, кога бараат нешто во молитва, молитвата ја придружуваат со пост, бдение, лишување од секаков вид и секакво благодејание и притоа бараат не ден – два, туку месеци и години; и тоа и го добиваат. Подражавајте ги нив доколку сакате да имате успех во молитвата.

Извор: Бигорски манастир