Архимандрит Рафаил Карелин

✤✣✤

Молитвата – највозвишеното дело на човекот

(I дел)

✤✣✤

Треба да се каже дека постојат два вида на расеана молитва. Првиот е кога човекот се труди, но не може да завладее со своето внимание. Умот ги напушта зборовите на молитвата и се врти кон земните нешта. Се крева цела бура на помисли која ги гуши зборовите на молитвата, но човекот сепак, не ја остава молитвата, туку со силата на волјата повторно го враќа умот на зборовите од молитвата, се труди да го заклучи во нив, но одново умот се оттргнува, како ѕвер од мрежата, и човекот одново со напор на волјата го враќа внатре, на зборовите од молитвата што умот ги напуштил. Овде е присутна борба. И поради трудот што човекот го презема ваквата молитва е спасоносна.

Вториот вид е лажната молитва. Човекот Го лаже Бога, оди по лесниот пат и ја чита или изговара молитвата не водејќи сметка за вниманието. Тој не сфаќа пред Кого стои, што прави, со Кого разговара, се преправа дека се моли, а потоа толку се навикнува на ова лицемерие што веќе не го ни забележува. За таквата лажна, мрзлива молитва Пророк Јеремија пекол: „Нека е проклет секој, кој немарно го извршува делото на Господа...“ (Јерем. 48, 10). Овде „проклет“ значи одлачен од Бога. Поради ваквата недостојна молитва, како и поради недостојното причестување, човекот уште повеќе се оддалечува од Бога. За непрестајна молитва потребно е да се чисти умот, за тој очистен ум да се спои со чистото срце. Затоа човекот треба да се чува од лагите кои го валкаат срцето и исполнуваат умот со помисли, како и од злобата, бидејќи со злобно срце не може да се соедини името на Исуса Христа.

-Што стекнува човекот од молитвата во овој живот?

Мир и радост. Гревот душата ја исполнува со горчина и постојан немир. Благодатта Божја, пак, на немирната душа ѝ дава спокој. Надворешното не може да му пружи среќа на човекот, додека во неговата душа постои смрдлива јама. Напротив, молитвата што се твори во срцето и најбедната колиба ја претвора во дворец.

-Кој е најдобриот начин за творење на Исусовата молитва?

Будно да се следи своето срце, да се изгонуваат помислите при самото нивно појавување, како добрите, така и лошите, и да се заклучува умот во зборовите на молитвата. Како пример за тоа може да послужи мачката која седи покрај глувчја дупка и бдее и истиот момент кога ќе се појави глушецот, таа се нафрла на него. Така и умот треба да стои над срцето и со силата на ревноста да ги убива помислите и да ја вселува молитвата во срцето. Како што на чист лист хартија лесно се забележуваат буквите, така и во срцето празно од помисли се врежува името на Исуса Христа. На оние коишто расеано го изговараат името Божјо, тоа им изгледа како нешто познато и нешто на што веќе навикнале, но за тие што се молат со внимание тоа ќе биде секогаш ново и поинакво, бидејќи човекот се менува, а со тоа и неговата способност за богопознание.

Божеството е безгранично. И човековиот вечен живот е вечно богопознание преку приближување кон Него, по пат на осветлување со божествената светлост која и самата душа ја прави слична на светлината.


Продолжува

Извор: Бигорски манастир