Благотворните ефекти на болката

Во оваа нова состојба се чини дека смртта и болката имаат позитивно значење, како другата кожна облека со која Бог ги облекол Адам и Ева кога го напуштиле рајот за да ги утеши во нивното прогонство. Смртта му става крај на злото, инаку тоа засекогаш би постоело на земјата.
Физичката болка нѐ предупредува на болест, за да се пронајде точниот лек. Лекарите знаат колку е благотворна болката. На сличен начин сите видови болка ни помагаат да станеме свесни за нашата пропадливост и да осознаеме до каде одат нашите човечки граници, на тој начин спасувајќи нѐ од каква било форма на себе-обожение.
Болката ни помага да се преиспитаме кон што целиме во нашите животи и нѐ враќа кон нашето вистинско тежиште – Троичниот Бог.
Болката ни помага да ја восовршиме нашата љубов кон Бог, за да не Го љубиме заради даровите што ни ги дава (како што се здравјето и семејната среќа), туку заради тоа што Он е.
На тој начин горкоискушаниот Јов, преку начинот на кој се соочил со болеста и останатите неподносливи искушенија покажал дека Го љуби Бог заради тоа што Он е, а не заради Неговите дарови. Кога лежел на ѓубриштето, покриен со рани, по губењето на своите десет деца, Го љубел Бог исто толку колку што Го љубел и додека бил богат.
Исто така, болката ни помага да имаме правилен став кон нашите ближни, кои честопати – кога самите ние не чувствуваме болка – ги презираме, им нанесуваме неправда и ги повредуваме со нашето себично однесување. Кога задоволството со кое ги искористуваме нашите ближни ќе се претвори во страдање, тогаш сфаќаме колку е погубно нашето недопустливо задоволство.
Во многу случаи луѓе што искусиле голема болка успеале, преку својата болка, зад маските да го пронајдат своето вистинско „јас“, и Му благодареле на Бог за дарот на болката, дури и кога тоа било во вид на неизлечива и тешка болест.
Во други случаи болката може да им помогне на духовно зрели личности да достигнат повисоки форми на совршенство, и да поткрепат и утешат многу сироти души.
Еден пример за ова е блажениот Старец Паисиј, кој го прифатил фактот дека ја има „проколнатата“ болест (рак) со радост, верувајќи дека болните луѓе во светот ќе бидат утешени од сознанието дека и монасите страдаат. На тој начин „проколнатата“ болест за Старец Паисиј станала благослов.

Старец Георгиј Капсанис

Избор од фејсбук страната на :

Катица Проданова