avva-dorotei

Кога Бог го создал човекот, Он во него всадил нешто божествено, како некоја помисла што ја има во себе, слична на искра, на светлина, топлина. Помисла што му го просветува умот и му покажува што е добро, а што зло. Тоа се нарекува совест и таа е природен закон. Според толкувањето на светите отци, тоа се оние кладенци што Исак ги копал, а Филистејците ги закопувале (1Мојс 26,15). Следејќи го овој закон, т.е. совеста, патријарсите и сите светии пред пишаниот Закон Му угодиле на Бога. Но кога луѓето, со гревопадот, ја закопале и приглушиле неа, неопходен постанал пишаниот Закон, неопходни станале светите пророци, неопходно било и самото доаѓање на нашиот Владика Исус Христос, за да ја открие и подигне неа (совеста), та загаснатата искра повторно да се распали преку запазувањето на Неговите свети заповеди.

Сега во наша власт е дали повторно ќе ја закопаме неа или ќе ѝ дозволиме да свети во нас и да нè просветува, ако ѝ се покоруваме. Зашто кога нашата совест ни говори да направиме нешто, а ние го пренебрегнуваме тоа, и кога таа повторно говори, а ние не делуваме, туку продолжуваме да ја приглушуваме, тогаш ја закопуваме и таа веќе не може јасно да ни говори поради тежината што лежи врз неа, но како светилник што свети зад завеса, така почнува и таа да ни ги покажува нештата затемнето. И како што никој не може да си го препознае сопственото лице во вода заматена од многу талог, така и ние по престапот не разбираме што ни говори совеста, така што ни се чини како таа и да ја нема во нас. Сепак, не постои човек кој нема совест, зашто таа, како што веке кажавме, е нешто божествено и никогаш не исчезнува, но секогаш ни напомнува за полезното, а ние тоа не го чувствуваме, бидејќи ја пренебрегнуваме и заглушуваме.

Затоа пророкот го оплакува Ефрем и вели: Ефрем го порази својот противник и го победи судот (Ос 5,11). Противник се нарекува совеста. Затоа и во Евангелието е речено: Измири се со противникот твој навреме, уште додека си на пат со него, за да не те предаде на судијата, а судијата – на слугата и да бидеш затворен; вистина, ти велам: нема да излезеш оттаму сè дури не го дадеш и последниот кодрант (Мт 5,25. 26). Но, зошто совеста се нарекува противник? Бидејќи секогаш се противи на нашата зла волја и ни напомнува што треба да правиме, но ние не правиме, и што не треба да правиме, а ние правиме, и за тоа нè осудува, затоа и Господ ја нарекува неа противник и ни заповеда, велејќи: Измири се со противникот твој навреме, уште додека си на пат со него. Патот, како што вели св. Василиј Велики, е овој свет.

И така, браќа, да побрзаме и да ја пазиме нашата совест, додека се наоѓаме во овој свет и да не дозволиме да нè изобличува заради нешто, да не ѝ се противиме во ништо, макар да е тоа нешто многу мало. Знајте дека од пренебрегнување на она малото и ништожното, всушност, преминуваме и кон пренебрегнување на големото. Зашто, ако некој почне да вели: „Што е важно, ако го кажам овој збор? Што е важно, ако го изедам тоа? Што е важно, ако погледнам на ова или она?“ Од тоа: „Што е важно ова, што е важно она“ – тој паѓа во лоша навика и почнува да го пренебрегнува големото и важното и да ѝ се противи на својата совест, а на тој начин, допирајќи го злото, се наоѓа во опасност да дојде и до совршена бесчувствителност. Затоа, браќа, пазете да не го пренебрегнувате малото, да не го презирате како малечко и ништожно, тоа не е мало, бидејќи со него се образува лоша навика. Да внимаваме на себе и да се грижиме за лесното, додека е тоа е лесно, та да не стане тешко. Бидејќи и добродетелите и гревовите започнуваат од малото и доаѓаат до големо добро или зло. Затоа Господ заповеда да се пази сопствената совест и особено го поучува секого од нас, велејќи: „Гледај што правиш, несреќнику! Опамети се, помири се со противникот твој, додека си на пат со него“. Потоа ги укажува бедните последици од непазењето на оваа заповед: за да не те предаде на судијата, а судијата – на слугата и да бидеш затворен. А потоа што? – Вистина, ти велам: нема да излезеш оттаму сè дури не го дадеш и последниот кодрант. Зашто совеста нè изобличува, како што реков, и во доброто, и во злото, и ни покажува што да правиме. И таа ќе нè осуди нас во идниот век, затоа и е кажано: за да не те предаде на судијата итн.

А пазењето на совеста е разнообразно: човекот треба да ја пази по однос на Бога, по однос на ближните и по однос на предметите.

По однос на Бога совеста ја пази оној кој не ги пренебрегнува Неговите заповеди, па дури и во она што луѓето не го гледаат и не го бараат од нас – тој ја пази својата совест по однос на Бога во тајност. На пример, ако некој станал мрзлив за молитва или, пак, страсна помисла влегла во неговото срце, а тој не ѝ се спротивставил и не се потрудил, туку ја примил. Исто така, ако некој го видел ближниот како прави нешто или говори нешто и, по обичај, го осудил. Накратко, треба да пазиме на сè што се случува тајно и никој не знае за тоа, освен Бог и нашата совест: и тоа е пазење на совеста по однос на Бога.

А пазењето на совеста по однос на ближниот бара да не правиме ништо такво, што знаеме дека би го ожалостило или соблазнило ближниот, со дело, или збор, или изглед, или поглед, бидејќи и со изгледот, како што често повторувам, па дури и со погледот може да се ожалости братот. Накратко речено: човекот не треба да прави ништо, што знае дека намерно го прави за да го ожалости братот. Со ова се осквернува неговата совест, бидејќи сознава дека тоа е направено со цел да го навреди братот или да го ожалости. Ова и значи да се пази совеста по однос на ближниот.

А пазењето на совеста по однос на предметите се состои во тоа, човекот да не се однесува небрежно со некој предмет, да не дозволува да се расипува и да го фрла туку така. Ако видиме нешто фрлено, тоа не треба да го пренебрегнуваме, макар да е ништожно нешто, туку да го кренеме и да гмо поставиме на своето место. Исто така, не треба да се однесуваме неразумно со својата облека, зашто се случува некој да може да ја носи облеката една или две седмици, па дури и месец, но често пред време ја пере и со тоа ја расипува, а наместо да ја носи пет месеци или повеќе, тој со честото перење ја застарува и ја прави некорисна, а тоа е против совеста. Така и по однос на постелата: некому можеби му е доволна една перница, но тој бара поголема постела, или има рогозина, но сака да ја смени и да земе друга, нова или поубава, заради суета или од очај. Некој може да помине со едно покривало, но бара друго, подобро, понекогаш дури и спори, ако не го добие. А ако почне да му забележува на својот брат и вели: „Зошто тој има, а јас не?“ – таквиот е далеку од преуспевање. Исто така, ако некој ја закачи својата облека или покривалото на сонце, па бил мрзлив да ги тргне настрана и допушти да се расипат од жештината, и тоа е против совеста. Исто и со храната: некој своите потреби може да ги задоволи со мала количина на некој зеленчук или пченка, или со малку маслини, но тој не го сака тоа, туку бара друга храна, повкусна и подобра, сето тоа е против совеста.

Отците говорат, дека монахот треба да се грижи да не дојде до тоа, совеста да го изобличува за нешто. И така, браќа, мораме да внимавае на себеси постојано и да се пазиме од сето ова, за да не се подложиме на онаа беда, за која Самиот Господ нè предупредува, како што погоре спомнавме. Нека Бог ни даде да го слушаме и исполнуваме ова, та зборовите на нашите отци да не ни бидат за осуда.

Ава Доротеј

Г.Г.

Извор: http://mistagogia.mk/ava-dorotej-za-sovesta/