ПАРАБОЛАТА – ПРИКАЗНА ИЛИ ВИСТИНА?

За христијаните, кои редовно ги посетуваат богослужбите и оние кои имаат навика да одделат време за читање на Светото Писмо, кога ќе се спомне „парабола“ веднаш пред очи ги имаат Евангелијата и Новиот Завет. Тоа е затоа што за Господ Христос параболата е едно од претпочитаните средства за пренесување на спасителната благовесна порака. Очигледно е дека никој пред Него, а веројатно и никој по Него, не прави таква широка примена на параболата. Кратките стории како онаа за „Милостивиот Самарјанин“ (Лука 10, 30-35), „Богатиот и сиромашниот Лазар“ (Лука 16, 19-31), „Блудниот син“ (Лука 15,11-32), „Талантите“ (Матеј 25,14-30) и многу други успеваат да остават исклучителен впечаток и да останат силно втиснати во сеќавањето. Интересен е фактот дека некои од претходно спомнатите од страна на евангелистите дури и не се именувани како „параболи“! Сепак, светите писатели, во своето раскажување често ги воведуваат Исусовите говори, велејќи: „Тогаш Тој ја кажа оваа парабола“. Во некои случаи, пак, кога евангелистот не покажува посебна грижа тоа посебно да го истакне и да го прецизира, денешниот читател тешко може тие Исусови зборови да ги препознае како „параболи“. На пример, кога евангелистот Лука во својот расказ за посетата на Назарет си спомнува за Христовите зборови: „Некој од вас сигурно ќе Ми приговори со оваа парабола: ΄Лекаре, излекувај се сам!΄ (Лука 4, 23), овде употребениот грчки збор, којшто преведувачите го преведуваат со „изрека“ (таков е случајот и во македонскиот превод) е токму παραβολή, од каде потекнува и нашиот збор „парабола“. Потоа, кога истиот свет писател ги пренесува следниве Господови зборови: „Кога ќе те покани некој на свадба, не седнувај на почесно место, зашто, ако случајно е поканет некој со поголема чест од тебе, па да дојде оној што ве поканил и тебе и него, и да рече: Отстапи го местото...!“ - ние тука гледаме мудар совет, можеби наредба, но дали е тоа  парабола? А од Исус таа е претставена токму така: „А кога забележа како поканетите ги одбираат почесните места, им кажа парабола и им рече...“ (Лука 14, 7).

Познато е дека параболата не е екслузивен библиски збор. Во математиката под „парабола” се подразбира „вид крива линија добиена со сечење на обвивката и основата на конус со рамнина”. За еден кошаркаρ, параболата е крива линија која се покажува при процесот на фрлање. Користењето на оваа парабола е со следнава цел: обрачот се наоѓа на релативно голема висина (3, 05 м), па погодокот може да се постигне исклучиво со фрлање во парабола. Имајќи ги предвид овие факти, како и врз основа на искуството, препорачливо било топката да се фрла под агол од 58°. „Парабола“ се користи дури и да се означи еден вид  антена. Тука се прибројува и библиската парабола, која е стара колку и јазикот, и како и параболичните антени се покажува како моќно средство за комуникација.
Некои параболата ја разбираат и преведуваат со „метафора“ или „споредба“, „расказ“ или „приказна“. Но, за појасно разбирање на смислата на говорот во „парабола“, потребно е да се навратиме на значењето на зборот во грчкиот оригинал. Тој е составен од префиксот παρά, што значи  „покрај” и од глаголот βολλώ што значи „фрла”. Така, буквалното значење на παραβάλλω би било: „фрла покрај“, „фрла надвор од правиот пат“. Значи, параболата би требало да се сфати како порака која се испраќа одоколу, кога се зборува за една работа, додека, всушност, се говори друго. Бездруго, тоа е вистина. Сепак, треба да се забележи дека ова значење не произлегува директно од етимологијата на зборот, туку е плод на размислување врз искуството од самите параболи. Ако, пак, се набљудува коренот на зборот, ќе се открие дека во латинските јазици самиот „збор“ („parola“, „parole“, „palabra“) потекнува токму од παραβολή! Дали тоа значи дека параболата е само еден вид на збор? Или, пак, дека секој збор е параболичен, збор кој „е фрлен покрај“, со цел тој да се дешифрира и објасни? И тоа не е целосно неточно. Параболата е вид на затскриен говор, кој има за цел слушателот да го направи свој и преку личен опит да го разбере неговото значење. А, параболата нема друга функција освен онаа да одведе до вистината: вистината на оној кој раскажува, секако, но и вистината на оној кој ја слуша и прифаќа.

Параболата не ѝ се обраќа на некоја избрана група луѓе, на некоја елита, туку на сите, и на големи и на мали, и на учени и на неуки. Таа е само показател дека директниот говор не е секогаш најсоодветен, и дека понекогаш се чувствува потребата од еден поинаков јазик, кој истовремено е и едноставен и длабински. Параболата не врши притисок, туку воспоставува еден вид молчалива врска со слушателот и го поттикнува да размислува и да делува.

Најпознатата старозаветна парабола е сигурно онаа која пророкот Натан му ја раскажува на Давид (2 Цар. 12). Познато е како царот Давид ја придобил Витсавеја (11,1-5) и како се обидел бременоста да му ја припише на нејзиниот маж Уриј (11, 6-13). Кога не успеал во сето тоа, Давид наместил Уриј да биде убиен (11,14-25), по што слободно можел да ја земе Витсавеја за своја жена. И потоа, старозаветниот автор продолжува да раскажува вака: „Господ го испрати Натан, пророкот при Давид, и тој отиде при него и му рече: ΄Во еден град имаше двајца луѓе - едниот богат, а другиот сиромав; богатиот имаше мошне многу ситен и крупен добиток, а сиромавиот немаше ништо, освен една овчичка, што ја беше купил мала и ја исхранил, и таа беше пораснала при него заедно со децата негови; таа јадеше од лебот негов, пиеше од чашата негова, спиеше на градите негови и му беше како ќерка; при богатиот човек дојде еден странец; и нему не му се допадне да земе од овците или од воловите свои, за да зготви ручек на странецот, кој беше дошол при него, туку ја зеде овчичката на сиромавиот и му ја приготви неа на човекот, што беше дошол при него.”  Давид многу се разгневи против тој човек и му рече на Натана: “Жив ми Господ! Смрт заслужува оној човек, што го направил тоа; и за овчичката тој треба да плати четворно, зашто го направил тоа и затоа што немал милост” (2 Цар. 12,1-6).

Првото нешто, коешто треба да се забележи, е дака параболата е збор Божји, затоа што се вели дека Господ е Оној Кој го испраќа пророкот. Но, кај пророците тоа не е ништо ново. Второ, очигледно е дека параболата зборува за личности без да ги именува: се работи за еден богат и за еден сиромав. Анонимноста е карактеристика и на евангелските параболи. Впрочем, функција на параболата е да го маскира идентитетот на оној кон кого говорот цели. Овде толку добро е затскриен Давидовиот идентитет, така што ниту тој не успева да се препознае во ликот на богатиот! Целиот расказ е фиктивен и е доволно оддалечен од реалната сторија за да не биде веднаш прозрен досетливиот обид на пророкот. Стратегијата на пророкот е да не „напаѓа“ фронтално, што веројатно за него би било многу опасно, па дури и фатално. Негова стратегија е вистината да ја претстави во форма на судски престап пред царот, односно пред оној кој ја извршува фунцијата на праведен и врховен судија над Израилот. А пророкот не прашува ништо, туку се задржува само на тоа да го претстави фактот, без притоа да даде каков било суд. Параболата, секоја парабола, повикува и очекува пресуда од оној кој ја слуша. Па така, и Давид „многу се разгневи против тој човек“. Еврејскиот текст буквално вели: „неговиот нос се воспали многу против овој човек“, што го потенцира силниот надворешен израз на Давидовите чувства. Тоа потврдува дека параболата не е обичен говор од интелектуален тип кој се обраќа само на разумот, туку дека го опфаќа целиот човек во неговата најдлабока афективна димензија, го допира и го менува.

Пресудата е донесена. За царскиот збор нема можност за повлекување, уште повеќе затоа што одлуката е потврдена со заклетва: „Жив ми Господ!“ Пресудата сега е во Божји раце и е неотповиклива! И колкава е тежината на овие зборови, кога наспроти се ставаат животот и смртта: „Жив ми Господ! Смрт заслужува оној човек, што го направил тоа“. Да, параболата не е обична приказна, туку сторија која во игра ги става животот и смртта.

По изречената пресуда од царот, пророкот ја пренесува Господовата: „Ти си тој човек! Така говори Господ, Бог Израилев: „Јас те помазав за цар над Израилот, те спасив од рацете Саулови..., ти го дадов домот Израилев и Јудин и, ако ти е тоа малку, би ти придал уште повеќе; а ти што го пренебрегна зборот на Господа, извршувајќи зло пред очите Негови? Урија Хетеецот го порази со меч, жената негова ја зеде за своја жена...΄ Така говори Господ: ΄Ете, јас ќе подигнам зло против твојот дом...΄ Тогаш Давид му рече на Натан: ΄Згрешив пред Господа“ (2 Цар 12,7-13). На Давид не му останува ништо освен да го исповеда сопствениот грев, препознавајќи се себеси во богатиот од параболата. Но, дали тоа би го сторил и ако пророкот не го користеше параболичното заобиколување?
Параболата, иако се заснова на фикција, сепак таа е секогаш вистинска. Но, секако дека може да остане и да нема фикција. Тоа се случува кога слушателот се задржува на конкретниот карактер на јазикот и не се труди да ја дешифрира смислата на раскажаната порака. Така тој, гледајќи, не успева да види и, слушајќи, не успева да чуе (Мк 4,12, сп. Исаија 6, 9-10).

Ѓоко Ѓорѓевски

 

Извор: ПРАВОСЛАВЕН ПАТ

Скопска епархија