Техниката ја измерила издржливоста на железото, на дрвото, на влакното, на конецот, но издржливоста на душата никој не може да ја измери. Тие знаеја дека во еден момент нашите души ќе откажат. Но не душите, туку нашата добра волја ќе откаже. Оти мислеа дека душата се уништува преку телото, зашто беа материјалисти. Мислеа дека ако телото е измачувано над границите на издржливоста, душата ќе биде уништена и со неа ќе можат да прават што сакаат.

Но не е така. Ако еден предмет се скрши, ако едно парче дрво се скрши, тие тешко се поправаат. Но ако душата се „скрши“, да знаете дека таа се поправа. Душата пупи така како што едно мало дрвце пушта пупки напролет, како што се појавуваат пупки на една скршена гранка. Така, полека, полека пупи душата. Полека, полека се опоравивме, и несомнено, велам, станавме подобри.

Мислам дека Бог дозволи да паднеме зашто мислевме дека сме силни, дека сме многу силни. Примивме поголемо воспитување во страдањето од другите луѓе и кажавме големи зборови.
И Господ дозволи да паднеме за да ни покаже дека сме слаби и за да станеме подобри.
И мислам дека станавме подобри.



(отец Георгиј Калчу)

Отец Георгиј (1925–2006) бил најмалото од единаесетте деца одгледани од неговите побожни православни родители. Кога власта започнала со прогонства на Црквата, како студент по медицина кој јавно ја изразувал својата вера, младиот Калчу им станал сомнителен на комунистичките власти. Во 1948 година, на дваесет и две години, бил уапсен и во затворот бил подложен на „превоспитување“: бил измачуван со цел да се откаже од Христос, за потоа и самиот да почне да ги измачува другите, додека тие не го стореле истото. „Сакаа да ни ги одземат душите“, има кажано отец Георгиј во едно интервју, „не нашите тела“.
Прогонуван од својата „слабост“, Калчу дал завет дека ќе стане свештеник доколку ги преживее измачувањата. Откако бил ослободен во 1964 година, се оженил, добил син, и станал доктор по француски јазик. Но, неговиот завет останал. Кога набргу потоа станал професор во Богословијата (предавал француски јазик), започнал тајно да се подготвува за својот свештенички повик. Бил ракоположен во 1973 година.
Отец Георгиј и неговото семејство живееле мирно, додека комунистичката власт не започнала повторно да ја гони Црквата. Чувајќи го она што самиот го сметал за Божји повик, тој одржал седум проповеди пред младите Романци. Беседите биле изговорени во средите од Великиот пост, и секоја од нив била продолжение на претходната. Тоа бил ретко храбар чекор во Романија во 1978 година. Црковните врати биле затворени за отец Калчу од страна на исплашениот Патријарх, па затоа овој свет исповедник бил принуден да ги изговори пред црковните двери. Самата непожелност кај комунистичките власти го направила отец Георгиј интересен лик за романската бунтовна младина, која станувала сè поприврзана кон него.

Отец Георгиј понудил јасна покана:
„Дојдете во Црквата Христова – за да научите што е девственост и чистота, што е кроткост и што е љубов. Ќе го пронајдете вашето место во животот и смислата на вашето постоење. На ваше чудење, ќе откриете дека нашите животи не завршуваат со смрт, туку со воскресение; дека нашето постоење се темели на Самиот Христос, и дека овој свет не е само празнотија во која надвладеало небитието… Христос ве бара: Христос ве најде!“
На крајот од постот, отец Георгиј знаел што да очекува. На крајот, се исполниле повеќемесечните смртни закани. Чаушеску издал наредба Секуритате да направи Калчу да исчезне.
Сепак, верата на отец Георгиј овој пат била многу позрела и пооформена отколку при неговото прво затворање. И покрај силното измачување со кое се соочил, тој не потклекнал. Во едно интервју, тој го кажал следново: „При едно такво непрестајно испрашување не можев ниту да се сетам на Господовата молитва (’Оче наш‘). Но, тогаш на ум ми дојде Исусовата молитва ’Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме‘. И стравот веднаш исчезна… а јас можев да им се спротивставам“.

И покрај сето страдање, отец Георгиј доживеал неискажливи моменти во затворот.
    „Меѓу чуварите во нашиот дел имаше еден многу млад, со ангелски лик, многу убав и дотеран. Мислам дека беше селско дете. Кога првпат дојдов во затвор, беше многу мирен. Дури и се срамеше од нас кога требаше да ги носиме кофите со измет или кога бевме соблечени. Меѓутоа, со тек на времето се измени и стана најлош од сите.
    Беше Велигден и Му се молев на Бог да не дојде тој чувар. Одеднаш го слушам гласот што јавуваше дека ќе се отворат вратите. Тоа беше гласот на младиот чувар.
    Во ќелијата немаше ништо освен голи ѕидови и даска што во десет часот ја симнуваа и ми даваа по едно ќебе да спијам. Инаку, даската стоеше исправена на ѕидот. Бевме во самици, по еден во ќелија. Кога чуварот влегуваше во ќелијата, ние требаше да се свртиме со лицето кон ѕидот. Тој влегуваше, гледаше дали сѐ е на свое место; секако во ќелијата не требаше да има ништо освен ѕидовите. Потоа излегуваше, ја затвораше вратата, а ние можевме да се вратиме на своето место.

    Но, овој пат не се свртев со лицето кон ѕидот. Чуварот ја отвори вратата и ме виде. Имаше еден момент на колебање и тој се повлече малку назад. Секогаш беа во очекување дека некој ќе ги нападне. Јас му реков: ’Христос воскресна!‘ Тој ме погледна малку, ги погледна чуварите зад него и ми рече: ’Навистина воскресна!‘ Ги погледна чуварите што стоеја зад него, не знаејќи што да прави, дали да ми одговори или не. И тие беа доста исплашени и постојано живееја во страв. Затоа, меѓусебно се шпионираа. Се предаваа едни со други. Беа многу внимателни што зборуваат или како постапуваат. Секогаш некој прислушкуваше или некаде се забележуваше тоа што се зборуваше.
    Неговиот одговор ме погоди во срцето. Сигурно како дете баба му го носела во црква. За мене, овој младич беше како ангелот од гробот на Христос што им објави на жените мироносици: ’Христос воскресна! Дојдете да го видите местото каде што беше положен‘. Наеднаш ќелијата се исполни со светлина, ѕидовите исчезнаа, ладниот воздух се измени, и даската на која спиев светна. А јас бев многу радосен.
    Чуварот ништо не ме праша, ништо не ми рече, излезе и ја затвори вратата. Почекав да видам што ќе се случи, мислев дека можеби ќе му јави на полковникот и ги чекав последиците.
    Дојде и полковникот. Тој беше пијаница и кога беше пијан, беше многу кроток, само кога не беше пијан, беше многу лош. Ми одговараше да дојде пијан, и таков дојде. Се подготвив да го пречекам на истиот начин иако тоа што го доживеав со младиот чувар беше нешто посебно и знаев дека тоа чувство што го имав во неговото присуство нема да биде исто. Сакав да видам како ќе реагира. И му реков: ’Христос воскресна!‘ Полковникот ми одговори: ’Ти Го виде ли?‘ Јас му одговорив: ’Не, но верувам поради сведоштвото на оние што Го видоа – светите апостоли‘. Тој рече: ’Сето тоа е лага!‘ Јас му реков: ’Значи и Сталин и Маркс се лага. Вие верувате во нив поради оние што пишуваа и зборуваа за нив, а вие ги немате видено ни Ленин, ни Маркс, ни Енгелс. Ни Антарктикот не сте го виделе, но верувате дека постои поради оние што пишуваат и сведочат за ова...‘
    Го немав истото чувство што го имав со младиот чувар кој ми одговори со ’Христос  воскресна‘, чувствував една празнина во душата иако полковникот зборуваше со мене, нешто што ретко се случуваше – чуварите да зборуваат со затворениците. Во себе почувствував нешто погрешно. Не постои таков аргумент со кој можеме некого да го убедиме во врска со Исус Христос. Чувствував дека аргументите не ми се исправни. Оттогаш се откажав од изнесувањето докази пред чуварите и пред другите затвореници, пред престапниците. Од искуство научив дека луѓето можат да се променат само преку огнот на твојата сопствена вера. Полковникот продолжи да зборува, имаше желба за разговор, но мене ми остана мислата за младиот чувар.
Тој ден, и после тоа, никого не натепа. Со него се случи чудо. Божјо чудо. А чудото беше дека ми одговори ’Навистина воскресна!‘, без да обрне внимание на последиците што можеа да следат.“

*

„Во Ајуд секоја недела служев Света Литургија. Немав вино, имав само вода и леб. Користев вода наместо вино затоа што Спасителот ја претвори водата во вино на свадбата во Кана и верував дека и тука, во моето страдање, водата ќе се освети. Служев секоја недела. На почетокот, чуварите ме навредуваа, ми викаа ’глупав поп‘, ме пцуеја, доаѓаа на средина на службата и чукаа на вратата, но никогаш не ме тепаа затоа што служев Литургија. Потоа ме оставија на мир. Можеби тие од Црква им рекоа: ’Повеќе не му обрнувајте внимание на овој поп, тој е луд‘.
Имав една пластична чаша што ја користев како путир и едно шамивче за трошките да не паднат на под. Со едно мало стапче го цртав Агнецот за проскомидија и служев сам. Јас бев и певницата и свештеникот што служи.
    Една недела ми го зедоа лепчето што си го чував од петок, кога ништо не јадев, и со него служев Литургија. Таа недела бев многу тажен. Се навикнав секоја недела да служам и немав мир. Три часа се борев со мислата дали да му побарам едно парче леб на чуварот што беше на смена. Тој беше многу лош и секогаш кога ме вадеше од собата за да ја фрлам кофата со измет, ме удираше со ногата за да ми падне кофата на под и потоа ме принудуваше сѐ да соберам со рака. Толку беше вулгарен, толку грдо зборуваше и толкава тага ми донесуваше што си мислев дека ако дојде и почне да ме навредува, ќе ми го расипе денот.
    Но немав мир. Ако не барам, нема да служам Литургија; ако барам, сигурно нема да ми даде, а можеби ќе јадам и ќотек, но сепак имаше една надеж дека ќе ми даде. И си реков да пробам. Можеби нема да ме натепа; ако ме пцуе, и онака секогаш ме пцуе; ако ме навреди, секако цело време тоа го прави, ништо ново. И чукнав на вратата. Дојде и со омраза ме праша: ’Што сакаш?‘ А јас му велам: ’Господине шеф‘ – затоа што така требаше да му се обраќаме – ’дајте ми, Ве молам, едно мало парче леб, колку една коцка шеќер, за да служам Литургија‘. Подзина од изненаденост и рече: ’Овој е луд! Бара леб од мене, и тоа за Литургија. Сите затвореници бараат леб, но никој досега не побарал за Литургија!‘
    Ја тресна вратата и си замина. Се вознемирив и ги очекував последиците. После еден час, чуварот дојде и ми донесе цело парче леб и си отиде. Со тоа парче леб ја служев најубавата Литургија во мојот живот.
    Откако завршив, дојде и ми рече: ’Отец‘ – првпат така ме нарече, инаку ме викаше ’попе‘ – ’на никој да не си кажал дека ти дадов леб затоа што ќе ме избркаат од работа‘. – ’Не, господине, како да направам такво нешто? Па Вие служевте заедно со мене, Вие бевте ангелот што ми го донесе Телото Христово, како да Ви направам зло?‘ Сигурно Бог го испрати да ми донесе леб, тоа не беше добрата мисла на чуварот. Но, тој се измени. Стана многу кроток и никогаш повеќе не ме удри со ногата и не ме навреди. Такви неискажливи работи се случуваа со мене во затворот“.

*

    „Едно време ме ставија во една ќелија во Ајуд со двајца затвореници што извршиле убиство. Едниот од нив беше стар околу шеесет години и повеќепати беше затворан, но сега беше осуден на доживотна робија. Си ја убил мајка му бидејќи не му праќала пакети во затворот. Но мајка му била сиромашна и немала што да јаде. Ја убил и не така едноставно. Ја расекол, а потоа на живо ја сошил со жица. Другиот го убил својот ривал за раката на едно девојче, но не толку ѕверски како првиот.
    Кога ме однесоа во Ајуд, ми рекоа дека треба да работам за партијата и тогаш ќе ми ја намалат казната. Им реков дека не сакам да работам за нив: ’Правете ми што сакате, но јас нема да работам за вас‘. Тие одговорија: ’Ќе видиме дали нема да работиш‘.
    Така, ме ставија со овие двајца што правеа мали дрвени гајби во ќелијата и ме препуштија на нив. Им рекоа: ’Ако не сака да работи, ваш проблем, вие ќе треба да ја направите и вашата и неговата норма. Ако не, нема да добивате ниту јадење ниту пакети‘. 
    Нивната намера беше овие двајца да ме убијат. На почетокот беа многу лоши и вулгарни. Јас не сакав да работам, а тие постојано ме пцуеја и не ми даваа да јадам. Ме тепаа, но сепак, никогаш не ја надминуваа границата на мојата издржливост. Јас бев многу кроток, само што не сакав да работам. Постојано се молев за нив, за Господ да ги омекне и секогаш очекував дека ќе ми удрат еден чекан по глава и толку ќе биде со мене, или, пак, дека ќе ми прават којзнае што за да ме осквернат. И така, зборував кога тие ми дозволуваа, спиев кога тие спиеја, дури и во тоалет одев само кога тие ми дозволуваа, и постојано ми се закануваа дека ќе ме средат ако не сакам да работам. Сигурно власта на затворот ги повикуваше да ги праша што се случува и им кажуваа што да прават со мене.
    По некое време станаа подобри, дури почнаа и да разговараат со мене. Се зачудив. Речиси една недела зборувавме за разни работи и дури престанаа да ми забрануваат. Тогаш им реков: ’Гледам дека веќе немате ништо против мене. Дали може да служам Литургија?‘ Ме прашаа што е тоа. Им објаснив онолку колку што можеа да разберат и ми дозволија.
    Еден ден пред да служам Литургија, нѐ изведоа надвор на прошетка. Ми рекоа да се оддалечам малку, а тие нешто се договорија. Мислев дека планираат да ме убијат и веќе се подготвував за смрт. Потоа дојдоа, и помладиот ми рече: ’Отец‘, првпат така ме нарекоа, инаку ме викаа ’попе‘, ’нема да те убиеме. Ако сакаат, тие нека те убијат, ние повеќе нема никого да убиеме‘. Мислев дека ќе се онесвестам и почнав да плачам. Надвор не прислушкуваа и изгледа чекаа да излеземе надвор за да ми кажат.
    Во недела служев. Ги извадив чашата и шамивчето и почнав да служам. Не се ни завртев за да ги погледнам, зашто повеќе не се плашев од нив. Кога се свртев за да кажам: ’Мир на сите‘, стариот човек клечеше на колена, со главата наведната, а младиот стоеше, но се познаваше дека и тој клечел. Тогаш собата се исполни со светлина. Ми се случи истото што ми се случи со младиот чувар кој ми рече: ’Навистина воскресна‘. 
    Потоа се разделивме, ме извадија оттаму, но кон нив сочував голема благодарност, затоа што со нивното обраќање ми ја донесоа светлината од Тавор и оставија длабок печат во моето срце. Чудесни се патиштата Господови Кој сака секој човек да се спаси“.

*

    Дотогаш, западните земји извршиле притисок врз Чаушеску да не го казнува свештенството. Како резултат на тоа, Христовиот исповедник бил пуштен во домашен притвор, во 1984 година, а следната година пребегнал во САД заедно со својата жена Адријана и синот Андреј, каде што го поминал остатокот од својот живот во слобода. Најпрво живееле во Пенсилванија, а потоа се преселиле во Кливленд, каде што четири години живееле во тамошната парохиска куќа под кирија.
    За сето ова време семејството Калчу претрпело многу тешкотии, особено од материјална гледна точка. Првата година отец Калчу работел како мисионерски свештеник, служејќи и проповедајќи во многу цркви низ САД. Одел и во Европа на разни предавања, интервјуа и пишувал за американски весници. Покрај сето ова, работел и како ѕидар или дрводелец и најчесто живеел кај луѓето што му давале работа. Дома се враќал на две недели или еднаш месечно. Работел и како градежен работник и на грб носел вреќи цемент.
    Во 1988 година, целото семејство се преселило во Вашингтон, каде што отец Калчу ја продолжил својата мисионерска дејност, но продолжил да работи и во градежништво. Бил назначен за парохиски свештеник во црквата посветена на Светиот Крст, која била затворена поради големи долгови кон државата и поради недоразбирања меѓу верниците. Во парохијата имало само осум верници. Со парите што ги собрал во парохијата ги платил долговите и успеал да ја отвори црквата, а со својата голема љубов бргу успеал да ги реши недоразбирањата и да донесе мир меѓу верниците.
    Во сите цркви каде што ќе слушнел дека има некој раздор, со сите сили се трудел да донесе мир и простување. Својата плата ја донирал на црквата за да може да се покријат сите трошоци, а самиот продолжил уште некое време да работи како ѕидар. Поради ова, отец Јустин Парву го споредил прогонството на отец Калчу со ропството на Евреите во Вавилон, кои требало да работат за Египјаните.
    Така, три-четири дена од седмицата отец Калчу работел како градежен работник, а кога не работел, ги посетувал болните и старите верници од парохијата или собирал храна и им ја делел на сиромасите. Крајот на неделата го поминувал во црквата. За две-три години парохијата ги отплатила сите долгови, а бројот на верници во црквата стигнал до педесет семејства. Црквата станала мала за мноштвото луѓе што почнале да доаѓаат на служби, а за големите празници имало верници дури до патот.
    Подоцна неговата жена изјавила дека по излегувањето од затвор, отец Калчу имал силна желба да стане монах. Честопати ѝ велел на својата сопруга: „Адријана, кога бев затворен, се молев на Господ да ме извади од затвор и да станам монах. Но, не можам да станам монах без тебе. Ако сакаш, јас ќе одам во некој машки манастир, а ти во некој женски, а нашето дете (кое тогаш имало три-четири години) ќе порасне во манастирот“. Таа рекла дека отец Калчу пробал да ја оствари својата желба уште додека живееле во Романија, но никаде не сакале да го примат.
    Во 2006 година открил дека има рак на коските и дека состојбата во која се наоѓа е доста сериозна. Претчувствувајќи ја својата смрт, заминал за Романија за последен пат да се поздрави со блиските, со надеж дека таму ќе се упокои. Набргу, состојбата таму му се влошила и морал да се оперира. Неколку месеци ништо не можел да јаде и постојано повраќал. Освен ракот, имал и болно срце и бубрези. Истоштен од болеста, сепак останале тајна неговиот светол лик, неговата насмевка полна со љубов и радоста секому да му подари по нешто од светлината Христова. Една од неговите духовни ќерки, Фредерика Грин, во книгата напишана за него, вели: „Тој имаше насмевка што зрачи. Му се радуваше на животот и секогаш беше насмевнат. (...) Отец Георгиј навистина беше радосен. (…) Беше природно љубезен и секого од нас го држеше за рака, блескајќи со неговата сјајна насмевка“.
    Целото време додека бил во болница ниту еднаш не се пожалил дека нешто го боли, неговото лице секогаш било светло и радосно, а болката како да не постоела. Човечки, ова изгледа невозможно, но таму каде што е утехата на Светиот Дух природните закони не делуваат. Отец Калчу сепак се вратил во САД и последните пет дена ги поминал во една болница во Вирџинија. Се упокоил на 21 ноември 2006 година. На негова молба телото му било погребано во Романија, во манастирот Петру Вода, каде што Старец бил отец Јустин Парву, неговиот сострадалник и доживотен пријател.
    Согласно романската црковна традиција, после седум години од денот на неговото упокојување беа есхумирани моштите на отец Георгиj Калчу. Неговите мошти беа пронајдени нетлени, а од нив се чувствуваше и благоухание. Верници од цела Романија, но и пошироко, притекнуваа кон новооткриениот светител, просејќи милост и благослов од Бога.

*
    На отец Георгиј често му поставувале прашања во врска со неговото страдање во затворот. Ова е одговор на едно такво прашање.
„Што можам да ви кажам? Во моите раце се упокоија луѓе што беа илјадапати повредни од мене. Во затворот многумина што беа повредни од оние што преживееја умреа во рацете на други луѓе, а сепак, јас, грешниот, сѐ уште сум тука. И повторно да зборувам за себе – без разлика дали би зборувал за доброто или за лошото што го направив, тоа сепак ќе изгледа како фалење. Така, многу ми е тешко да зборувам за овие работи.
    Главно, многу пофални зборови се кажаа (во врска со ова); сето ова е само прав и пепел, сѐ е суета, но продолжуваме да се држиме до она што го примивме од Бог и што успеавме да го сочуваме преку страдање, или преку успех, пофалби или вина... На тој начин им остануваме верни на Црквата и на нашиот народ.
    Мојот живот во Романија беше исполнет со добри и лоши настани. Никого не обвинувам, сето тоа беше пратено од Бог за мојата душа да се извежба.
    Некој ме праша дали страдањето во затворот ми помогна на некој начин. Не, не ми помогна, но јас сум производ на тоа страдање. Ако правам нешто, ако сум нешто, ако гледате нешто во мене, знајте дека тоа е поради страдањето. Без тоа страдање, немам ништо!
    Можеби, од сите тешки прашања за човековата личност, страдањето е најнеобјасниво. Зошто е неопходно страдањето? Јас проживеав едно искуство на страдање што ја збогати мојата душа и верувам дека страдањето беше неопходно за мене. Сепак, многу е тешко за човек да го прифати овој принцип.
    Кога бевме во затвор, еден со друг се прашувавме: ’Зошто страдање? Зошто ние? Од сите милиони Романци, зошто ние бевме избрани да страдаме? Која е целта?‘, и Бог ништо не ни откриваше. Секој ден повикувавме кон Него за да ни даде помалку болка, а се чинеше како да ни дава уште повеќе страдање.
    Дури и по ослободувањето од затворот, во себе го чував овој белег на болката, што, се чини, ми го одбележа целиот живот после тоа. По второто затворање, се преселив на Запад и пропатував низ секоја земја во Европа и Америка, зборувајќи за последиците од комунизмот. Намерата ми беше: не можев да не зборувам сѐ додека во мојата земја имаше страдање, неправда, комунизам, уништување цркви и уништување на човековата личност. Во моите патувања наидов на еден манастир и спиев во неговата библиотека. Тоа беше католички манастир. Во библиотеката, меѓу мноштвото книги, најдов една книшка со христијански изреки. Случајно отворив на една страница каде што прочитав една мисла од Пол Клодел, познат француски писател. Тој го имаше кажано ова: ’Христос не дојде во светот за да го искорени страдањето, Христос не дојде дури и да го објасни страдањето. Попрво, Он дојде за да го исполни човековото страдање со Своето присуство‘. 
    Дали чувте? Да го исполни страдањето со Своето присуство! Тогаш сфатив дека кога плачеме или кога се буниме, или кога извикуваме: ’Господи, што ни правиш?‘, Он е поприсутен во нас повеќе од кога и да е, и покрај сите наши гревови, сите наши слабости. Он го исполни нашето страдање со Своето присуство. На тој начин точно го разбрав длабокото значење на болката: Бог е присутен во нас!“
   
извор:
Viața Părintelui Gheorghe Calciu, Editura Christiana, București, 2007
Saint Herman Calendar: New Confessors of Romania, St. Herman of Alaska Brotherhood, Platina, California, 2014

 

ПРЕМИН бр. 103-104

Лето Господово 2015