НА ТАВОР, НО БЕЗ ГОЛГОТА?
Старец Никон Светогорец

Многумина мислат дека Бог создал само едно небо, но Тој создал не едно, туку две. Многумина мислат дека Тој создал само една земја, но тој создал две. Но да почнеме од почеток...

Пред Бог да го создаде овој свет, кој го знаеме и во кој живееме, Он го создал духовниот свет, светот на ангелите. Пред создавањето на светот, кој го познаваме, се случил бунтот на Деница против Бог. Деница бил следен од ангели, кое го предизвикало нивното преобразување во демони. Тие ангели, тие бестелесни суштества станале демони. Тие, бидејќи без тело, се претвориле во нешто толку страшно. И не отишле во адот, туку го создале адот. Знаете ли што значи тоа? Треба да внимаваме во духовните гревови повеќе од телесните. Архангелот станал ѓавол не преку некаков телесен грев (тој немал тело - не блудствувал, не крадел...), туку преку својата гордост, преку еден духовен грев. Гледаме колку е страшна гордоста, како и сите други гревови - затоа токму на нив треба да обрнуваме големо внимание. Кога внимаваме на помислите и пребиваме во смирение, тогаш и гревовите ќе стојат далеку од нас. Духовните гревови се многу потешки од телесните. Презирањето што можеме да го чувствуваме кон другиот, тоа што го сметаме за понизок од нас, е многу потежок грев од телесниот грев. Затоа што кога душата се оддалечува од Бога, наскоро и телото ќе тргне по неа. Телесните гревови се раѓаат од духовните гревови.

И така, бунтот на Деница и неговото паѓање се случи пред создавање на светот. По паѓањето во духовниот свет, Бог го создаде и материјалниот свет. Како што е речено „Он рече и би". Тој ги создаде небото, земјата, ѕвездите, морето, како што е напишано во книгата Битие. Откако ги создаде тие два света - духовниот, и видливиот материјален свет, Бог направи нешто неверојатно. Тој зеде (материјал) од двата света и го создаде третиот свет, во кој ги обедини двата света и го создаде тоа Свое последно создание на уникатен начин. Додека за сите други е речено „Он рече и би", кога дошло времето Творецот да го создаде Адам, Он рекол - да создадеме човек по Наш образ и подобие. „И го создаде Господ Бог човекот од земјан прав и му дувна во лицето дух животен". Тој дал од Својот Дух и го создал Адам, кој ги содржи и двата света во себе. Преку Адам целиот свет имал општење со Бог, бидејќи првиот човек имал и тело, и дух. Во неговата личност биле обединети и двата света. Затоа неговиот пад бил толку страшен. Адам го претставувал целиот свет во мало. Еден антички грчки филосов, без да го знае тоа, кажал нешто прекрасно, кога го нарекол човекот „микрокосмос". Свети Григориј Богослов подоцна вели: „Колку сум мал и во исто време голем". Еден лев интелектуалец - Артур Костлер, голем ум, за да ја покаже големината на човекот вели, дека човекот стасува од ништо до бескрај. Преподобен Јустин Поповиќ - голем српски исповедник, наш современик, за да ја покаже истата мера на човекот вели, дека тој толку е голем, што може да стаса од ѓаволот до Бога. Пак свети Григориј Богослов вели, дека тој е мал по тело, но голем по дух. Зошто? Затоа што бил создаден по образ Божји.

Внимавајте! Човекот не е образ на Бога, туку сме создадени по образ Божји, а образот на Бога е Христос. Ние сме создадени да се уподобиме на Христос по образот Божји, Којшто е Христос. Треба да се уподобиме на Христос, бидејќи треба да станеме богови, како што Христос е Бог. Свети Василиј Велки вели, дека човекот примил заповед да стане бог. Тој посакал да постои независно од Бог, Кој бил извор на неговиот Живот, но наместо да стане бог, тој се оддалечил и го прекинал општењето со Него. Се оттргнал од Него, покажувајќи непослушание. Сакам да постојам без Твоето мислење, спротивно на Твоето мислење, рекол човекот. Каков бил резултатот? Таа врска, која го обединува целиот свет, целата вселена со Бог, била прекината. И еве целото создание се стркалало кон пропаста на распаѓањето. Бог рекол: кога ќе вкусиш од него (од плодот на дрвото за спознавање на доброто и злото), ќе умреш. Адам и Ева не умреле во истиот ден. Од тоа разбравме дека Бог ја имал предвид духовната смрт. Оттука - телото без душа не може да живее. Црквата учи дека благиот Бог ја допуштил смртта, за да не Стане злото бесмртно. Оттогаш се што е создадено офка, доживува болка и   воздивнува. Бидејќи знаеме дека сета твар заедно офка и страда до сега. Бог не го создал светот таков, како што го гледаме ние сега. Тој свет, кој што го знаеме е свет во паѓање. Целото творение го чека спасението на човекот, за да се спаси и тоа со него. Во христијанството никој не се спасува сам. Не само што сите се спасуваме заедно, туку го спасуваме и бессовесниот свет. Кои се пројави на таа вистина? Ги откриваме во тоа што бездушни твари, кои биле во контакт со некој свет човек, ги примаат својствата кои ги имал светителот. Кога свети Нектариј Егински умирал во болницата во Атина и го преоблекле, му ја соблекле облеката, и ја фрлиле на соседниот кревет и штом таа се допрела до еден парализиран човек, тој веднаш се исправил и проодел. Гледаме дека и преку предметите на светителите се случуваат чуда. Што е тоа? Тоа е материјалната природа, која влегла во контакт со светоста и така се осветила. Затоа свети Јован Златоуст вели - одете на гробовите на светителите, на мачениците, и земајте прашина од гробовите. Нашиот живот ја покажува вистината на тоа богословие. Умот не разбира, но ние ги примаме тие работи бидејќи ги живееме. Затоа протестантите не можат да ги разберат светителите и не ги признаваат - бидејќи не ги живеат. Опитот ни ја покажува вистината за Христос повеќе од 2000 години!

Со паѓањето на првите луѓе сè се срушило. На прво место умот на човекот. Умот станал земен прав, вели еден светител, т.е. инструмент, преку кој ние мислиме, првенствено се насочил кон земни работи: како да завојува, како да заработи, што да јаде, како да се облече... Умот ни е насочен кон тоа со што да го заситиме телото, а душата од Адам до денес продолжува да гладува за Бог. Телото се наситува, но срцето не се наситува, додека не го најде Бог. Што се случило по трагедијата на човековото паѓање? Преку своите пророци Бог покажал дека не ги оставил луѓето, туку секогаш бил до нив и се грижел за нив. Вековите минувале и настапило времето Он да создаде ново небо и нова земја. Кога времето се исполнило, тоа ново небо всушност било природното во лицето на Света Богородица. Бог ја зел нејзината плот и се соединил ипостасно со човечката природа. Божјиот Син станал Човек. Тој се скрил во нејзината плот, за да ни се открие нам. Кога Мојсеј ги примил Десетте Божји заповеди и слегол да им ги даде на луѓето, тие не можеле да гледаат кон него, затоа што лицето му светело многу силно од средбата која ја имал со Бог. Затоа тој го покрил лицето, за да може да се доближи до луѓето и да им го даде посланието, кое го примил. Сега Бог како да го направил истото. Тој зел од плотта на Пресвета Богородица, се облекол со неа и нејзината крв, за да може да оди помеѓу нас, за да можеме да Го видиме. Он се скрил, за да се јави!

Ако Пресвета Богородица не се родеше, уште ќе Го чекавме Христос. Затоа ја почитуваме толку многу. Христијанството е најфеминистичката религија во светот. Кој светител го почитуваме после Бог? Почитуваме една жена Пресвета Богородица, која всушност е над сите светители. Пресвета. Во ниедна религија жената не е удостоена со таква чест. Според христијанството Таа е најдрагоцена за човештвото. Свети Јован Златоуст вели - како златарот што сака да направи убав украс и бара да најде чисто злато, најскапоцен дијамант, којшто го има, за да го обработи, така и Бог очекувал да се роди и да ја најде таа жена, за да се роди од нејзината плот и да оди помеѓу нас.

Христос се воплоти заради нашето спасение, за да се спасиме ние. Но само ние ли? Не. Рековме, дека и материјалниот свет ќе се спаси, кога луѓето се спасуваат. А спасението на невидливиот свет? Отците велат, дека преку света Богородица ангелите биле удостоени со непроменливост, т.е. тие веќе не можат да се променат. Пред да се роди Христос, пред да биде распнат и да воскресне, демоните можеле да се покајат и одново да станат ангели (оние кои би го посакале тоа), а и обратно - небесните ангели имале избор да станат демони. По распетието на Христос тие ја зазеле својата конечна позиција. Ангелите секогаш ќе бидат ангели, вели свети Григориј Богослов. Тоа се случило откако се родила света Богородица. Не само што станале неизменливи, но ангелите се удостоиле и со спознавање на Божјите таинства, вели еден друг светител. Ангелите ги научиле работите, кои дотогаш не ги знаеле, тие тајни им биле откриени од самиот Господ. Сега сфаќаме што ѝ должи вселената на Пресвета Богородица. Целиот свет: и луѓето, и видливиот, и невидливиот свет. Затоа и презирот, кој протестантите го покажуваат кон Пресвета Богородица, е толку страшен - ја сметаат за толку ниска. Некои од нив велат, дека света Марија Магдалена стои повисоко од Божјата Мајка и придонела многу повеќе од неа. Веројатно затоа што оддаваат поголемо значење на мисијата, но поентата е да не се правиме мисионери на другите, пред да си бидеме мисионери на самите себеси.
Свети Јован Златоуст вели: Христос го прими моето тело и ми го даде Својот Дух, а свети Николај Кавасила, пак, вели, дека човекот бил прероден преку тоа ипостасно соединување. Преку тоа соединување на Бог со нашата плот се раѓа новиот Адам, Кој не е како првиот. Овој пат Он не е од прав и од дух, туку од крв и од Дух. Се раѓа Богочовекот. Тој е новиот Адам, не е човек, не е Бог, туку двете заедно. Богочовек. Во Посланието до Ефесјаните св. ап. Павле вели - за да соедини се што е небесно и земно под една глава - Христос.

Не знам дали сте го гледале филмот „Страдањата Христови" на Мел Гибсон, но ако не сте го гледале, ви препорачувам да го гледате со големо внимание, затоа што е многу смислен филм. Во една сцена од филмот гледаме како го камшикуваат, и облеан во крв Христос го носи крстот, оди кон распетието, и од една улица доаѓа Пресвета Богородица скршена од болка, заедно со св. ап. Јован кој ја поткрепува. Таа сака да отиде блиску до својот Син. Како да се осмели? Војниците го исмеваат, камшикуваат, коњите роптаат, некои плачат, други се потсмеваат, ѓаволот помеѓу нив... Таа се колеба, одеднаш нешто се случува (нема да ви кажам што, за да го гледате филмот) и таа одолејува на своето колебање, се втурнува кон Христос, Го прегрнува и Му кажува нешто, за да Го охрабри и утеши. На времето кога тој филм се проектираше насекаде, телефонот нон-стоп ми ѕвонеше во ќелијата и ме прашуваа за него. Сите ме прашуваа зошто Христос и одговара нешто, кое нема никаква врска со кажаното од неа. Неговиот одговор е поврзан со она поради што настанала целата таа трагедија. Тоа, кое се случува повеќе од 2000 години во светот, тоа, поради кое 2000 години страдаат христијаните. Нема да ви го кажам, за да го гледате филмот и да внимавате на одговорот на Христос кон Пресвета Богородица.

Според Никола Кавасила, Христос е архетип и цел Адам. Всушност човекот е создаден, за да се уподоби на Христос. Затоа, знаете ли како свети Василиј Велики го нарекува Рождеството Христово? Роденден на човештвото. Сите можеме да славиме роденден на Рождеството Христово. Сега ќе ми кажете - убаво е сето тоа, возвишена философија, длабоко богословие, но мене што ме засега? Каква полза имам од тоа? Блажениот Августин вели има три работи кои Бог не може да ги направи посовршени, иако е семоќен. Тоа е воплотувањето Христово (Неговата човечка природа), богомајчиното достоинство на Пресвета Богородица и бескрајната слава на светителите. И каква полза имаме од сето тоа? Никаква, ако не сакаме. Некои цитати, оние стихови од Писмото, кои гласат: по благодат сте спасени, преку верата беа оправдани. Тие велат, дека човекот се спасува преку верата. Да, Бог те спасува, но ако сакаш. Нашето спасение е во соработка со Бог. Ќе соработуваме со Бог за да се спасиме. Бог не нè спасува насила. Ние треба да сакаме да се спасиме.

Кога се молиме за нешто на Бог, но не го добиваме, тоа не значи дека Он не нè слуша, туку има уште нешто, што треба да го направиме, а не сме го направиле. Додека не го направиме Бог нема да го направи Своето чудо за нас. За да не го направи, значи, Бог има некаква причина. Ќе треба да покажеме дека сакаме да се спасиме. Тој ни кажал конкретни работи, ни рекол: „Не грешете!" Како тоа? На пример, не можеш да речеш дека не сакаш да пиеш, а непрестајно си во друштво на твоите пријатели, кои времето го поминуваат во кафеаните. Ќе ги избегнуваш местата каде преовладува гревот. Кога Бог дава заповед да биде спасен Лот со неговото семејство, Он не им вели, „одете во Содом и Гомор!", туку: „Бегајте далеку во планините..."
„Дојдете при Мене сите обременети, и Јас ќе ве успокојам", - вели Христос. Ние не треба само да ги слушаме Неговите зборови, туку и да одговориме на Неговиот повик. Подобно на мудреците од Исток, кои, штом ја виделе Витлеемската ѕвезда, тргнале по неа. Знаете ли, што значи во тоа време, да го изодиш целиот тој пат, кој го поминале мудреците - без да знаат каде ќе им биде крајот?! А ние, од своја страна, не сакаме да претрпиме дури и најмала тага од љубов кон Христос. Што сака Он од нас? Незначителни и мали работи - преку нив ќе отидеме во рајот, преку мали секојдневни работи ќе се спасиме. Од тоа, како зборуваш со другиот, од насмевката, со кој ќе се сретнеш, од добриот збор кој ќе го кажеш, од доброто дело, од добрата мисла... се едноставни работи кои ќе не спасат. И едноставни работи ќе не пратат во адот. Од тоа, како живееме секојдневно, ќе отидеме во рајот или во адот. Не станува збор за херојски постапки - да не фрлат на лавови, да не затворат во темница, да не колат... Обичниот живот што го живееме ќе одлучи дали ќе се спасиме или ќе погинеме. И кога ќе настапат тешки денови и години, тогаш, според животот што сме го живееле до моментот, до таков степен Божјата милост ќе не поткрепи. Едноставните секојдневни работи, на пример, како исповедта. Колку често пристапуваме кон исповед кај свештеникот? Вреди ли да ни биде толку далеку растојанието од нашиот дом до храмот? Тоа се прашања на кои е важно да си одговориме. Да прочитаме некоја духовна книга, да покажеме малку повеќе љубов кон нашиот брат - за такви работи зборуваме...

Свети Никодим Светогорец обрнува внимание на тоа, како мудреците виделе една ѕвезда и без колебање тргнале по неа. А за тебе, брате, колку ѕвезди создал Бог да светат, за да те доведат до Неговата благодат? Благите помисли на срцето - тоа ни се ѕвезди, кои не водат до Христос. Блага мисла, која Бог ја ставил во твоето срце, некој цитат од Светото Писмо, некоја духовна книга или некој разговор со духовникот. Сето тоа се ѕвезди, кои ни го покажуваат патот кон Христос. Ти, - вели светителот, - никогаш не посака да бидеш воден од тие ѕвезди. Си ги оставил тие небесни светила да светат напразно за тебе и не посака да се поместиш од местото, да направиш дури ни еден чекор, за да Го побараш Бог.

За нас патувањето ни оддалеку не е толку долго. Тоа е пат од дома до храмот. Доволно е да го правиме како мудреците - непоколебиво и трпеливо. Мудреците не покажале малодушност, не се откажале при првата тешкотија по патот, не се измориле и не се поколебале дури и кога имало моменти, во кои светлината на ѕвездите се скривала од нив. Кога стасале во Ерусалим, таа исчезнала, но наместо да се откажат да ја следат целта, тие отишле да прашаат каде е Царот Јудејски... во определен период Бог може да ја оттргне Својата благодат, за да покажеме ние од своја страна колку сме расположени да се подвизуваме. Кога ја имаме Неговата благодат, чувствуваме небесна поткрепа и се добро ни оди, но кога таа благодат ќе се оттргне, тогаш ќе се види нашата вистинска вредност, какво трпение имаме и каква љубов. Затоа свети Никодим Светогорец вели: сите сакаме да го следиме Христос на Тавор, во светлината, во задоволството и радоста, кои го натерале св. ап. Петар да рече: „Добро ни е да останеме тука..." Работата е да го следиме и на Голгота.

Кога ќе покажеме такво трпение, Божјата благодат одново ќе се врати. Таа всушност никогаш не нè оставила потполно, но работата е, кога мислиме дека не оставила да не се разочаруваме.

Некои верници ми велат: „Не чувствувам мир во себе, не чувствувам радост. Порано кога се молев, чувствував внатрешно спокојство, а сега не чувствувам ништо". Но точно сега твојата молитва има вредност - кога не чувствуваш ништо. Сега твојата борба е поважна и повредна од било кога; сега ќе добиеш поголема награда, затоа што вложуваш двоен напор - токму кога не чувствуваш умиление и радост. Божјата благодат одново ќе се врати. Точно како ѕвездата што се појавила одново и ги довела мудреците до јаслите на Младенецот. Затоа отците на Црквата ни велат, дека тоа всушност не било ѕвезда, туку ангел небесен. Оттука често можеме да видиме на византиските икони, наместо Витлеемската ѕвезда, образ на ангел, кој им Го покажува Христос на мудреците.

Ајде и ние да покажеме смирение - да им поставуваме прашања на нашите духовни учители, како мудреците што прашале за да стасаат до новородениот Спасител, да покажеме трпение, да се молиме: „Господи Исусе Христе, помилуј ме!", со трпение и упорност, додека пред нас и во нас не изгрее Христовата ѕвезда. Не можеме сами да се спасиме, не значи дека ќе се спасиме штом чувствуваме радост и спокој во душата, а ќе се спасиме во зависност од тоа, како се однесуваме кон другиот, како му зборуваме, какви мисли имаме за него... Ќе се спасиме прку другиот: нашиот сосед, сопруг или сопруга, родител или дете, пријател или колега. Според Христовото учење нема индивиуално спасение.

Каруља, Катунакија на Света Гора се диви места. Таму се подвизуваше старец Ефрем (Катунакиски) - еден многу свет човек. Еден ден бил обземен од голема благодат. На вратата му зачукал старец Прокопиј и му рекол: „Дојди да зготвиме јадење!" „И јас си помислив - сега да ги оставам духовните работи заради телесните? Да го оставам небесното зарди земното? Веднаш штом го помислив тоа, Божјата благодат ме напушти", - раскажува старец Ефрем. Потоа неколку месеци и многу солзи му беа потребни на старец Ефрем, за повторно да ја врати Божјата благодат, како што ни велеше тој. Не можеме да се спасиме, игнорирајќи го нашиот брат!

Браќа мои, да размислуваме - Бог ни дал ум, да го искористиме. Колку гревови направиле оние ангели, за да станат демони? Еден грев - ќе го издигнам престолот свој до небото. Гордостта - еден грев и еве тие станале демони, и до свршетокот на светот ќе се измачуваат. А колку гревови правиме? Еден? Секој ден грешиме, а Бог не нè поразува, не нè казнува, туку нè чека да се покаеме, да се вратиме да се спасиме. Ангелите паднаа заедно со Деница и Бог не стана Богоангел за да ги спаси. Ние паднавме и Тој стана Богочовек, за да не спаси. Тоа не е малку. Да мислиме на Неговата љубов, макар таа и да е несфатлива за нас, затоа што нема земна логика во Божјата љубов. Таа е нешто, пред кое нашата логика застанува и не може да продолжи напред.

Ајде да се соземеме од небрежноста. И без колебање да тргнеме по патот кон Него, да Го сретнеме во исповедта, во Светата причест, како мудреците што го сретнаа во јаслите. Како Бог што не создал со еден збор („да создадеме човек по Наш образ и подобие"), така Он можел да не спаси со еден Свој збор. Тој Самиот ја преживува трагедијата на Крстот, за да се спасиме ние. И бидејќи нашите срца не се трогнати особено од таа Жртва, св. ап. Павле не повикува: не презирајте го Неговото долготрпение... Не го презирајте трпението, кое Тој го покажува кон нас. Зошто? Затоа што во еден момент може да го загуби и тогаш тешко нас. Да не ја презираме таа љубов! Он нè засака ајде и ние да Го засакаме! Бог едно нешто сака од нас - синко, дај ми го срцето! Само тоа го сака. Ништо друго. Но не и срцето кое станало место за живеење на демоните. Затоа да не се оддалечуваме од парохискиот храм, од молитвата, од светите Таинства на Христовата црква...

Превод од бугарски јазик: Свештеник Игор Пармачки

Извор: Православна светлина

22.04.2015