_DSC0080Човекот го нема изворот на Вечниот Живот внатре во самиот себе. „Човекот не е создаден по природа ниту како смртен, ниту како бесмртен. Зашто, ако Бог во почетокот го создал бесмртен, би го направил како Бог, а ако, спротивно, го создал како смртник, тогаш би произлегло дека Самиот е виновник за неговата смрт. Значи, Тој го создал како битие способно и за едното и за другото“ (св. Теофил Антиохиски).


Човекот сам по себе ја нема ниту потребата да умре, ниту полнотата потребна за бeсмртност. Тој поседува само извесна потенцијална сила; кон што ќе се „прилепи“ со својот живот – таков и ќе стане.

Човекот може да се препушти на Бога, и тогаш станува бесмртен.

Но, ако човекот е затворен во самиот себе и во светот на невечни творби – ќе умре. Човекот, од православна гледна точка, наликува на нуркач кој добива воздух преку црево од бродот. И ете, тој нуркач од невнимание го скинал цревото и го губи здивот. Бесполезно е да се вика на него одозгора, да се грди на него, или, пак, нежно да му се дојави дека капетанот не му се лути поради оштетувањето на цревото. Потребно е некој друг да скокне од бродот во водата и да му додаде ново црево со благотворен воздух и да му овозможи на страдалникот да земе здив. И плачот на луѓето од Стариот Завет, упатен кон Бога, е поради тоа што „нема посредник меѓу нас“ (Јов, 9:33). Нема кој на давеникот да му донесе Небесен Дах.

Почетокот на човековата историја бил допрен со огнот на една космичка катострофа. Преку гревот, во светот влегла смртта. Може да се каже дека во светот експлодирал духовен Чернобил.

Суштината не е во тоа Бог да се лути на нас и да нè казнува од генерација до генерација, од поколение до поколение, заради прекршокот на Адам. Едноставно, самите ја создадовме смртта. Виновни сме што целиот свет, целиот космос почнал да се потчинува на законите на распаѓање и на тление.

Бог, напротив, бара начин да нè спаси од радијацијата на смрта. Во Чернобил на прв поглед сè е мирно. Но, човек што ја пие тамошната вода, ја пие смртта. Кога го вдишува шумскиот воздух – вдишува смрт. Кога собира печурки – собира смрт… Зошто не смееме да трчаме во центарот на чолемите градови? Затоа што дишењето при трчањето е поинтензивно, и колку повеќе воздух човекот внесува во белите дробови во центарот на градот, толку повеќе нечистотија ќе се собере во нив.

Така е и во светот по првородниот грев: колку повеќе „космички енергии“ човек пропушти низ себе – толку повеќе производи на распаѓање ќе се таложат во неговата душа… Така, со разорни енергии се обременети сите „космички откровенија“ и „екстрасензорни движења со раката“, сите приклучувања на „енергијата на космосот“ и на „неиспитани ресурси на човештвото“.

Затоа паганството во Библијата има уште еден атрибут: робување на празни и на ништожни стихии на светот. „Па така и ние, додека бевме малолетни, бевме поробени од стихиите на светот… А сега, откако го познавте Бога, или, подобро, откако Бог ве позна, како тоа пак да се враќате кон слабите и лошите стихии, на кои пак сакате одново да им робувате“ (Галатјаните 4:3-9).

На јазикот на грчката мисла, тоа се оние стихии од кои се состои космосот. „Стихиите на светот“ се стихиите на космосот. Треба да се чуваме од контактот со космичките стихии зашто „со Христа умревме за стихиите на светот“ (Колосјаните 2:20).

За избегнување на играта со овие „стихии“ (односно, религиски разбрани „космички енергии“) постои една мошне темелна причина: тие не се вечни. Еднаш создадени, овие „разгорени стихии ќе се стопат“ (2 Петар 3:12). Значи, душата којашто се исполнува со нивните енергии и која ги прифатила нив наместо Божјите сили, ќе се стопи и ќе согори заедно со нив.

За стекнување на бесмртноста на душата треба да се пробиеме низ легиони космички „енергии“ и да се причестиме со Единствениот Бесмртен. Така, за да ја избегнеме тажната иднина, не треба во сегашноста да градиме свој религиски живот согласно „барањата“ на космосот. Космосот воопшто, со ниту еден свој дел, не може да пружи бесмртност. Тој може да се поима како бесконечен, како вечен во својата целовитост. Но, кој било негов составен дел е вовлечен во кружењето на стихиите, и затоа онаа комбинација, којашто во дадениот миг го сочинува конкретниот дел од „манифестираното битие“, порано или подоцна ќе се распадне. Човекот – мошне брзо; каменот – подолго; бог (Брама) ќе се задржи уште извесно време во постоењето, но и тој ќе исчезне во кружењето на елементите.

Само доколку човекот има наткосмичка потпора за своето постоење, односно ако имаме наткосмичко потекло од наткосмичкото Битие, Битие коешто текот на времето апсолутно не го допрело, има шанса за лична бесмрност.

Протоѓакон Андреј Кураев