СВЕТООТЕЧКА РИЗНИЦА
Старец Ефрем Филотејски и Аризонски

За страдањата, болката и трудот

И сте ја заборавиле утехата која вам, како на синови, ви зборува.
(Евр. 12, 5)

Само со послушание и благодарење на Бог ќе ја покажеме својата потчинетост на Божјата волја. Зарем оној кој се потчинува нема да се удостои уште додека е тука да го здобие вечниот живот? Да, тој ќе живее во вечни векови.

Преку болестите, и воопшто преку сите неволји, Бог како Татко ни ја покажува Својата благонаклонетост, затоа што бара начин да ни ја покаже Својата светост. Секогаш кога страдаме, јасно се гледа дека сме чеда Божји. А кој не би посакал да стане чедо Божјо? Значи, ако сакаш да бидеш чедо Божјо, страдањата и искушенијата кои Бог ти ги праќа истрпи ги со благодарност, вера и надеж.

Зошто си тажен и нерасположен додека чекориш по патот Божји? Треба да тагуваат оние кои ја немаат таа радост, кои заборавиле на Бог и кои не се надеваат во Божјиот животворен и вечен извор. Ние, пак, кои веруваме во Живиот Бог и кои се надеваме на Него, треба да се радуваме, затоа што на Небесата имаме Отец Кој нѐ сака повеќе од сите татковци и мајки, и Кој бескрајно се грижи да нѐ направи достојни за Него.

Кој е тој што се надевал на Бог и бил посрамен? Тука, секако, не се мисли на надеж достојна за осуда, туку на надеж соединета со духовен труд сразмерен на нашите сили, инаку тоа не е надеж, туку потсмевање. Да нѐ избави Бог од таква лукава надеж!

Што и да се случи, немој да ја губиш надежта. Затоа што ќе се појави излез кој ќе одговара на искушението. Бог нема да дозволи, или подобро кажано, нема на човекот да му даде бреме кое ја надминува човековата сила.

Вистина е дека христијаните кои ќе ги истрпат привремените страдања, преку нив ќе стекнат идна, вечна слава и почивка.

Страшна болка го потресла срцето на Богочовекот, и Он извикал: „Боже мој, Боже мој, зошто Ме остави?“ (Марко 15, 34). Земјата се затресла, а црковната завеса се расцепила на средината, што можело и да се види.
Исто така, на духовен (умен) план до темели бил разрушен непробивниот ѕид на проклетството кој стоел помеѓу Бог и човекот. Кога Исус издивнал, се соединило сѐ она што претходно било разделено. Човекот повеќе не бил само пријател Божји, туку станал и Негов роднина, се здобил со благодатта на восиновувањето и станал „наследник Божји и сонаследник Христов“.
Човештвото ја дало Пресветата Секогашдева да биде Мајка на Синот, и Христос од Нејзината пречиста крв добива тело. Таа обожена човечка природа седи од десната страна на Бог Отецот, и Бог сѐ гледа на Небесата, каде што и во таа човечка природа ангелите Му се поклонуваат.

Кога човекот размислува за своето минато, за времето кога не Го познавал Бог и за тоа колку грешел, чувствува понизност, се смирува, плаче, бара прошка и размислува: „Ако Божјата благодат ме напушти, повторно ќе правам грешни дела“. Тогаш во душата се јавува одреден страв соединет со смирение. Ваквото размислување се нарекува согледување на човековата слабост. Дури и без (подвижнички) труд и страдања, ваквото согледување како свои плодови ќе ги даде смирението и духовната полза.

Страдањата се заменуваат едни со други и неопходно е да бидеме трпеливи. Само размислувањето за Божествениот закон ќе нѐ просветли како да ги поднесеме, која е нивната цел и зошто доаѓаат.

Страдањата доаѓаат со цел да нѐ приближат до Бог, затоа што го натажуваат и притискаат срцето, кое поради тоа станува меко и понизно. А кога срцето е понизно, Бог ќе го погледне: „А еве на кого ќе погледам: на смирениот и паднатиот со дух и на оној што трепери пред Моето слово“ (Иса. 66, 2).

Кога ќе дојде страдањето, утешувај се со тоа дека по него повторно ќе дојдат радоста и мирот. Запомни го тоа додека си жив. Тоа сеќавање ќе ти даде храброст во неволјите на овој минлив свет и ќе ја исполни со утеха душата твоја.

Он, бидејќи е Бог, толку страдал заради нас, грешните! Со што ќе се оправдаме ние ако не истрпиме едно искушение од љубов кон Него, или пак поради нашите гревови?

При Своето Второ доаѓање, Христос ќе ни ги покаже страдањата на Своето тело како доказ за Неговата љубов кон нас. Тогаш, чедо мое, и ние ќе Му ги покажеме нашите срца, измачени и окрвавени од страдањата кои сме ги поднеле заради љубовта кон Него.

Да војуваме со разјарените бранови и да Го повикуваме Семоќниот Бог: „Боже на силите! Сврти се, погледај од Небесата“ (Псал. 79, 14), погледни ги искушенијата мои и помогни ми да ја извршувам волјата Твоја, зашто Ти си мој Бог.

Што се однесува до болката која те мачи, повеќепати ти кажав дека тоа е твој крст кој Исус ти го дал, за да можеш да Му последуваш и за да не ти биде непозната Неговата љубов. Секој што искрено Го љуби, не Го следи само до Таворската гора каде што се открива славата на Неговото Божество; со други зборови кажано, не само за време на Неговата посета преку слатката благодат и радост, туку Го следи и искачувајќи се на светата Голгота и за време на Распетието, односно во време на отсуство на Неговата благодат и во тажните моменти кои предизвикуваат страдање, болка, очај, сомнеж, напор и пот. И всушност, тогаш се открива каков е внатрешниот човек: дали е лицемерен или искрен, дали е опитен или неопитен, дали е капетан или морнар. Тогаш се искушуваат и нашите намери, и оној кој е храбар однатре, ќе биде награден со Божјата посета, преку умножување на благодатта. На тој начин христијанинот се восовршува во духовната борба, сѐ додека не стигне на крајот и не отпочине.

Животот на човекот е мачеништво. Откако отпаднавме од вистинската среќа, ги собираме плодовите на својата непослушност. „Земјата трње и троскот ќе ти раѓа“ (1 Мој. 3, 18), а тоа се однесува и на земјата на твоето срце. Како инаку ќе знаеме дека сме отпаднати, ако не преку страдањата и маките?

Еден преподобен Отец постојано бил болен. Кога оздравел, и потоа бил здрав подолг период, Му се обратил на Господ: „Боже мој, зошто ме напушти? Зарем не сум достоен за Твојата љубов, барем малку да страдам поради неа?“

Ѓаволот во семејствата сее очај, незадоволство, завист, тврдоглавост итн., така што во многу семејства постои еден човек кој ги нарушува мирот, спокојството и радоста.

Ѓаволот го сее своето семе меѓу житото: такви луѓе постојат дури и во монашките братства. Таквата личност не е зла само по себе, но со својата слабост во однос на роптањето, тврдоглавоста и слично, станала демонско оружје кое го нарушува мирот и безмолвието на останатите.

Искушенијата ни се секогаш од полза, но само ако сме трпеливи. Кога искушенијата ќе заминат, на човекот врз кого се обидувале да делуваат му оставаат опитност и плодови соодветни на трпеливоста и вештината што ги покажал во текот на борбата.

Што да правиме кога не постои друг начин за спасение освен искушенијата? Биди трпелив до пролевање крв. Така се подвизувале и нашите Отци, и станале свети.

Да, чедо мое. Принудувај се. Знам од што страдаш и колку страдаш, но тоа бара трпение. И Христос е трпелив кога грешиме пред Него и чека да се покаеме.

Како што лекарот го лечи болниот со операција, горчливи лекови и ампутација на делови од телото со цел да го излечи, а не за да го мачи поради сопствената злоба, така и Бог, како Исцелител на нашите души и тела, нѐ лекува со најразлични лекови, болки и страдања, со цел да ни подари духовно здравје, а тоа е најголемото добро што постои. Меѓутоа, оние кои се жалат и немаат трпение, а таков сум и јас, ја губат духовната полза и им останува само болката.

Без разлика колку и да страдаме, ќе дојде време кога сето ова ќе заврши и секој од нас ќе отпочине во согласност со трудот кој го вложил. Дали страдаш? Дали тагуваш? Дали плачеш поради неволјите? Дали си уморен? Охрабри се, затоа што така се здобива Царството Небесно.



извор: Старац Јефрем, „Очинске поуке“, Београд, 2000

Преземено од: ПРЕМИН бр.101/102